1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски му нуди на Мицкоски да биде премиер

ДТЗ
13 јуни 2023

Во интерес на евроинтеграциите, освен пет ресори, Димитар Ковачевски е подготвен на Христијан Мицкоски да му ја отстапи и премиерската позиција во преодната Влада, кој потоа би го спровел процесот докрај.

https://p.dw.com/p/4SWWX
Христијан Мицкоски, Димитар Ковачевски
Ковачевски му ја нуди на Мицкоски премиерската фотелја во преодната владаФотографија: Petr Stojanovski /DW

Премиерот Димитар Ковачевски му нуди на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски да ја преземе премиерската позиција во преодната Влада. Со тоа практично, би испаднал од игра коалицискиот договор од 2020 година меѓу поранешниот премиер Зоран Заев и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој предвидуваше премиер во следната техничка Влада да биде Албанец. Агенцијата МИА, повикувајќи се на брифинг од владини извори, наведува дека Ковачевски смета дека треба да остане на премиерската функција и до крај да го спроведе процесот на уставни измени. Но, во интерес на евроинтеграции, освен пет ресори е подготвен на Мицкоски да му ја отстапи и премиерската позиција во преодната Влада, кој потоа би го спровел процесот докрај. 

Од ВМРО-ДПМНЕ експресно реагираа дека партијата  нема намера да учествува во лицитациите на Димитар Ковачевски, шефот на дипломатијата Бујар Османи и вицепремиерот Артан Груби. „Имавме јасни позиции, од тоа нема поместување“, порачаа од опозицијата. 

„Несериозно е продолжувањето со лицитации, кое само покажува дека СДС ниту биле искрени, ниту пак имаат намера да ги заштитат националните интереси, ниту пак вистинска интеграција. За нив ова е борба за функции и за преживување и одбегнување на кривично гонење. Ковачевски треба да знае дека функциите ниту му се во џеб, ниту тој е тој која дава или зема, тоа го прави само народот на избори“, велат од партијата.  

Концепциски разлики 

За Владата суштински е да продолжи дијалогот со опозицијата за обединување во однос на уставните измени. Тие најавуваат дека ќе почекаат неколку дена ВМРО-ДПМНЕ да делегира свои претставници во работната група, но според владини извори засега нема расположение опозициската партија да учествува во работната група.

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска преку неколку соопштенија го повика СДСМ да се изјасни која од двете понуди што партискиот лидер Христијан Мицкоски ги изнел на средбата со премиерот Димитар Ковачевски е прифатлива за власта.  „И двата предлога кои ги даде претседателот Христијан Мицкоски значат зачувување на идентитетот и брза интеграција во ЕУ. Суштината на првиот предлог е одложената примена на уставните измени со влез на државата во ЕУ. Со тоа Бугарија од потенцијален кочничар, станува активно заинтересирана страна што побргу Македонија да влезе во Унијата. И наместо нови блокади, имаме поголема помош. Што тука кај СДС е спорно? Или спорно е што ДУИ треба да замине во опозиција?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Влада Северна Македонија
Во интерес на евроинтеграции, освен пет ресори, Димитар Ковачевски е подготвен на опозицијата да им ја отстапи и премиерската позицијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Нереални барања

За Ковачевски, според владини извори, битна е брзината на спроведување со оглед на околностите и роковите, кои се поставени и од самата Европска Унија. За премиерот за се што е надвор од Преговарачката рамка не може да се одлучува на лидерска средба, туку за тоа одлука носат сите 27 земји-членки на ЕУ со консензус. Еден од условите, кои ВМРО-ДПМНЕ го постави на лидерската е одложеното дејство на уставните измени, додека во Преговарачката рамка е наведено дека тие треба да се спроведат по завршувањето на скрининг процесот и се предуслов за одржување на втората меѓувладина конференција и отворање на кластерите.

И претседателот Стево Пендаровски денеска оцени дека условите на опозицијата се нереални. „Опозицијата е во право кога вели дека нејзините предуслови изнесени на лидерската средба - особено за одложено дејство на уставните промени, да важат кога ќе влеземе во ЕУ, според мене тоа е надвор од реалноста. Јас би сакал такво нешто. Но, заклучоците на Советот на Европа се кристално јасни. Морате да направите уставни промени до крајот на скринингот, за по автоматизам да продолжите со Втората конференција и отворањето на кластерите. Знаете колку тешко дојдовме до тие заклучоци. Во тие заклучоци е вграден и ставот на Бугарија. Треба да имаме нови заклучоци, а знаете колку тешко дојдоа до консензус. Тоа е многу тешко. Се надевам дека не станува збор само за изговор“, изјави Пендаровски на прес-конференција со словенечка колешка Наташа Пирц Мусар. 

За уставни измени, ако се почне во овој момент се потребни минимум три и пол месеци. Очекувањата се дека процесот ќе трае неколку месеци, со оглед на тежината на одлуките и собраниските процедури кои се потребни, за да бидат изгласани.

Две држави, една членка од ЕУ и една надвор од ЕУ деновиве ќе усвојат резолуции за поддршка на зачленувањето на Северна Македонија во ЕУ и за потврда на македонскиот јазик и идентитет. Една од државите е Германија, а втората се очекува да биде САД.