Лица со „значителни“ алергии да не се вакцинираат
9 декември 2020Двајца соработници на британската Национална служба за здравство (НХС) со предисторија на алергии имале алергиска реакција на вакцината, изјави шефот на НХС, Стивен Пауис денеска пред една парламентарна комисија во Лондон. „Двајцата се опоравуваат добро“, додаде тој и нагласи дека предупредувањето е чиста мерка на претпазливост, како што е и вообичаено кога станува збор за нови вакцини.
Велика Британија е прва земја која издаде дозвола за вакцината на фармацевтската компанија од Мајнц, Бионтек и на американската компанија Фајзер. Процесот на вакцинирање почна вчера. Британските медиуми јавуваат дека веќе се вакцинирани повеќе стотици луѓе. Велика Британија нема да ја користи само вакцината на Бионтек/Фајзер. „Очекуваме, веројатно до средината на годината (2021), збир од три или четири вакцини кои ќе може да ги применуваме“, изјави во парламентот во Лондон медицинскиот советник на владата, Крис Вити.
Регулаторната агенција за лекови и здравствена нега во Велика Британија (МХРА) најави детално истражување на случаите со алергиски реакции. Бионтек и Фајзер објаснија дека во клиничката студија со над 44.000 учесници вакцината била добро поднесена и дека не настапиле сериозни сомневања во нејзината безбедност. Според протокол кој го објави Фајзер за текот на истражувањето, меѓутоа, во истражувањето релевантно за добивање дозвола не биле приклучени лица со предисторија на тешки нуспојави поврзани со вакцина и/или тешки алергиски реакции на некоја од супстанциите кои биле дел од студијата.
Повеќе:
Оправдано прашање: Дали да се вакцинирам?
Велика Британија: Првата вакцина против корона ја доби 90-годишната Маргарет
„Бионтек“: Турското семејство кое ја создаде вакцината против коронавирусот
Лична приказна: Моето искуство со Спутник 5, руската вакцина против Ковид-19
МХРА е прво регулаторно тело во светот кое издаде итна дозвола за вакцината. Надлежните тела во САД и Европа, ФДА и ЕМА, се' уште го разгледуваат давањето дозвола. Утре треба да се состане Советодавната комисија за вакцини на ФДА за да ги провери податоците од Бионтек и Фајзер. Во документ кој беше објавен вчера, ФДА не изрази сомневања за употреба на вакцината.