Пат на свилата: Кина има план и нема да се откаже
3 април 2019„Ако некои земји веруваат дека со Кинезите можат да се прават добри зделки, ќе се зачудат и кога и да е, во еден момент ќе се разбудат“. Со овие зборови германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас неодамна го коментираше пристапот на Италија кон кинескиот проект Пат на свилата, кој се нарекува уште и „Белт енд роуд“ иницијатива (БРИ).
Кинескиот инфраструктурен и инвестициски проект, чија вредност изнесува милијарди, многу влади на Запад го гледаат со недоверба, зашто станува збор за стратешки проект со кој управува и делумно го финансира државата, каде кинеските интереси се во прв план и каде недостасуваат исти шанси во поглед на можностите за конкуренција и транспарентност во постапките. Проектот досега во Западна Европа е видлив преку врските на товарни возови, како на пример од севернокинескиот пристанишен град Веихаи до германскиот Дуисбург.
Без оглед на наведените резерви на германската економија, не треба да постои воздржување од посилно соучество, зашто „Кина има план и ќе го следи и натаму со или без Европа, со или без Германија“, изјави минатиот петок на основачкиот собир на Сојузното здружение на германската иницијатива Пат на свилата, портпаролот Ханс фон Хелдорф.
Здружението се залага за учество на германски средно големи фирми во проекти долж новиот Пат на свилата, меѓу другото и во централна Азија. Ова учество, според ставот на Здружението, досега нема доволна поддршка од германската политика. Хелдорф дури во средината на март во една информативна емисија ја обвини германската влада за водење „политика на блокада“, што сојузниот министер за економија Петер Алтмајер во истата емисија го нарече неразбирливо.
„Евроазиска оска во новиот светски економски поредок“
Во разговор за Дојче веле, Хелдорф ја отфрла критиката од весникот „Билд“, во која Здружението се обвинува за лобирање во полза на Кина, при што се поништуваат стандарди кога станува збор за човекови права, заштита на околината, работни стандарди. „Ние сме целосно ужаснати од ваквите неосновани обвинувања и тврдења дека од нас се бара откажување од западните вредности. Тоа е тотална глупост“, вели Хелдорф за ДВ. Според него, Здружението многу повеќе ја застапува социјално ориентираната пазарна економија, тоа е „извозен производ“. Тој дополнува: Во контекст на новиот светски економски проект евроазиската оска во иднина ќе биде камен темелник во целосно нова глобална соработка“.
Пред официјалното основачко собрание одржано во Бремен, на кое како гостувачки говорник беше и кинескиот генерален конзул во Хамбург, Ду Ксиаохуи, Здружението веќе „две години било неофицијално активно заради собирање информации и склучување контакти“, објаснува Хелдорф. Уште пред две години во Бремен е поднесено барање за регистрација на Здружението, а во бременската Даночна управа отсекогаш постоело сомневање во поглед на тоа дали е тоа од општествен интерес. Во јануари Здружението поднесло барање за регистрација во Хамбург и таму било веднаш одобрено.
Поддршка од кинескиот генерален конзулат во Хамбург
На прашање на ДВ до кинескиот генерален конзул дали помогнал во основањето на Здружението, дипломатот го избегна одговорот: „За Кинезите кои живеат во странство, ние сме како дом, за Европејците кои се интересираат за Кина, ние сме мост“, рече тој. Ду Ксиаохуи апелираше до Германија и до ЕУ да „престанат да ја идеологизираат иницијативата Пат на свилата“, а наместо тоа да „ја искористат оваа шанса од Кина“.
Еден од ретките критички гласови на основачкото собрание дојде од генералниот директор на бременската Стопанска комора, Фолкмар Хер: „Вин-вин ситуација ќе биде создадена само со исполнување на еднакви услови, затоа со Кина мора да биде воден дијалог за тоа како ќе биде воспоставен идниот светски синџир на вредности“.
Повеќе:
Стравот од Кина ја турка ЕУ кон единство
Ќе настине ли Германија, ако Кина кивне?
„На Европа ѝ треба одговор на кинескиот Пат на свилата“
Германските пристаништа – добитници или губитници?
Кристиан Пегел, министер за инфраструктура во германската сојузна покраина Мекленбург-Предна Померанија, се залага за тоа во прв план да се гледаат шансите кои ги пружа иницијативата Пат на свилата, а не ризиците. Во разговор за Дојче веле тој појасни дека балтичките пристаништа, како Росток, би можеле да растат побрзо поради зголемениот трговски волумен со Кина. Продажба на пристаништа како во случајот со грчката Пиреја меѓутоа не доаѓа предвид. „Воопшто не станува збор за тоа да се добијат пари од Кина, туку за заедничко користење на пристаништата, значи за воспоставување економски врски на рамноправни основи“.
Кристиан Гутшмит, шеф за меѓународни работи на бременскиот Сенат, во сево ова меѓутоа гледа само предност за германските пристаништа: „Ако товарните бродови веќе не го истовараат товарот во Бремен или Хамбург, туку во Пиреја или Џенова, зашто тие пристаништа им се многу поблиски и благодарение на иницијативата Пат на свилата поврзани со земјата, тогаш тука постојат и ризици за германското стопанство“, вели тој.