1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Битка за термини за вакцинирање против сезонски грип

ДТЗ /ДВ
10 ноември 2020

Огромен интерес кај граѓаните на првиот ден од почетокот на вакцинацијата против сезонски грип. Ако лани биле фрлени 610 неискористени вакцини, годинава за само неколку часа се потрошени првите 2000 дози

https://p.dw.com/p/3l77K
Symbolbild Impfung
Фотографија: Robin Utrecht/picture alliance

Во екот на пандемијата со коронавирус, постои огромен интерес за вакцинирање и против сезонскиот грип. На првиот ден од вакцинацијата во Скопје, за неколку часа потрошени се првите 2.000 дози вакцини со приватно купување кои чинат 800 денари. Се чекаат нови дози и нови термини. Граѓаните се жалат дека не можат да најдат слободен термин за вакцинирање, особено постарите категории кои се почувствителни на сезонските настинки.

Лекарите препорачуваат вакцинација против сезонски грип за ранливите категории граѓани, лицата над 64 години, бремените жени и децата. „Во пунктовите на здраствен дом распределени се вкупно 2.500 илјади вакцини. Веднаш штом ги потрошат, ќе добијат нови дози“, вели директорот на здравствен дом, Виктор Исијановски. 

-повеќе на темата: Што ќе се случи кога ковид ќе се сретне со сезонскиот грип? 

Граѓаните ќе можат да се вакцинираат со упат од матичен лекар. Останатите граѓани, пак, кои не спаѓаат во ранливите категории, можат да се вакцинираат  приватно во Центарот за јавно здравје. Таму, утринава од 7 до 11 часот, беа потрошени првите 2.000 дози. Се очекуваат нови 2.000 дози.

Лани фрлени 610 неискористени вакцини

Директорот на Центарот за јавно здравје Скопје, Александар Стојанов во изјава за Миа вели дека чекаат да добијат уште 2.000 вакцини кои сè уште не им се испорачани од производителот.

„Осумдесет отсто од категориите граѓани кои требаше да ги добијат бесплатно вакцините, дојдоа кај нас и ги потрошија. Причината е тоа што преку ‘Мој термин‘ оваа недела им е пополнет терминот и луѓето не сакаат да чекаат, сакаат да си платат и да завршат побрзо работа. Луѓето се исплашени и сакаат да си го заштитат здравјето. Минатата година 610 вакцини против грип ги фрливме, немаше кому да ги дадеме“, вели Стојанов. 

-повеќе на темата: Германија: Кој, кога и како ќе биде вакциниран против коронавирус

Министерството за здравство информираше дека за бесплатно вакцинирање се набавени 40.000 дози вакцини против сезонски грип, 12.000 повеќе споредено со минатата сезона. Термините за бесплатно вакцинирање ги закажуваат матичните лекари, а се вршат во здравствените домови и општи болници во градовите.

Лекарот Ненад Лазаров на Фејсбук, оцени дека закажувањето на вакцините за сезонски грип е „тотален дебакл“.

„Пуштените термини беа закажани за за само неколку минути тотално рандом. Кој стигна, фати термин. Останатите? Како да им објасниме на пациентите дека некој има закажано а некој не, дека се спроведе „игра на брзи прсти“ за закажување?", прашува д-р Лазаров. Тој смета дека бројката на вакцини односно термини е премала и не ги задоволува потребите. Во вакциналните пунктови во Скопје велат дека интересот за вакцина годинава е многу голем, особено кај повозрасната група на граѓани и хронично болните.

Идната година вакцина за Ковид-19

Министерот за здравство Венко Филипче денеска најави дека во јануари или февруари во земјата би можеле да пристигнат и првите вакцини против Ковид-19.

Претходно, две компании, „Астра Зенека“ и „Фајзер“, најавија дека се на добар пат за пуштање во употреба на нивните вакцини против коронавирусот.

„Верувам дека ќе дадат одобрување по таа т.н. ургентна постапка и дека некаде до Нова година, такви се очекувањата, ќе добијат дозвола двете вакцини да бидат дистрибуирани“, рече Филипче.

Земјата ги очекува вакцините преку ковакс-механизмот, за што е потпишан договор со согласност на Владата и обезбеден е буџет.

Според Филипче, земјата добила две понуди за вакцините, една од полскиот амбасадор во земјата и една од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.