Гренел - хушкачот на Трамп ќе ги смирува Србија и Косово
4 октомври 2019Одлуката на Трамп се случува изненадувачки, во екот на посетата на државниот секретар Мајк Помпео на две земји од регионот - Црна Гора и Северна Македонија.
Не толку одамна, на 30 август годинава, Помпео го најави именувањето на Метју Палмер за специјален пратеник на САД на Балканот. Во првата изјава по именувањето, четири дена подоцна, Палмер порача дека негов приоритет ќе биде токму дијалогот меѓу Србија и Косово.
Според соопштението на Белата Куќа, и Гренел ќе ја има истата задача. Прашање е дали со оваа одлука се засилува американското присуство на теренот, или пак Белата Куќа и Стејт департментот влегуваат во опасен дуализам кој може да има последици за регионот?
Во првичната реакција по именувањето на Гренел, експертот за Балканот и професор на Универзитетот во Грац, Флоријан Бибер оценува дека се работи за загрижувачки потег.
„Доколку Трамп го именува Ричард Гренел за специјален пратеник за Србија и Косово, која е улогата на Метју Палмер?“, праша Бибер на Твитер. „Исто така загрижувачка порака за заедничката позиција на ЕУ и САД: Гренел има историја на отуѓување на Германија и ЕУ како амбасадор. Ова не е добар знак“, заклучува Бибер во кусиот коментар.
Скандал-дипломат
Гренел беше првиот отворено геј политичар номиниран од администрацијата на Трамп, кога стана амбасадор во Германија во 2018 година. Но, токму во Германија се случија и најголемите скандали кои доведоа и до барање тој да се прогласи за „персона нон-грата“. Уште не беше ни вистински седнат на функцијата, Гренел даде интервју за деснопопулистичкиот портал Брајтбарт, каде отворено порача дека неговата цел е да ги зајакне „конзервативните сили во Европа“, притоа алудирајќи на политичари како Виктор Орбан во Унгарија и Матео Салвини во Италија, и неговиот „омилен“- австрискиот канцелар Себастијан Курц.
Но, тоа не беше и крајот на скандалите кои досега ги предизвика Гренел. Кусо откако ја презеде функцијата тој бараше од германските бизнисмени да не соработуваат со Иран. Потоа им се закануваше со санкции на германските фирми кои работат на гасоводот „Северен тек 2“, и бараше Германија да увезува американски гас. Заканите потоа продолжија и кон владата: доколку кинеската фирма Хуавеи добие тендер за изградба на 5Г мрежата во Германија, САД ќе ја ограничат соработката со германските тајни служби.
Серијата контроверзи предизвикаа некои германски политичари, како пратеникот на Либералите Волфганг Кубики, да побараат Гренел да ја напушти Германија.
„Кога еден американски дипломат се однесува како да е висок комесар на окупаторска сила, мора да научи дека нашата толеранција познава и граници“, рече Кубики во март годинава.
Советник на Трамп
Гренел има долго искуство како политички советник и медиумски консултант на повеќе републикански политичари и кампањи, но зад себе остави и повеќе контроверзи откако, слично како и неговиот шеф Трамп, отворено на Твитер ги критикуваше медиумите чие известување не му се допаѓа.
Во изминативе недели неговото име се споменуваше и како можен кандидат за нов советник за национална безбедност на Трамп, откако беше отпуштен Џон Болтон.
За одбележување е и дека Гренел ѝ беше домаќин на косовската делегација, претседателот Хашим Тачи и премиерот Рамуш Харадинај, во Берлин пред мини-самитот со земјите од Западниот Балкан кој заеднички го организираа германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон на крајот на април годинава. Мини-самитот заврши без резултати поради неуспехот на Меркел и Макрон да најдат заеднички јазик со Приштина и Белград за продолжување на преговорите околу статусот на Косово.