1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Плевнелиев за РСМ: Не ги сакаме Тито и Сталин во ЕУ!

21 јануари 2022

Службите на Албанија се многу поинтегрирани со службите на ЕУ и НАТО, а службите на РСМ се филијала на српските, изјави бившиот бугарски претседател, Росен Плевнелиев.

https://p.dw.com/p/45s9j
Bulgarien Präsident Rossen Plevneliev
Фотографија: BGNES

Службите во Република Северна Македонија се филијала на српските, кои пак се филијала на руските, и ние не сакаме да ги внесеме Тито и Сталин во ЕУ. Автор на оваа изјава е поранешниот бугарски претседател, Росен Плевнелиев (2012-2017), кој запрашан од Бгнес за резултатите од посетата на премиерот Кирил Петков на Скопје, објасни дека патот на РСМ кон ЕУ мора да помине низ длабоки реформи, какви што направила Албанија.

„Важно е нашите пријатели во Скопје да разберат дека само со лобирање нема што да се случи. Неопходни се реформи“, изјави Плевнелиев и објасни зошто Бугарија изјавувала дека Албанија е подготвена за преговори со ЕУ, а РСМ – не.

„Каква е разликата? Се чудам зошто и нашите медиуми и нашите политичари не ја објаснуваат таа разлика. Велиме дека Албанија е подготвена, затоа што во последните три години таа направи обемни реформи, такви, какви што во Скопје не направија. Затоа Бугарија со полно право изјави дека таа е понапред. На пример, во Албанија направија чесно преборојување на населението и му дадоа права на бугарското малцинство. Тие направија промена во учебниците и таму веќе на поинаков начин се говори за комунистичките идеологии и минатото. Службите на Албанија се многу поинтегрирани со службите на ЕУ и НАТО. Ниту една слична реформа не сме виделе во РСМ. Тоа не е правилен пристап. На пример, службите на РСМ и до ден денешен се просто филијала на српските, кои пак се се филијала на руските, и ние не сакаме да ги внесеме Тито и Сталин во ЕУ“, изјави Плевнелиев.

Тој и директно се обрати до Скопје.

„Драги пријатели во Скопје, неопходни се реформи. Неопходни се дејства и конкретни резултати. Тоа ќе ја отклучи и вратата кон посакуваното членство во ЕУ“, порача Плевнелиев.

Ќе има ли реакција?

„Прашањето - на кого му оди во прилог вакво ‘портретирање’ на македонските служби, за каква цел и чии потреби, треба да се анализира, но и да се реагира“, сметаат безбедносни експерти со кои разговараше ДВ.

Oстанува да се види, дали Бугарија - која повикува на запирање на говорот на омраза, имплицирајќи дека тој главно доаѓа од РСМ - ќе реагира на вакви изјави кои ги надминуваат и рамките на говор на омраза, а не доаѓаат од кого било, туку од поранешен бугарски претседател. Не поради тоа што изјавата доаѓа во време на заеднички напори за динамизирање на односите преку работни групи, или заедничката седница на владите на двете земји закажана за 25-ти јануари, туку поради фактот дека Бугарија и Северна Македонија се членки, партнери во НАТО.

Präsident Bulgarien Georgi Parvanov
И Георги Прванов со изјава за посетата на Петков на СкопјеФотографија: picture-alliance/dpa

А, оценка за посетата на Кирил Петков на Скопје вчера даде уште еден поранешен бугарски претседател - Георги Прванов (2002-2012), кој смета дека решавањето на инфраструктурните прашања нема да биде доволно, бидејќи мора да се решат и историските.

„Секој има право да биде оптимист, особено ако тоа е во првата седмица од своето владеење. Но, признавам дека мене ме вознемирува малку скептичниот однос на некои од неговите домаќини, вклучително и на претседателот Стево Пендаровски, кој кажа некои зборови коишто прозвучеа недомаќински. Но да речеме дека тоа е дел од тактиката што тие ја имаат. Им посакувам успех, но да не сметаат дека нештата може да се решат само со Коридорот 8 или со некој друг инфраструктурен проект. Темата за заедничката историја треба да ја добие нејзината разрешница. И најважно е да се вратиме на ситуацијата дека ние сме најблиските, најбратските народи овде на Балканот, ‘исти народи’ како што кажуваше еден нивен политичар, а не најнепријателски како што е во моментов“, изјави Прванов.

И тој направи споредба со Албанија, но емотивна, и во контекст на можноста ако Тирана продолжи кон ЕУ без Скопје.

„Треба да кажам и дека ќе ми биде многу тажно, ако Албанија го премине прагот на ЕУ, а нашите браќа, Македонците, останат надвор од него, затоа што ја познавам историјата, познавам и многу Македонци од Северна Македонија, така што не би сакал тоа да им се случи. Претседателот Радев може да смета на совети, на идеи, на иницијативи, ако има потреба од тоа. Но, како што сме кажале многу пати, непобаран совет - не даваме“, порача Прванов.

Nordmazedonien | Treffen Dimitar Kovacevski mit Kiril Petkow in Skopje
Премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петков во СкопјеФотографија: Reg. Nordmazedonien

Се формираат тимовите

Ваквите изјави доаѓаат во време кога Софија и Скопје ги поставуваат основите на новиот приод во решавањето на проблемите. Македонската влада на вчерашната седница веќе го донесе Решението за назначување на копретседавачи и членови во Заедничките меѓувладини работни групи за продлабочување на соработката со Република Бугарија, а ги прави и соодветните подготовки за заедничката седница на двете влади што ќе се одржи во Софија.

„Јас не се врзувам за датуми и кажав дека сум рационален оптимист, што значи работам да се оствари нашата соработка. Имам пристап дека треба брзо да стигнеме до решение, но никако да не избрзуваме“, изјави синоќа Ковачевски во гостување на ТВ „Канал 5“.

Тој објасни дека во заедничките проекти ќе се вклучат институции, претставници на деловните заедници, на универзитетите, младинските организации, експерти во соодветни области, кои во заедничките работни групи ќе ги унапредуваат односите во областа на економијата, трговијата, инфраструктурата, културата, иновациите и образованието, и заеднички ќе известуваат за постигнатите резултати.

Ковачевски потенцираше дека се залага за квалитетно решение, во кое ќе се задржи достоинството на македонските и на бугарските граѓани.

„За јазикот и идентитетот не се преговара. Ништо не се прави зад грб. Затоа постојат разговори, без да се допира во интересите на македонската и бугарската држава, и согласно Резолуцијата во нашето Собрание“, изјави Ковачевски.