1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лица и настани кои ја одбележаа 2016. во Македонија

БГ
31 декември 2016

Годината започна со оставката на премиерот Никола Груевски, продолжи со затворањето на границата за бегалците, а несомнено настанот кој ѝ даде најголем белег беше „Шарената револуција“.

https://p.dw.com/p/2Uxsc
Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Настан на годината: „Шарена револуција“

Proteste in Skopje
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Popovski

Несомнено, 2016 година ќе остане запаметена по „Шарената револуција“- движењето кое за првпат од независноста ги извади граѓаните на улиците на македонските градови на протест против корупцијата и политичката неодговорност, а во заштита на демократските вредности и слободата. Шарената револуција се обиде да ги постави темелите за една поинаква, нова Македонија. Патот дотаму ќе биде долг. 
Името Шарена револуција за првпат беше употребено во овој текст објавен на 19 април на нашата интернет-страница. 

 

Јануари: Оставка на Груевски

Mazedonien Pro-Regierungsdemonstration in Skopje
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Годината започна со оставката на Груевски од премиерската функцијата, на 14 јануари, согласно Договорот од Пржино. По речиси десет години на функцијата, Груевски експресно најави дека нема мирно да се повлече. Во говор пред Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ, на 24 јануари, тој порача дека народот на избори ќе си ја врати одземената власт и „ќе ги избрка на клоци вештачки и насила насадените функционери“

 

Февруари: Има-нема избори

Mazedonien Skopje Sonderstaatsanwaltschaft Pressekonferenz
Фотографија: MIA

Иако првично беше предвидено парламентот да се распушти на 24 февруари и да се одржат предвремени избори на 24 април, одлуката во последен момент беше повлечена, а новиот термин беше 5 јуни. СЈО го обзнани првиот случај под кодно име „Титаник“.Осомничени за кривични дела против изборите и гласањето се екс- министрите Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, генералниот секретар на владата и други.

 

Март: Ескалација на бегалската криза

Griechenland Flüchtlinge durchqueren Grenzfluss nach Mazedonien
Фотографија: Reuters/S. Nenov

Македонија и официјално ја затвори границата кон Грција, со што илјадници бегалци останаа заглавени во Идомени. Неколку обиди насилно да се мине границата минаа неуспешно. СЈО продолжува со истрагите и отвори нови случаи, меѓу нив и „Тортура“ за апсењето на Љубе Бошкоски. Претседателот Иванов најавува дека „нема намера да амнестира изборни силеџии“ откако Уставниот суд направи законски измени. 

 

Април: Амнестијата на Иванов

Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Со еден потег, претседателот Иванов ја предизвика најголемата политичка криза во земјата од независноста, која доведе до жестока осуда од меѓународниот фактор, но и раѓањето на „Шарената револуција“. На 12 април, Иванов ги амнестираше сите политичари против кои се водат постапки. Со тоа предизвика бура од реакции. Веќе следната ноќ, на 13 април, беше демолирана неговата канцеларија во Скопје. 

 

Мај: Германија испраќа специјален пратеник

Mazedonien Anti-Regierungsproteste Johannes Haindl zu Besuch in Skopje
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Во услови на секојдневни протести на „шарените“ ни делумното повлекување на амнестијата од страна на Иванов не донесе смирување на состојбата. Германија  го испрати специјалниот пратеник Јоханес Хајндл. Груевски најавува дека сам ќе оди на изборите на 5 јуни, опозицијата бара тие да се одложат за наесен. Расчистен бегалскиот камп во Идомени. Одбележана една година од кумановските настани. 

 

Јуни: Масовни протести и соцреализам 

Mazedonien Skopje Führung der Regierungspartei
Фотографија: Nova TV

Протестите на „Шарената револуција“ земаа голем замав и покрај тоа што на 6. јуни Иванов целосно ја повлече амнестијата. Паралелни контра-протести и на здружението ГДОМ. Оставка на министерот за финансии и кум на Груевски, Зоран Ставрески од здравствени причини. Во јавноста протекоа уметнички слики во духот на социјалистичкиот реализам од новото седиште на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Јули: Пржино 2 

Mazedonien Skopje Antiregierungsproteste
Фотографија: DW/P. Stojanovski

По долги преговори на четирите најголеми политички партии со посредство на ЕУ и САД се роди „Пржино 2“. Поставени се нови услови за организирање предвремени избори, меѓу нив- измени во Изборниот Законик, враќање на опозицијата во парламентот и влез на технички министри во владата. ЕУ блокираше средства од ИПА фондовите. По неуспешниот пуч во Турција, протести на приврзаници на Ердоган и во Скопје.

 

Август: Смртоносни поплави

Mazedonien Unwetter
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Катаклизмична ноќ во Стајковци и други села во околината на Скопје однесе 21 човечки живот. Десетици луѓе беа повредени, а стотици останаа без кров над главата. Никој не презеде одговорност за катастрофата, иако експертите подолго време предупредуваа од погубната политика која практично ги остави граѓаните без заштита од налети на природата.

 

Септември: Серија земјотреси и 25-годишникот со бајпас 

Symbolbild Erdbeben vor Indonesien Seismogramm
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Gambarini

Серија силни земјотреси ги исплашија граѓаните на Скопје и околните градови и ги вратија страшните спомени на 1963 година. Немаше многу славје ни по повод 25-та годишнина на независноста на која некои аналитичари оценија дека Македонија е 25-годишник со бајпас. СЈО продолжи со отворање нови случаи од кои исплива и „Трезор“, околу набавката на опрема за прислушкување во МВР.

 

Октомври: „Случајот Спасов“ и драмата во УБК

Mazedonien Skopje - U21 Fußball Mannschaft gegen Schottland U21
Фотографија: P. Stojanovski

Распишани изборите на 11 декември. Обидот на обвинителите на СЈО да влезат во просториите на УБК и да ја испитаат опремата за прислушкување заврши со жестоки блокади и очекување на помош од експерт на „Ериксон“. Скандалот со заменикот-министер Диме Спасов уште еднаш го отвори прашањето за политичката (не)одговорност. Младите фудбалери ја израдуваа нацијата со пласманот на Европското првенство.

 

Ноември: Трамп и Македонија 

Mazedonien Wahlkampagne Unterstützer der Regierungspartei in Ohrid
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Додека светот беше во шок поради победата на Доналд Трамп на изборите во САД, во Македонија наголемо течеше изборната кампања. Вестите за улогата на велешките „спамери“ во победата на Трамп го засенија и новиот Извештај „за напредокот“ на Европската Комисија. Најголемо внимание, сепак, привлекуваа информациите за најбарани профили на работници во Германија.

 

Декември: Сите победија на изборите 

Mazedonien Jubel Wahlen
Фотографија: Reuters/S. Nenov

Гласањето мина мирно, но резултатите отворија повеќе дилеми, одошто дадоа одговори за можниот излез од длабоката политичка криза. „Прогласот“ на Груевски и прегласувањето во Теарце фрлија уште една дамка на процесот. Молкот од меѓународната заедница укажува дека никој не го знае решението. Очекувањата се дека кризната 2016 ќе има свое продолжение и во 2017 година.