1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Артан ја спасува Америка!

12 декември 2024

Нема некоја голема мистерија околу санкциите за Груби. Тоа е само уште една епизода во која администрацијата на САД промовира нова реколта на свежи и спремни за корупција млади политичари. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/4o2ij
Северна Македонија | Артан Груби
Артан Груби (архивска фотографија)Фотографија: DW/P. Stojanovski

Артан Груби најави повлекување од јавниот живот. Судот во Тирана го регистрира Сали Бериша како Претседател на Демократската партија на Албанија. Два настана во последните 24 часа, поврзани со контроверзните одлуки на американската администрација за нивно санкционирање поради наводна поврзаност со корупција.

Интересна е забелешката на амбасадорката Агелер дека одлуката поврзана со Груби е поткрепена со докази, кои таа не може да ги открие поради дискреција. Слично како и со аргументите поврзани со санкциите против Бериша. Сепак, за разлика од Груби, на Бериша му успеа да фрли огромна сенка на сомнеж врз аргументите користени против него од страна на Стејт Департментот. Докажувајќи дека санкциите се засноваат врз наводи на политичките противници од Тирана, собрани околу Социјалистичката партија, ликови блиски до контроверзната поранешна амбасадорка Јури Ким и групацијата на НВО финансирани од Сорос-фондацијата. Во неговата борба, Бериша доби подршка и од американски конгресмени, неговите обвинувања прифатени и пренесени од американски медиуми. Бериша не успеа да ги симне своето и имињата на неговото семејство од црната листа на САД. Но, на Бериша му успеа да ја извлече на површина и разголи компромитацијата на самата политика на санкции на Стејт Департментот, заснована врз гол популизам и политички махинации помеѓу корумпираните власти и компромитираната дипломатија. 

Корупциска реа 

Со години, ако не деценија цела, напати укажував за тешката реа на корупција поврзана со ДУИ целосно, и Груби одделно. Така беше и во времето кога западните дипломатии на чуден начин го промовираа, поддржуваа Груби, како современ лик кој треба да ги замени компромитираните команданти од Мала Речица. Очи не ми вадеа, но добро се сеќавам на потсмешливите клештења на западните дипломати, но и претставниците на СДСМ и ВМРО, при секоја критичка забелешка за Груби. Тоа беше тогаш. Денес, немам намера да им удоволувам на нивните цинични „антикорупциски справедливости” и уште помалку да танцувам врз политичкиот гроб на Груби, како што го прават неговите екс-пријатели и промотори од ВЛЕН. Едно е евидентно: Груби, слично како и Бериша, ги активираат сетилата кои чувствуваат тешка, смрдлива реа од Кале, СДСМ-ВМРО, ВЛЕН и на крај ДУИ.

Нема некоја голема мистерија околу санкциите за Груби. О да, корупција. О да, шурување со Мијалков. Но вистинската причина е всушност веќе напати видена. Неговото санкционирање е само уште една, најнова епизода во која администрацијата на САД под плаштот на санкции кон еден, всушност промовира нова реколта на свежи и спремни за корупција млади политичари. Така беше во 2002 година, кога САД демек се бореа против ужасниот Мендух Тачи, но всушност само ја расчистуваа сцената за новата ДУИ (и го спасуваа Арбен Џафери од санкции). Така беше и со санкционирањата на Камчев, Мијалков, создавајќи простор за Заев и Шеќеринска.

Така е и денес. Санкционирањето на Груби е неопходност поради редица причини. Да се намали подемот на ДУИ и ерозијата на поддршка за ВЛЕН. Да се удоволи на хистеријата на македонскиот национализам на ВМРО-СДСМ во критичен период на усвојување на бугарскиот Рамковен договор.

Дали овој потег ќе има ефект врз ДУИ? Со оглед на тоа дека Груби и онака веќе беше оцрнет како виновник за губењето на изборите (според Муса Џафери, ден пред објавата на санкциите од САД), неговата дефакторизација е повеќе олеснување, одошто тегоба за Мала Речица. Дали сепак тоа ќе ја зајакне ВЛЕН? Настрана галамите на „вреднистите" против Груби, вистинскиот страв на лидерите на конгломератот ВЛЕН одамна не е вперен кон Груби или Бујар Османи, туку кон Арбер Адеми, најдобро профилираниот, партиски почитуваниот, корупциски растоварениот и интелектуално доминантниот лик на интегристите. Не случајно активистите на ВЛЕН ги чуваат најжестоките, најагресивните коментари за Арбер, далеку вулгарно посочни отколку за ведетите како Муса Џафери, инаку прифатлив како некогашен инспиратор и spiritus movens на „огнената група”. 

Санкциите како патрдија 

Ќе звучи цинично доколку кажам дека Груби сепак ќе се врати на политичката сцена, не со онаа поддршка и популарност, но колку да се врти и наоколу засмрдува. Цинизмот на таа оценка не е плод на видовитоста, туку констатација родена од барањата на – внимавајте! – Гордана Сиљановска и редица други, да се поведат постапки пред надлежните органи. Но зошто? Зошто и на Груби, Беџети, Мијалков, Камчев не им се дозволи привилегијата на заборавност, по истиот принцип од кој што се имаат офајдено Сиљановска, Заев, Шеќеринска, Црвенковски? Зошто на овие црно-листени да им се ускрати можноста и тие – идентично со Сиљановска за фришоповите – на потсетувањата за стекнатите богатства да одговараат со искривени усни, изглумена високопарност, со клештења, со гримаси, со салонски „па ви се молам, какво е тоа ниво!”, или „па тоа не е џентлменски”? Белки нема сепак да бидеме такви елитисти и едните ги уважуваме, а од другите да се гадиме за начинот на кој стекнале имот, имотчиња и репутација на уваженост. Па, ви се молам, да го зачуваме нивото, да бидеме егалисти, ем легалисти.

Затоа, инсистирањето на Агелер и медиумските нарикачи за итно и бескомпромисно активирање на судските инстанци против Груби и Беџети е всушност паничен обид низ нив да се компензира отсуството на процеси против претходно санкционираните, подеднакво како и оние кои низ децениите се на чудесен начин поштедени од гневни американски дипломати. На Агелер и на ВМРО-СДСМ камарилата им е судбински потребно зад името Груби, Беџети да стојат судски пресуди, со што санкциите ќе бидат комплетирани. Додека пак санкциите за Камчев, Мијалков, Јанева ќе останат на ниво „влез-излез од Шутка”. 

Вредноста на американските санкции денес тежат единствено кај Албанците надвор од Албанија, кои за разлика од останатите, се чувствуваат засрамено пред „стратешкиот партнер” и се принудени на покајничко самокамшикување. За другите, јенки-санкциите се проблем со кој сепак можат да живеат комотно во стекнатата слава. Мијалков ќе биде прогласен за светец од МПЦ, Груевски фино и елегантно ќе си свие гнездо во Будимпешта, докажувајќи дека нема понемоќна агенција од ЦИА – кога тоа таа го сака. Додик си шета по Унгарии, Русии, врти Америки и Европи околу мало прсте. А притоа, САД сѐ уште нѐ убедуваат дека нивните санкции не треба да се потценуваат. Но, во реалноста, токму дипломатијата на демократите и нивните амбасадори ја превртеа смислата на санкциите во патрдија, во соголен популизам и дипломатски инструмент за индулгенција на корумпираните псевдо-либералдемократски крадци низ Балканите. 

Морални вертикали 

Домашните и особено странските фактори кои ја имаат смислено и креирано политиката на „конструктивна корупција за повисоки цели” преку стратегијата на „лимон Албанци/Македонци за еднократно цедење”, не можат да се наметнат како морални вертикали во општеството. Корупцијата, оваа пандемија на корупцијата, не е создадена од лаборатории во Кина. Во креирањето на таа пандемија вина имаат политичките партии, медиумите, клиент-НВО и најголемите амбасади во Скопје. И сѐ додека секој од нив не ја прифати сопствената вина во здружениот злосторнички потфат, парадирањата со определени црно-листени имиња е само колективно издишување дека вината е идентификувана и префрлена врз „дежурен Педро на бесилка". Настрана сите гадости, криминали, корупции и според правилото „и расипан часовник двапати дневно погодува”, единствениот пристап за соочување пред справување со пандемијата на корупција, останува предизвикот од ДУИ: целосен ветинг на политиката и судството! Но зошто тој повик предизвикува ужас кај домашните политики и гнев кај западните дипломатии?

Тој молк ја обесмислува замислата на ВМРО-СДСМ, фалш-аргументите на Агелер и замислите на амбасадата на Конрад Аденауер во кроења на те леви, те десни „едноопштествени” идеи. Во молкот на одбивањето на таа понуда од страна на ВМРО, ВЛЕН, СДСМ, Левица, Сиљановска, САД, ЕУ, НАТО, ОБСЕ, ќе ја препознаете причината за пандемијата, вината за спречување на лекот насушен за справување со истата и мотивот за одбивање на единствениот лековит пристап. ДУИ, вака или онака, со еден повик и понуда ја разголи бесмисленоста на домашните демек-антикорупции и лажливоста на црно-лисните санкции на САД. Но ДУИ несвесно со тој повик докажа и уште една далеку поболна, загрижувачка димензија на лажното антикорупционерство. А тоа е, дека корупцијата, за жал, е веќе raison d'etre гарант на постоењето и стабилноста на оваа држава. Антикорупцијата, а не корупцијата, е јасно видлива загроза и опасност по темелите и опстојувањето на Северна Македонија. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач