1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаБразил

Бразилскиот „крвав четврток“ и моделот на Трамп

13 јануари 2023

Бразилија, Вашингтон или Скопје, мала или голема земја, со подолга или понова демократска традиција - јасно е дека никој не е имун на вирусот на омраза, кој лесно се шири преку социјалните мрежи. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/4M6o2
Приврзаници на Болсонаро го уништуваат влезот во Врховниот суд во Бразилија
Приврзаници на Болсонаро го уништуваат влезот во Врховниот суд во БразилијаФотографија: Ton Molina/AFP/Getty Images

Хаосот и уништувањето предизвикани од симпатизерите на поразениот претседател Жаир Болсонаро во неделата во Бразилија доаѓаат како едно морничаво и гласно ехо на нападите врз демократските институции во Америка или нашиот „крвав четврток“.

Пред две години, на 6 јануари 2021, симпатизерите на Трамп, организирани онлајн преку милитантните екстемистички движења како „Qanon“, „Oath Keepers“ и „Proud Boys“, се обидоа да извршат државен удар против инаугурацијата на новиот претседател Џо Бајден, настани во кои загинаа 5 лица. Одговорноста на Трамп и на негови блиски луѓе станаа евидентни и очигледни преку работата на парламентарната комисија, додека правдата осуди преку илјада пучисти.

Изборите во октомври 2022 година Болсонаро ги загуби со само тесен резултат во вториот изборен круг, но болсонаризмот како екстремистичко десничарско движење во последните 4 години успеа да се консолидира. Болсонаро и неговата прва дама ги дочекаа овие избори како еден вид на „духовна војна“, поддржани од конзервативниот клер, односно, користејќи ја религијата како политичко средство со цел да се мобилизира омразата и да се повика на уништување на противникот. После поразот, симпатизерите на Болсонаро прво ги окупираа автопатите и улиците, а потоа се префрлија пред кампот во близина на Главниот штаб на бразилските вооружени сили во Бразилија, барајќи од војската да изврши државен удар како во 1964 година, поради наводни изборни измами. Таквите протести и кампови беа директно финансирани од конзервативните поддржувачи на Болсонаро од редовите на земјоделскиот сектор.

На 30 декември Болсонаро со своето семејство отпатува во Орландо, Флорида - два дена пред инаугурацијата на новиот бразилски претседател Лула да Силва. Семејството Болсонаро изнајмило куќа недалеку од имотот на Трамп, Мар-а-Лаго. Едуардо Болсонаро, синот на екс претседателот, се наоѓал во Вашингтон на денот кога ќе се случи нападот врз Капитол Хил и имал средба со Марк Линдел, неформален советник на Трамп, кој инсистираше Трамп да ја ангажира војската и да прогласи вонредна состојба.

Ивор Мицковски
Ивор МицковскиФотографија: Privat

Според „Agência Pública", бразилски сајт за истражувачко новинарство, синот Едуардо за само две години имал 77 средби со луѓе од ентуражот на Трамп и други конзервативни политичари. Најблиската врска била онаа со Стив Бенон, некогашниот стратег и спин доктор на Трамп, денес шеф на „The Movement“, меѓународно десничарско движење. Бенон препознал во Болсонаро помлад иден шеф на неговото движење во Јужна Америка, додека повеќепати изразил јавна поддрша за Болсонаро постариот.

Поларизација „до коска“

На 8 јануари, болсонаристите нагрнале кон Бразилија со десетици автобуси, имитирајќи ги гестовите, па дури и симболите на трампистите, снимки кои којзнае колку пати ги гледале на интернет. Облечени најчесто во жолтиот дрес на репрезентацијата, повредија најмалку 9 новинари и ги вандализираа и уништија добар дел од зградите на Парламентот, Врховниот суд и Владата. Палатата Планалто, резиденцијата на претседателот, доживеа сличен вандализам, додека полицијата под контрола на Андерсон Торес, кој за време на владеењето на Болсонаро беше министер за правда и за внатрешна безбедност, не пружаше никаков отпор против разулавената толпа. Ибанес Роха, гувернерот на сојузниот дистрикт Бразилија, го суспендираше Торес, но потоа, и самиот беше суспендиран од сојузниот судија Александре де Мораес. Во образложението Де Мораес истакна дека дивеењата биле можни во толкава димензија „само со согласност и дури и активна поддршка од полициските сили и тајните служби“.

Новиот претседател Лула да Силва во неделата беше во сојузната држава Сан Паоло, односно, далеку од претседателската палата. Парламентот и Врховниот суд вообичаено се затворени во недела. Оттука, дејствијата од 8 јануари 2023 во Бразил, може да се третираат и како еден вид на „показна вежба“, во однос на нападот врз Конгресот во Вашингтон, кога поддржувачите на Трамп упаднаа во Парламентот со практична и моментална цел да ја спречат ратификацијата на изборната победа на Бајден.

Нападот ја покажува поделеноста и политичката поларизација која сериозно има пенетрирано во бразилското општество
Нападот ја покажува поделеноста и политичката поларизација која сериозно има пенетрирано во бразилското општествоФотографија: Evariste Sa/AFP

Но,нападот врз демократските институции на Бразиле далеку од само симболичен акт и гест, иако се разреши за брзо време и без жртви. Нападот е најочигледна манифестација за поделеноста и политичката поларизација која сериозно има пенетрирано во бразилското општество, слично како и во САД, и која највеќе се рефлектира преку изборните поделби во последните 20 години. Сиромашниот североисток гласа за левичари, индустриските зони и земјоделците гласаат за десничарите.

До власт по секоја цена

Со Болсонаро овие поделби експлодираа. Негови најголеми поддржувачи и веројатни финансиери, како и одговорните за нападот, доаѓаат од аграрниот сектор, делови од војската и полицијата. Земјоделието е еден од најмоќните сектори во бразилската економија и се блиски до конзервативната и автократска политичка визија на Болсонаро. Во 2018-та Болсонаро им вети на земјоделците дека ќе ги избрка социјалните движења кои ги нарече „терористички“ и дека ќе ги брани интересите на големите земјопоседници од „União Democrática Ruralista" (UDR). И на овие избори Болсонаро, доби огромно мнозинство гласови од државите чија економија се базира на аграрот.

Оттука, постоечките поделби во бразилското општество само ни потврдуваат дека паралелите со настаните од американските Водици во 2021, се застрашувачки. Судирот со политичките ривали преку напад на демократските симболи и на институциите на моќта, сквернавењето на местото на дијалог како Парламентот, наметнувањето на својот кандидат насила и на мускули, повикувањето на воен удар, сѐ тоа претставува загрижувачки удар врз самата демократија. Едно трагично „дежа ву“ за една земја како Бразил, која од 1 април 1964 година до 15 март 1985-та страдаше под воената диктатура, наметната од Вашингтон против левичарскиот претседател Жоао Гуларц.

Крајот на Болсонаро

Соучеството или барем инерцијата на безбедносните служби, како и во случајот со нашиот „крвав четврток“, така и во случајот со САД, и покрај дипломатските дистанци на Болсонаро, релативизирањето на Трамп или бегството на Груевски, кажуваат дека како во сите случаи, така и во бразилскиот, десничарската, заверашка и пучистичка машина била ставена во погон со недели, ако не и месеци.

И како што дури и нашата нефункционална демократија го преживеа упадот, далеку поголемите и потрајни демократии, особено американската, но и помладата бразилска демократија, се покажаа како резилиентни пред нападите на екстремистите, задоените од омраза и лесните со паметот на заговори.

Доналд Трамп и Жаир Болсонаро (архивска фотографија)
Доналд Трамп и Жаир Болсонаро (архивска фотографија)Фотографија: Allen Eyestone/ZUMAPRESS.com/picture alliance

Војската не ги послуша насилниците и покрај целата некомпететност, неогранизација и соучество на локалната полиција, војската во Бразил ја спроведе својата должност во одбрана на бразилската демократија и нејзините најсвети симболи. Врвовите на уставните институции – премиерот, Конгресот и Врховниот суд, излегоа со одлучна поддршка на претседателот Лула и потпишаа заедничко соопштение во кое нападите ги оценија како „терористички, криминални и пучистички“ и повикаа на „одбрана на мирот и демократијата“.

- повеќе од авторот: Во 2023 најпотребен е мирот

Лула е тој што во овие моменти ја презема сцената и прави сѐ со цел да ги консолидира демократските сили и институции во земјата, со цел да ја ослабне и да ја разбие радикалната опозиција. Болсонаро од Флорида со денови со двоумеше, за на крај само срамежливо и задоцнето да го осуди нападот. Со тоа, Болсонаро наместо да го делегитимира Лула како нов и актуелен претседател, се делегитимираше самиот себеси како иден лидер на брзилската опозиција. Ова е крајот на Болсонаро, затоа што не е во состојба да се дистанцира од пучистите.

Никој не е имун на вирусот на омраза

Сега останува јасно да се идентификуваат сите одговорни, додека Федералниот суд на Бразил побара истрага против тројца конгресмени, сојузници на поранешниот претседател Жаир Болсонаро, за наводно поттикнување бунт, кога приврзаниците на поранешниот претседател упаднаа во претседателската палата, Врховниот суд и Конгресот во главниот град Бразилија. Полицијата соопшти дека 1.159 лица уапсени за немирите во неделата останале во притвор, додека 684 биле ослободени на „хуманитарна основа”.

Бразил ќе мора да ги пронајде сите одговорни лица, но и демократскиот Запад има задача конечно да ја разбие оваа глобална мрежа на радикалните десници, која веќе очигледно коордирано дејствува. Во спротивно, што помеѓу радикалната десница, што помеѓу луѓето склони кон теории на заговор, само ќе расте новиот глобален скептицизам кој во својата внатрешност крие силни авторитарни пулсации и тенденции.

- повеќе од авторот: Пеле, кралот на Бразил, ќе живее!

Бразилија, Вашингтон или Скопје, мала или голема земја, со подолга или понова демократска традиција - веќе е јасно дека никој не е имун на вирусот на омраза, кој лесно се шири преку социјалните мрежи. Затоа секој рационален политички глас, секој коментатор кој не одработува очигледни недемократски цели, треба да знае дека подигнувањето на тонот во потрага по лајкови, секое силување на противникот со зборови, секое понижување на разумот и ширење на лажни вести или информации, оговаранции или трачеви, во вистинскиот живот наоружува некоја будала, ги зајакнува силеџиите, им го пере мозокот на младите, нѐ спрема за омраза и крв на улиците.