Путин триумфира, Западот конферира
10 јануари 2022Рускиот претседател Владимир Путин може да се радува, бидејќи следува недела на интензивна дипломатска активност која може да се нарече „Фестивал Русија“. Планирани се низа конференции и дебати во Женева, Брисел, Виена и Брест, и сите се со иста цел: Путин да се држи во добро расположение и да се спречи руската инвазија во Украина од која се стравува.
„Фестивалот“ веќе започна со два телефонски разговори во декември помеѓу американскиот и рускиот претседател. Минатиот петок следеше вонредна онлајн-седница на министрите за надворешни работи на НАТО, на која „Западот“ ја усогласи својата позиција во однос на Русија.
Американскиот претседател Бајден вети дека ќе се координира со Европејците по ова прашање и го одржа ветувањето. Овој понеделник (10.01.2022) се продолжува со директни „стратешки разговори“ меѓу САД и Русија во Женева.
НАТО размислува како понатаму
За среда (12.01) е закажан состанок на Советот НАТО-Русија, од поодамна „закржлавено“ консултативно тело во Брисел. Паралелно се среќаваат и воените команданти на НАТО кои ќе разговараат за можно засилување на трупите крај Црното море или на источната граница на НАТО. Во четврток има советување во рамки на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), во која членуваат и САД и Русија.
И ЕУ сака да покаже заби. Од среда до петок во францускиот град Брест се состануваат министрите за одбрана и надворешни работи на ЕУ. Главна тема, како и кај останатите средби неделава, е руското барање за безбедносни гаранции и можната реакција при ескалација на состојбата во Украина поттикната од Путин.
ЕУ цимоли
Заклучок: На рускиот претседател му успеа да го „измести“ Западот, откривајќи ги различните ставови кај спротивставените табори со оглед на тоа дека и во НАТО и во ЕУ има различни ставови во однос на Русија, во зависност од поединечните интереси на земјите членки.
Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел ѝ прави „мечкина услуга“ на ЕУ жалејќи се дека воопшто не го консултираат во однос на безбедноста во Европа и Украина.
До денес Европејците се немаат усогласено со какви остри санкции би сакале да ѝ се заканат на Русија. Единствениот заклучок на ниво на ЕУ е тоа дека Москва би требало да плати висока цена доколку ескалира нејзината агресија врз Украина.
Компромисна понуда за Кремљ
Разбирливо, ЕУ не се осмелува да го таргетира секторот кој вистински би ја погодил Русија - енергетскиот. Без гас и нафта од Русија многу земји во Европа, меѓу кои и Германија, би западнале во сериозни потешкотии.
Рускиот претседател не мора да очекува никакви значителни одлуки во оваа дипломатска „фестивалска недела“. Многу е веројатно дека ќе се повторат истите предупредувања кои ги слушаме од 2014 година, кога Русија распореди свои сили долж украинската граница.
Ниту САД ниту други НАТО-земји нема да испратат свои сили како поддршка за Украина. Исто така е исклучено НАТО да одговори позитивно на барањата на Москва за категорично одрекување на Алијансата од можен прием на Украина и Грузија.
Западните сили нема да прифатат уцени од Русија и тоа на Путин му е совршено јасно. Но, од друга страна, Бајден веќе го увери Кремљ дека приемот на Грузија и Украина во НАТО не е на дневен ред во некоја догледна иднина. Впрочем, овој статус кво постои од самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година.
Дијалогот мора да продолжи
Па така, Западот ќе продолжи да користи наративи и дипломатски маневри, без притоа да провоцира воена интервенција од Русија. Владимир Путин пак со таргетирани провокации ќе го држи и натаму Западот на „низок старт“.
Путин ќе ги „крчка” конфликтите во и околу Белорусија, Украина, Грузија, Молдавија и Ерменија за да спречи нивно натамошно приближување кон Западот. За него, Западот, кој не можеше ниту да го организира сопственото повлекување од Авганистан во август, од воена гледна точка делува крајно неодлучно.
Засега Путин нема да ја проширува војната против Украина која ја започна уште во 2014-тата со анексијата на Крим. Непредвидливиот претседател во принцип веќе го постигна она што го сакаше.
САД, НАТО и ЕУ ќе сакаат да го продолжат дијалогот, потпирајќи се на фактот дека Путин внатрешнополитички не може да си дозволи земјата да ја втурне во војна, особено не во време кога се занимава со консолидирање на неговото влијание во Казахстан. Оваа недела на интензивна дипломатија секако нема да биде последна „Фестивалска недела“.
И тоа е само по себе е многу вредно: Луѓето кои разговараат едни со други обично не пукаат еден во друг.