Напад во Берлин
18 април 2018Тројца непознати сторители во Берлин навредувале на религиозна основа и нападнале двајца мажи со еврејски капи. Полицијата потврди дека 21-годишен Израелец и 24-годишен Германец се движеле синоќа низ Пренцлауер берг, кога три лица почнале да ги навредуваат на антисемитска основа. Потоа еден од групата извадил ремен и почнал да мава по 21-годишниот човек.
Видео на интернет ја прикажува случката - како при ударите извикува „Јахуди“, што е арапски збор за Евреи. Снимката започнува од ударите, а е направена со мобилниот телефон на Израелецот. Откако тројцата напаѓачи почнале да бегаат, 21-годишниот Израелец потрчал по нив, по што еден од напаѓачите се обидел да го удри со стаклено шише. Тој удар и натамошни удари ги спречила една храбра жена, која се замешала, соопшти полицијата. Државните служби вршат истрага против три лица поради навреда и опасни телесни повреди.
Повеќе:
„Израелското знаме во Германија има поинакво значење“
Моја Европа: Антисемитизмот во Европа не е увезен
Настанот се случува во време кога покраинските министри за култура и Централниот совет на Евреите во Германија тукушто стартуваа антисемитска акција во училиштата, со цел да ги сензибилизираат учениците во „борбата против мобинг, заслепувачка омраза, гнев и насилство“, како што изјави претседателот на Конференцијата на министрите за култура, покраинскиот министер од Тирингија, Хелмут Холтер за весникот „Билд“. „Многу ученици малку знаат за еврејството, но затоа пак имаат масивни предрасуди“, дополнува Јозеф Шустер, претседател на Централниот совет на Евреите во Германија.