Нема компромис за почеток на преговорите со ЕУ
15 октомври 2019Македонија ќе мора уште да чека на отворање на преговорите со ЕУ. Франција попладнево истраја во својата блокада на одлуката, а поддршка за својот став во однос на Албанија најде и во Холандија и Данска. Последна шанса за позитивна одлука останува самитот на лидерите на ЕУ кој почнува в четврток. На него дефинитивно повторно ќе се расправа на оваа тема, откако претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск најави дека ќе ја стави точката за преговорите на агендата на самитот.
Официјален Париз и денеска опстана на барањето, најпрво да се изврши реформа на преговарачкиот процес.
„За жал денеска не беше можно да постигнеме едногласно решение“, изјави финската министерка Тути Тупураинен.
Германија и многу други членки на ЕУ реагираа со неразбирање за односот на Франција.
„Германската влада е многу разочарана што не успеавме да го реализираме тоа што повеќе пати го ветивме“, изјави државниот министер во германското МНР, Михаел Рот.
Голема разочараност од одлуката изрази и комесарот за проширување Јоханес Хан кој им се извини на Скопје и Тирана поради блокадата.
„Ова не беше момент на слава на ЕУ“, рече Хан. Тој се надева дека Франција, Холандија и Данска ќе го сменат ставот до почетокот на самитот на ЕУ в четврток.
Останува надежта дека Макрон ќе го смени ставот во следните денови откако стигнаа најави од официјален Берлин дека нема да се откаже од намерата да го исполни ветеното кон Скопје и Тирана.
Според извори во германската влада, канцеларката Ангела Меркел планира одново да ја отвори темата со Макрон за време на германско-француската меѓувладина средба во Тулуз утре (16.10). Доколку и тој обид не успее, вели владиниот извор, Меркел ќе ја стави темата на маса и на самитот на лидерите на ЕУ в четврток во Брисел.
„Тоа не е тема која ќе дозволиме да биде запоставена“, вели германскиот функционер.