Не очекува тешка ковид школска година
1 септември 2021Ќе биде ова тешка нова школска година. Ги следам со внимание дискусиите и мерките кои се преземаат за ковид-безбедна школска година. Се плашам дека појавата на новите соеви на вирусот и фактот што училиштата ќе бидат местата каде ќе има најголема концентрација на невакцинирани лица, ќе доведат до тоа брзо да се размислува за враќање на онлајн наставата или некој комбиниран модел, доколку не се пристапи кон масовна вакцинација на сите деца над 12 годишна возраст. Протоколите за враќањето на учениците во училиштата повеќе или помалку ќе бидат слични ако не и истите во цела Европа, но она што ќе се разликува од систем до систем, а особено што ќе ги разликува развиените од послабо развиените образовни системи е психолошката подготовка на учениците, родителите и наставниците за новото нормално школство.
Се осврнувам на овој аспект затоа што сметам дека е прилично потценет, односно надлежните му немаат посветено доволно внимание при подготовките за стартот на новата школска година. Би сакал да потенцирам дека враќањето на децата во училиште е одлична вест и јас сум поддржувач на отворањето на училиштата за учениците, исто како што сум силен поддржувач и на вакцинацијата на учениците над 12 годишна возраст, но никако немојте да очекувате дека отворањето на училиштата само по себе ќе биде враќање во пред-ковид нормалното. Оваа ќе биде ѓаволски тешка школска година за учениците, за родителите, но и за наставниците.
Патоказ за отпорност
Надин Бурк Харис, која е „Surgeon General" на Калифорнија (surgeon general е одговорното лице на јавно-здравствена канцеларија на државата Калифорнија), која и самата е врвен лекар-педијатар и експерт во областа на детскиот стрес, излезе со еден обемен документ изработен од врвни експерти и професори од најдобрите американски универзитети, насловен- Патоказ за отпорност (Roadmap for resilience). Надин Бурк Харис смета дека првите денови на училиште ќе бидат прилично експлозивни и ќе преставуваат сериозен предизвик за наставниците, родителите и за образовниот систем. Според неа, учениците ќе имаат сериозна потешкотија доследно да ги следат правилата, ќе зборуваат меѓусебно за време на часовите додека наставниците предаваат, нема да можат со концентрација да ја следат наставата, често ќе им опаѓа вниманието, ќе трчаат по ходниците и училниците колку и тоа да е забрането со протоколите. Едноставно, ќе делуваат како хипер активни деца. Затоа, според неа, постапките на наставниците ќе бидат клучни за учениците да успеат да „излезат од КОВИД лонецот" во кој сме сите ние, еве веќе скоро две години. Потценувањето на овој психолошки аспект може да доведе до намалени резултати во учењето, но и тензични ситуации, како во училиштето, така и во домот со родителите кои исто како и децата сме долго време „на оган“ во овој огромен Ковид-лонец.
-претходни колумни: Кога пожарите ќе стивнат
Јасно е дека развивањето на отпорност кон новата нормалност нема да ја врати старата нормалност, но секако ќе ги ублажи или неутрализира негативните последици. Дополнителен проблем предизвикува и фактот што не сите развивме исто ниво на отпорност ниту прилагодливост на новата реалност која веќе се нарекува нова нормалност. За жал речиси и да нема дете кое не се соочило со Ковид, било директно доколку тоа заболело, или индиректно доколку некој од неговите блиски се разболел и/или починал. Паралелно, социјалната изолација, економската несигурност и стравот буквално го исцрпе народот. Ова несомнено остави длабоки лузни во нашата, а особено во детската психа, па така не можеме да очекуваме дека со отворањето на училиштата се ќе биде по старо и животот ќе се врати во нормала. Напротив, со новата школска година допрва ќе започнат проблемите и за родителите и за децата, а најмногу за наставниците.
Да се научиме на отпорност
Според извештајот на Кајсеровата фондација за семејно здравје, 41 отсто од Американците пријавиле депресија или анксиозност во јануари 2021 година, наспроти 11 отсто во 2019 година. Во друго истражување, од октомври 2020 година, 31 отсто од родителите рекле дека менталното или емоционалното здравје на нивното дете е полошо отколку пред пандемијата. Ова истражување покажало дека многу деца се раздразливи, припиени и исплашени и имаа слаб апетит и проблеми со спиењето. Трето истражување покажа дека 46 проценти од тинејџерите имале знаци на нови или влошени состојби во менталното здравје по избувнувањето на пандемијата.
Она што охрабрува е дека во последниве децении, научниците и психолозите направија голем напредок во разбирањето зошто некои луѓе се поотпорни од другите, па откриле дека отпорноста не е статичен квалитет и дека можеме да се научиме себеси - и нашите деца - да станеме поиздржливи односно поотпорни. Клучниот збор тука е да научиме! За да научиме треба некој да не научи или да ни овозможи да научиме.
-претходни колумни: Четвртата индустриска револуција и говорот на Мечкин Камен
Затоа и сметам дека неподготвеноста на овој план или занемарувањето на овој важен предуслов за отпочнување на новата ковид школска година ќе доведе до прилично трауматичен старт и тек на новата учебна година, со многу нервози, стресни ситуации и дополнителна тензија во домот на секој ученик. А тоа се многу домови и многу семејства. И многу деца кои за жал ќе бидат жртви на т.н. токсичен стрес. Родителите, децата и наставниците кои и самите во најголем број случаи се родители, се помалку толерантни, раздразнети и уплашени. Затоа треба да спречиме учениците да станат жртви на нашата психолошка неподготвеност за предизвиците кои ќе ни ги донесе новата школска година.
Имаме ли избор?
Доцниме, денес е први септември, но подобро подоцна отколку никогаш, па затоа предлагам надлежните во министерството за образование и наука без одлагање да се обратат до Институтот за психологија и до медицинскиот факултет на Универзитетот Св.Кирил и Методиј, како и да направат компаративна анализа со другите образовни системи и мерките што другите држави ги преземаат на планот на психолошкото подготвување на учениците за повторно враќање во училишните клупи. Потоа, неодложно да излезат со прецизен акциски план кој брзо и ефикасно ќе го имплементираат во наредните неколку недели и кој ќе ги опфати учениците, родителите и наставниците. Од консултациите што ги направив за потребите на оваа колумна со еден одличен психолог, научив дека покрај резилиентноста, многу важно е и колку секое дете е прилагодливо, колку е емоционално зрело и каков темперамент има, па затоа многу ќе биде важно да се обрне внимание и на овие аспекти при градење на моделот на новото нормално ковид школство.
Бурк Харис од Калифорнија не е единствениот службеник за јавно здравје фокусиран на оваа проблематика, а патоказот за отпорност на кој се референцирам, иако обемен и квалитетен, не е единствениот документ или труд кој ја разработува оваа материја. Она што мене ме загрижува е да не останеме ние единствените кои не сме фокусирани на ова. Непреземањето на мерки ќе резултира со стресна школска година за децата и за родителите, но и многу напната работна атмосфера за наставниците, а и нема да биде добро прилагодување на новото нормално. Знам, новото нормално, не е нормално, но имаме ли друг избор?