1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Земји во ЕУ со добар имиџ потфрлија во кризата со Ковид-19

Ута Штајнвер
12 јануари 2021

Многу држави од западна и северна Европа имаат имиџ на добро организирани. Но, кога станува збор за менаџирање на кризата со коронавирусот, постојат сериозни проблеми.

https://p.dw.com/p/3noKy
Coronavirus Belgien Brüssel Intensivstation im Krankenhaus
Фотографија: Getty Images/AFP/K. Triboillard

Германија

Во текот на првиот бран на коронавирусот, Германија во светот се сметаше за водечка во сузбивање на пандемијата. Во меѓувреме одамна го прокоцка тој имиџ. Кога канцеларката на крајот на септември предупреди дека бројот на инфицирани до Божик може да се искачи на 19.200 дневно, сите ѝ се смееја. Покраинските премиери дури на средината на октомври се согласија на „лесен карантин“, односно делумен локдаун. Ангела Меркел се залагаше за построги мерки. На почетокот на ноември Институтот Роберт Кох првпат објави регистрирани преку 20.000 нови инфекции во текот на еден ден. 

Во средината на декември и почетокот на јануари правилата мораа да бидат заострени ширум цела Германија. Премиерите на Тирингија и Саксонија, моментно најмногу погодени од пандемијата, сега ја признаваат грешката. „Канцеларката беше во право, јас погрешив“, изјави шефот на владата на Тирингија, Бодо Рамелов во интервју за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. Неговиот саксонски колега Михаел Кречмер за весникот „Фри прес“ од Кемниц констатираше дека гледајќи ретроспективно, ќе беше многу подобро ако локдаунот беше воведен многу порано, „дури иако тоа сигурно би резултирало со неразбирање кај населението“.

Грешки се направени не само есеноска како одговор на сѐ поголемиот број инфекции, туку и во подготовката за сегашната ситуација. На почетокот на пендемијата виролозите и лекарите постојано нагласуваа дека вирусот полесно се шири во постудените годишни времиња и дека ќе дојде до втор бран. Но, наместо летото да се искористи за подготовки, времето беше преспиено или загубено, гласи критиката која ја упатуваат опозициски политичари и разни здруженија. И натаму се каска во поглед на дигиталната опременост на здравствените заводи и училишта и не постојат функционални концепти за начинот на продолжување на наставата во текот на пандемија. Се чини дека вториот бран пандемија целосно ја изненади Германија.

Данска

И Данска добро се држеше на почетокот на пандемијата. Огромно мнозинство Данци, 95 % од анкетираните, сметаа дека нивната влада добро ја завршила работата во борбата против пандемијата, како што објави Pew Research Centar летото. Но, потоа стигна ситуацијата со куните. Овие животни поради своето крзо се одгледуваат во голем број на фарми во Данска. Кај некои беше откриена мутирана верзија на САРС-КоВ-2. Загрижени дека мутираната верзија на вирусот може да се пренесе врз луѓето и да се намали ефикасноста на вакцините, властите наложија убивање преку 15 милиони куни. Нивните трупови сега создаваат проблеми: гасовите кои се ослободуваат во текот на процесот на распаѓање, ги исфрлија труповите на површина.

Dänemark Coronavirus Tötung von Nerzen
Мутиран вирус кај куните предизвика бројни проблеми во ДанскаФотографија: Mads Claus Rasmussen/Ritzau Scanpix/REUTERS

Локалното население стравува од загадување на питката вода. Во мај убиените животни ќе бидат ископани и запалени. Скандалот би можел да има фатални последици за Данска, смета Сорен Риис Палудан, професор на Институтот за биомедицина на Универзитетот Аархус. Во средината на декември тој за „Фајненшл тајмс“ изјави дека целата приказна со куните ја засени борбата со пандемијата: „Три недели не зборувавме за зголемувањето на бројот на инфекции. Фокусот веќе не беше на пандемијата, а бројот заразени растеше“. Училиштата, рестораните и најголем дел продавници се затворени од средината на декември. Пред неколку дена Данска повторно ги заостри антикорона-мерките.

Холандија

Холандијадолго не водеше сметка за носење маски во јавноста, тоа беше задолжително само во средствата за јавен сообраќај. Владата се сомневаше во маските како ефикасно средство за заштита. Дури на крајот на септември им даде препорака на граѓаните да носат маски заради своја и заштита на другите. Од 1 декември маските се задолжителни во затворен јавен простор. Притоа, Светската здравствена организација уште од јуни инсистира на маските како вид на заштита.

Многу критики има и на нејасната владина стратегија во однос на вакцинацијата. Лекарите ја нарекоа „хаотична“, „збунувачка“ и „срамна“. Холандија беше последна земја во ЕУ која почна со вакцинирање и тоа на 6 јануари, десет дена по Германија и останатите. Вакцината одамна е стигната во земјата. Тоа што Холандија се колебаше околу воведување мерки и примена на општоприфатена стратегија, изненадува со оглед на преоптовареноста на болниците во текот на првиот бран, па одделни пациенти со Ковид-19 мораа да бидат доведувани на лекување во Германија.

Белгија

Белгија имаше лош имиџ дури и пред пандемијата на коронавирус, што е во спротивност со клишето за добро организирани западни земји. Политички, Белгија е тежок случај: преговорите за владејачка коалиција знаат да потраат и до еднаипол година. Земјата, чиј главен град воедно е и седиште на ЕУ, исто се бори со коронавирусот. „Близу сме до цунами“, изјави во средината на октомври министерот за здравство Франк Ванденбруке.

Болниците се преоптоварени, пациенти се селат во соседни држави, а заразените здравствени работници мораа да продолжат со работа. Белгија во одредени временски периоди, како што наведува Здравствената агенција ЕЦДЦ, имаше најголем број нови инфекции во ЕУ во однос на бројот жители. 14-дневната инциденција со 1774 инфицирани на 100.000 жители достигна кулминација  на крајот на октомври. Во меѓувреме ситуацијата е нешто ублажена поради острите рестрикции. 

Шведска

Шведскадолго одеше по сојот сопствен, контроверзен пат. Наместо мерки против коронавирус, скандинавскаата земја главно се потпираше врз природен тек на епидемијата заради постигнување општ, односно т.н. имунитет на стадо. Но, бројот заразени есеноска нагло порасна. Во воето божиќно обраќање кралот Карл Густаф стратегијата и посебниот пат по кој одеше Шведска во пандемиајта, го нарече пропаднат. „Имаме голем број смртни случаи и тоа е страшно“, рече кралот. Во петокот парламентот усвои закон со кои на владата ѝ дава овластувања за затворање на продавниците.

Австрија

Пред речиси една година, скијачкиот центар Ишгл стекна тажна репутација на жариште од кое пандемијата на коронавирус се рашири низ Европа. Една независна експертска комисија ги потврди грешките и пропустите во спречување на ширење на вирусот во ова скијалиште. Скијачките предели во Австрија беа повторно отворени, но по големата навала, одделни региони мораа да ги заострат правилата.

Österreich Corona-Pandemie Skigebiet Semmering
Сѐ почна од скијачки центар во АвстријаФотографија: Alex Halada/Getty Images/AFP

Во Австрија е кризно. На почеток на декември сепакнемаше многу заинтересирани за масовни тестови. Канцеларот Себастијан Курц се најде на мета на жестоки критики кога ги обвини мигрантите дека летоска го внесле вирусот во земјата. Бројките тоа го демантираа. А сега, почетокот на вакцинацијата во Австрија е проследен со проблеми, вакцините чекаат неупотребени во складишта. Повиците за оставка на министерот за здравство Рудолф Аншобер се сѐ погласни.

Франција

Според податоците на Универзитетот Џонс Хопкинс од Балтимор, Франција, по Велика Британија, е втора земја според број на заразени во Европа. Ширењето на вирусот можеше да се запре само со драстични мерки, во кои спаѓа ноќен полициски час и многу мал радиус на движење.

Поради преоптоварените болници, пациентите со тежок тек на болеста предизвикана од Ковид-19, пролетоска беа преместувани во Германија, а така беше и есеноска, како мерка на превентива. За бавниот почеток на вакцинирање регионалните политичари ја обвинија владата во Париз.„Станавне предмет за потсмев ширум светот“, изјави за Дојче веле Мишел Рошој, лекар по општа пракса во Отро, место во северна Франција. „Како е можно работите да одат толку споро во земја која има толку добар здравствен систем“, се прашува тој.

Пандемијата има и некои неочекувани текови: една електростопанска компанија ги повика Французите да штедат електрична енергија. Тоа го објасни со фактот што мнозинство Французи „се греат на електрична струја, која сега почнува да недостига. Тоа е поради ниските температури и недостиг на работи на одржување на системот, кои се прекинати поради пандемијата.“

Но, ситуацијата во поглед на пандемијата не е влошена насекаде во Европа: Норвешка и Финскадосега добро го пребродија вториот бран.

Текстот е напишан во соработка со Лиза Луис, Париз.