1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаАргентина

Аргентина: Поради Меси се заборави на инфлацијата

20 декември 2022

По победата на Светското првенство, Аргентина е во вонредна состојба. Мелем за измачената душа на поделената земја. Но, благодарение на фудбалот луѓето само на кратко може да заборават на економската криза.

https://p.dw.com/p/4LDlV
Лионел Меси со шампионскиот пехар во Катар
Лионел Меси со шампионскиот пехар во КатарФотографија: Tom Weller/dpa/picture alliance

Во средината на ноември, Светското фудбалско првенство во Катар сè уште не беше започнато и само најхрабрите оптимисти веруваа во аргентинска фудбалска бајка со среќен крај. Кога Аргентинците ги прашаа што повеќе би сакале: триумф на „албиселесте“ со капитенот Лионел Меси или крај на инфлацијата, која во Аргентина во октомври изнесуваше 88 проценти во однос на истиот месец лани, учесниците во истражувањето не мораа долго да размислуваат: девет од десет Аргентинци одговорија дека повеќе сакааат крај на девалвацијата на валутата отколку шампионска титула.

Можеби некои од нив сега би гласале поинаку, бидејќи триумфот во Катар не ја намалува инфлацијата, но барем успеа во тоа луѓето да ја заборават на неколку дена. Кога хероите од Светското првенство од Катар и нивниот најдобар фудбалер на светотго држат златниот трофеј на улиците на Буенос Аирес, луѓето не мора да размислуваат дали во супермаркет ќе плаќаат на рати, каков шампон би требало да складираат и дали можеби сепак би било добро да се продаде автомобилот. Во секој случај, тие не го загубија хуморот: на социјалните мрежи кружи прашањето - дали златниот трофеј одамна стана сребрен поради инфлацијата.

Протестен камп во Буенос Аирес (10.08.2022)
Протестен камп во Буенос Аирес (10.08.2022)Фотографија: Luis Robayo/AFP

Заборавање на поделеноста - само на кратко

Титулата светски шампион ја освои земја која не само што стенка под товарот на високите цени и во која речиси секој втор човек живее под прагот на сиромаштија, туку тоа е и земја длабоко социјално поделена помеѓу поддржувачите на владата, предводена од претседателот Алберто Фернандез и неговиот претходник Маурисио Макри. Сега, на неколку дена се забораваат разликите, а небесно-белиот дрес го облекуваат и приврзаниците и противниците на власта.

„Сега се прегрнуваат затоа што никој не го прашува другиот дали е 'Кирхнерист' или 'Макрист'. Кога се слави, не е важна социјалната класа, не се работи за пол, ниту за идеологии или политички позиции“, вели Пабло Алабарцес. Во тој момент на триумф, разликите за момент се ставаат на страна.

Социологот и филозоф Алабарцес ја истражува врската меѓу фудбалот и општеството. Неговата книга „Умирање за Меси? Фудбалот и осознавањето на аргентинската нација“ стана бестселер во аргентинските книжарници. Неговата теза: и самиот „Месија“, статус кој Меси го има во својата земја најдоцна од неделата, може да ѝ обезбеди само малку здив на земјата. Во Аргентина, која со децении е и светски првак во економски пад, по прославите гарантирано ќе следи тежок мамурлак од секојдневието. „Нема траен позитивен ефект на фудбалот врз политиката или општеството.“

Пабло Алабарцес: Фудбалот досега ниту го подобрил имиџот на некоја влада, ниту пак го расипал
Пабло Алабарцес: Фудбалот досега ниту го подобрил имиџот на некоја влада, ниту пак го расипалФотографија: Privat

Воената хунта сакаше со СП 1978 да освои поени во сопствената земја

Во минатото, аргентинските владетели правеа сѐ за да го инструментализираат фудбалот и да го искористат во своја полза. Во 1978 година, шефот на хунтата, Хорхе Видела, по победата во финалето на светското првенство на домашен терен против Холандија, му го предаде трофејот на капитенот Даниел Пасарела. Војската се надеваше на меѓународно зајакнување на имиџот, а во исто време киднапираше, мачеше и исфрлаше живи опозиционери од авиони над Атлантикот.

Осум години подоцна, Диего Армандо Марадона се погрижи за мало заздравување од траумата од загубената Фолкландска војна во 1982 година. Со голот на векот и „божја рака“ Аргентина ја исфрли Англија од турнирот во четвртфиналето на светското првенство. Кај аргентинските навивачи, конфликтот околу островите во јужниот дел на Атлантикот сè уште е дел од фолклорот на стадионите. И во Катар, поддржувачите на секој од седумте натпревари жестоко скандираа: „Кој не скока, тој е Англичанец“.

„Фудбалот е многу моќен во Аргентина и освојувањето на титулата на Светското првенство во 1986 година остави печат“, вели политикологот Густаво Марангони, „но сите Аргентинци исто така се сеќаваат дека претседателот Раул Алфонсин го поздрави тимот на светскиот шампион во владината палата, но не излезе да слави со нив на балконот. Тој не сакаше да извлекува политичка предност од спортскиот успех“.

Jorge Rafael Videla, 1977
Хорхе Видела, шеф на хунтата, кој по победата во финалето на светското првенство во 1978 година му го предаде трофејот на капитенот Даниел ПасарелаФотографија: Eduardo di Baia/AP/picture alliance

Потпретседателката Кирхнер го поларизира општеството

Триумфот на Светското првенство му беше од мала корист на првиот демократски избран претседател по воената диктатура. Една година подоцна неговата партија ги загуби меѓуизборите, а во 1989 година Алфонсин мораше да поднесе оставка по 15 генерални штрајкови и хиперинфлација.

А денес? Два месеца пред заминувањето на „албиселесте“ за Катар, потпретседателката Кристина Кирхнер беше жртва на обид за атентат. Пред две недели таа беше осудена на шест години затвор во судски процес за корупција. Нејзините противници го прославија ова исто како победата на Аргентина во осминафиналето против Австралија ден претходно. Приврзаниците на Кирхнер, пак, велат дека се работи за заговор. Аргентина е екстремно поларизирана.

„До претседателските избори на 22 октомври 2023 година има уште нецела година, фудбалот нема долго да обезбеди Аргентинците од различни партии да се прегрнуваат еден со друг. Дури и за време на Светското првенство имаше социјални протести пред вратите на Министерството за труд и за развој. Оскар Вајлд еднаш рекол: 'Ако сме среќни, секогаш сме добри', но овој ефект на Светското првенство нема да трае долго“, уверен е Марангони.

Кристина Фернандез де Кирхнер пред две недели таа беше осудена на шест години затвор за корупција
Кристина Фернандез де Кирхнер пред две недели таа беше осудена на шест години затвор за корупцијаФотографија: Mataas Baglietto/NurPhoto/picture alliance

Триумфот на СП е добар за самодовербата

Но, Меси, Ди Марија и Де Паул барем неколку недели ќе ја милуваат аргентинската душа. Балсам пред сѐ за „портењосите“ (луѓето кои што живеат во пристанишните градови, н.з.), кои ги бие глас дека себеси се сметаат за подобри од луѓето во провинцијата, како и од останатите жители на Латинска Америка. Бог е Аргентинец, се вели во Буенос Аирес, папата е тоа во секој случај, а сега, по Марадона, го имаат и официјално најдобриот фудбалер на светот - Лионел Меси.

Политикологот Густаво Марангони вели: „Фудбалот ни покажува дека ние, Аргентинците, сме конкурентни и дека можеме да ги победиме и големите. Затоа секое светско првенство, покрај спортот, е важно и за аргентинската самодоверба. За политиката можеме да се фатиме за коси, но кога игра репрезентацијата, тогаш сите сме Аргентинци.“