1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МедиумиЕвропа

Турција ги стега социјалните медиуми

Даниел Белут
29 јули 2020

Турскиот парламент донесе закон за контрола на социјалните медиуми, кои досега беа можност за избегнување на државната цензура. Експертите алармираат.

https://p.dw.com/p/3g6mz
Symbolbild fuer die Internet Zensur von Social Media Plattformen Türkei
Фотографија: picture alliance/dpa

Во досегашното 18 годишно владеење, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во голема мера успеа да ги стави под своја контрола весниците и телевизиите. Опозицијата најде начин да реагира: политичари, активисти и критичари се преселија на социјалните мрежи и таму создадоа алтернативна јавност. На платформите како Твитер, Фејсбук или Јутјуб активистите предупредуваат од нерегуларности, опозициските политичари ги мобилизираат своите поддржувачи, а мали, алтернативни медиуми таму емитуваат програма настроена критички кон владата.

Сега Ердоган сака дополнително да го прошири своето и онака големо влијание преку контрола и на социјалните медиуми. Уште во изминатите години владата се’ повеќе ја засилуваше контролата врз содржините на интернет. Сега турскиот парламент го заостри Законот за медиуми. Со него платформите со над еден милион корисници се обврзуваат да отворат свои филијали во Турција.

Доколку Твитер и останатите се противат да го сторат тоа, тогаш турските судови може да им го намалат опсегот до 95%. Дополнително, „сомнителни содржини“ во иднина може да бидат казнети со казна од еден до десет милиони лири.

Повеќе:

Турција: јавниот сервис цензурира музика

Кога ќе чепнеш турски функционер, не ти се пишува добро

Нема корона-милост за критичарите на Ердоган

Турција по пучот: на отстрел новинарите и административците

Причина - „Навреда на неговото височество“

Турската влада вели дека се работи пред се’ за тоа, во иднина да се спречи повреда на лични права на социјалните мрежи и платформи. Повод за оваа законска иницијатива беше инцидент од приватниот живот на претседателот. Откако неговата ќерка Есра Ердоган и нејзиниот сопруг Берат Албајрак, кој е и министер за финансии, на Твитер објавија за раѓањето на нивното четврто дете, имаше бројни коментари со навреди.

Турскиот претседател збесна и најави рестрикции: „Разбирате ли сега зошто сме против Јутјуб, Твитер, Нетфликс и другите социјални мрежи? Затоа што сакаме да му ставиме крај на овој неморал. Бидејќи ние сме наследници на еден народ со голем морал и високи вредности,“ рече Ердоган во обраќањето до нацијата.

За експертите личните права се само изговор

ИТ-експертите во оваа законска иницијатива гледаат напад врз слободата на говор и медиуми. „Не се работи само за тоа да се спречи навреда и повреда на личните права. Законот треба да го олесни следењето на граѓаните на социјалните медиуми“, вели претседателот на невладината организација „Иницијативата за алтернативно знаење“, Фарук Чајир. Засегнатите плафторми се популарен извор на информации за турскиот народ. Тоа се вести кои владата би сакала да ги забрани, вели Чајир. Според овој интернет експерт, се работи за креирање индиректна закана која поттикнува самоцензура.

Türkei Faruk Cayir
Фарук Чајир, претседател на невладината организација „Иницијативата за алтернативно знаење“Фотографија: Privat

Владините претставници се спротивставуваат на оваа критика велејќи дека слични закони има и во демократски земји како Германија. Ердоган затоа законската промена ја нарекува „германски модел“. Се мисли на Законот за спроведување на правото во онлајн просторот, кој во Германија стапи на сила во 2017 година, а е наменет за „зајакнување на спроведување на законот за социјални медиуми“. Законот е дизајниран со цел веднаш да се отстранат говорот на омраза и други кривични содржини, кои не се опфатени со слободата на говор.

„Германскиот модел“- споредба без основа

Експертите сметаат дека нема основа за споредба со „германскиот модел”. Според Јаман Акдениз, експерт за ИТ-права и основач на здружение за слобода на говорот, законските измени наликуваат на „кинескиот модел”, зашто за оние платформи кои немаат регистрирана подружница во Турција ќе има огромни ограничувања. „Во Турција веќе сега е блокиран пристапот до повеќе од 400 илјади интернет страници.  И Твитер, Јутјуб и Википедија во одреден период беа погодени од цензурата. Такви услови никогаш немало во Германија.”

Global Media Forum GMF 2011 Dr. Yaman Akdeniz
Јаман Акдениз, експерт за ИТ-права и основач на здружение за слобода на говоротФотографија: DW

Акадениз се надева дека социјални медиуми категорично ќе го отфрлат „рестриктивниот закон”. „Само така слободата на говорот и на медиумите во Турција би имале некаква шанса”.

Законот не изненадува: турската влада, особено по почетокот на корона-кризата, реагира чувствително на критички коментари на социјалните мрежи. Следуваа безброј кривични пријави против новинари, кои ги критикуваа мерките против пандемијата. Во говор полн со бес на почетокот на април годинава Ердоган претставниците на медиумите ги означи како „медиумски вируси” од кои произлегувала поголема опасност отколку од самиот коронавирус.

Цензура на социјалните медиуми - широка стратегија

Кон крајот на мај кабинетот на турскиот претседател издаде „Прирачник со совети за користење на социјалните медиуми”. Книгата која брои 161 страници требало да обезбеди „коректно, здраво и безбедно користење” на социјалните мрежи. Во неа шефот за комуникации на претседателот, Фахретин Алтун, препорачува процес на централизација за да се спречи ширењето на „манипулативни содржини од глобални креатори на јавно мислење”. 

Де факто експертите проценуваат дека не се медиумите, туку турската влада онаа која го дезинформира населението и не ги почитува личните права. На пример се множат докази дека турската влада има ангажирано профили за т.н. „тролање”, односно лица кои ги преплавуваат социјалните медиуми со постови наклонети кон владата и се обидуваат да ги замолчат критичарите и опозиционерите со тешки навреди и обвинувања. Но, таквата стратегија досега очигледно не ги постигнала посакуваните резултати. Опозициските гласови и натаму доминираат на социјалните медиуми, но новиот закон би можел да доведе до поместување на распоредот на силите.