1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев за ДВ: Многу сум охрабрен од средбата со Меркел

13 јуни 2019

По позитивниот исход од состанокот во Берлин, извесно е дека нема повеќе потреба од свикување предвремени парламентарни избори. Премиерот Заев до недела ќе реши колку министри ќе зафати долго најавуваната „метла“

https://p.dw.com/p/3KLqW
Deutschland Balkan-Treffen in Berlin | Merkel und Zaev
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Ветувањата од германската канцеларка Ангела Меркел дека датумот за почеток на преговори ќе биде одобрен од Бундестагот во септември годинава ги разбија темните облаци надвиснати над иднината на владата во Скопје. Дилемата, или заканата, дека премиерот Зоран Заев ќе го врати мандатот и ќе распише предвремени парламентарни избори е ставена ад-акта по цврстите ветувања од официјален Берлин дека датумот за почеток на преговорите не се доведува во прашање.

„Многу сум охрабрен по средбата со канцеларката Меркел и драго ми е дека и Бундестагот, преку изјави на негови претставници, тоа го потврди“, рече Заев во куса изјава за Дојче веле по состанокот со германската канцеларка во Берлин. Заев алудира на изјавата на пратеникот на ЦДУ, Јохан Вадефул кој утрово за Франкфуртер алгемајне цајтунг рече дека не гледа никаква пречка на Северна Македонија да и се даде зелено светло во Бундестагот на крајот на септември, за кога е закажана дебатата.

Вадефул притоа дополни дека „не разбира зошто е толку голем проблем одложувањето за три месеци, особено што е веќе решено дека отворањето на првите поглавја од преговорите ќе се случи во декември“.

Со ветер в грб по средбата со Меркел, македонскиот премиер сега има време до недела да реши на кој начин ќе ја изврши најавената реконструкција на владата.
Останува дилемата дали да се оди на опцијата враќање на мандатот и формирање нова влада со свежи кадри или пак да се направи смена на неколку министри- потег што нема да бара формирање на ново парламентарно мнозинство. Согласно законот, смена на повеќе од една третина од владините министри повлекува и гласање за нов состав на извршната власт во Собранието.

Одлуката најверојатно ќе биде донесена утре, а ќе биде расправана и на седница на Централниот одбор на СДСМ закажан за в недела. 

Распакување на пакетот со Албанија?

Извори на ДВ велат дека средбата со канцеларката Меркел минала во многу позитивна атмосфера во која во повеќе наврати била потенцирана позитивната улога на земјата во регионот и бил пофален напредокот во клучните области.

Иако ни Заев, ниту други владини претставници не сакаат да откриваат детали од состанокот, впечаток е дека уверувањата на германската канцеларка го убедиле македонскиот премиер да се откаже од идејата за предвремени избори и за повлекување од функцијата.

Дополнително, вчерашната одлука на холандскиот парламент де-факто да го блокира почетокот на преговорите со Албанија, но не и со Северна Македонија, на владата во Скопје и дава за право да се надева дека во следните месеци нема да биде „колатерална штета“ на кризата во соседната држава.

Доколку нешто драматично не се промени во текот на летото, станува извесно дека пакетот на кој инсистираше Европската Комисија, а во кој беа Северна Македонија и Албанија, до есента ќе се „распакува“.

Во таа насока, со нетрпение се очекуваат и заклучоците од состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ следната недела, како и самитот на лидерите на 20 и 21 јуни. Од терминологијата која ќе се користи за двете земји, ќе може да се прочитаат и идните насоки по кои ќе се движат Скопје и Тирана до крајот на годинава.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи