Одбиена гаранцијата за Орце Камчев
30 април 2021Бизнисменот Орце Камчев останува во притвор, откако Апелацискиот суд во Скопје ја одби гаранцијата поднесена од неговите бранители во висина од 1,7 милиони евра за да биде пуштен во домашен притвор. Судот смета дека гаранцијата не е доволна, бидејќи сѐ уште постои опасност од бегство. Одлуката е донесена вчера, со што осомничениот во случаите „Империја“ и „Плацевите на Водно“ останува во Истражниот затвор „Скопје“.
Адвокатот на Камчев, Антонио Апостолски во телефонска изјава за Телма вели дека одлуката е донесена без да им се овозможи и да бидат повикани адвокатите на јавна седница, која е законски задолжителна кога се расправа по жалби за вакви истраги и кривични дела.
-повеќе на темата: Сознанија во „притвор“, шпекулации на слобода
Камчев беше уапсен на 13 март, откако во службена белешка на Агенцијата за национална безбедност било посочено дека реализирал средби со луѓе од странство кои биле таргет на агенцијата, кои биле индиција за можно бегство во Бугарија.
Камчев е осомничен за случајот „Плацеви на Водно“, за имот кој е поврзан и со експремиерот во бегсво, Никола Груевски, како и за предметот „Империја“, за којшто поранешното Специјално јавно обвинителство отвори истрага во ноември 2018 година. Перење пари, злосторничко здружување, измама се дел од кривичните дела опфатени во оваа истрага.