„Долазим ти као фантом слободе да те водим равно до дна” – Азра.
Некој вели дека состојбата е на раб на лудило. Други велат дека е веќе отаде работ. Трети се жалат дека состојбите се излудувачки. Некои други, пак, укажуваат на системот во срцето на лудоста. Претпочитам да верувам дека последната дефиниција е најблиска до верноста на состојбата. Систем на лудило кое започна одамна и денес кулминира како финална фаза на циклусот на изумирање или крах на еден процес. Во тој циклус е помалку битно кој, туку е поважно да се фокусираме врз што и како не доведе до оваа состојба.
Симптомите на системот среде лудилото отсекогаш биле присутни на нашата општа сцена. Но најдиректните и брутални манифестации започнаа со бруталното и насилничко затварање на А1 телевизијата, како вовед врз севкупната, тоталитарна партизација на медиумскиот пазар и дегенерација на „јавноста”. Циклусот се надогради и продолжи со рушењето на парламентарната демократија на 24 декември 2012, преку – инсценирано, спонтано – вовлекување на аргументот на силата во законодавството, кое ќе кулминира на 27 април 2017 кога државата се судри со општеството. Претходно на тоа, се случи уривањето на политичкиот кредибилитет на демократското претставништво низ серијалот на објавени „бомби” кој ја урниса фамата на способноста и спремноста за бавење со политика. Следната фаза на деструкцијата беше рушењето на правосудниот систем преку првично именувањето на Катица Јанева за СЈО, а потоа апсењето на Катица Јанева за злоупотреба на СЈО. Следуваше колапсот на демократското мерило на општеството искажано низ референдумскиот дебакл како надополнување кон доминантната апатичност и незаинтересиранот за гласање од страна на гласачите. Тоа, се чини, е затворениот круг на здивеениот систем среде контролираното лудило во последните неколку децении.
Може да се чини, но сепак не. Финалната фаза на циклусот е тековниот процес на рушење на кредибилитетот на меѓународната заедница во Скопје, демонстрирана низ килави санкции на САД, пишман-поплаки „каде се парите” на Холандија, згрозеноста на Австрија од беззаконието кое го открија и увидоа единствено кога зачука на нивните порти. Е сега, колку во тие реакции на „загрижените дипломатски пријатели” (оксиморон!) има искреност а колку американската политика на „тргни Мерко, седни Мерко (Села)”, колку има „напад како превентива” од страна на холандските финансиери на псеудо-реформи или пак „ти мене Соравија? Ја тебе Глобал!” пресметки на политиката со дипломатијата или дипломатијата со политиката или дипло-политиката со корупцијата или корупцијата со дипло-политиката – па таква заврзлама ни Горди Кралот пиријски со меч не би можел да пресече!
Останува државата
Но доколку циклусот на деструкција започна со удар врз медиумите и се заокружува со компромитирачка бламажа на меѓународната, што потоа? Сите други прашања: кој кому, кој ова, кој она, се споредни пиеси во споредба со клучната дилема за судбината на единствената, последната преостаната институција кај нас. А тоа е државата. А доколку судиме според набројаните вклучени домашни-надворешни актери, според набројаните удари врз институциите, според амнестиите договорени и одобрени, според самата состојба на последната институција, т.е. државата, се наметнува болното, но неизбежно прашање над сите прашања. Дали криминалот и корупцијата беа само спонтани појави, демонстрации на наследен „менталитет” (според холандскиот амбасадор), феномен на „здобиен менталитет” од страна на амбасадорите желни да се адаптираат кон „оваа прекрасна земја”? Или пак, толерирањето на криминалот и корупцијата всушност се дел од внатрешно-надворешна стратегија за докажување на некој однапред наметнат заклучок и наоѓање изговор за, па, раскостување на државата.
Би бил прв кој таквиот сомнеж би го ставил во некој фајл насловен „читај за забава”. Но по следењето на сѐ што се случува во земјите во регионот, по настаните во Црна Гора, Босна, Албанија, Србија и од скоро во Косово, сличностите на проблемите и понудените модели за заздравување сѐ повеќе ме принудуваат да ја одбивам коинцидентноста на сличностите со Македонија во оваа фаза и предизвиците што следат. Особено поради односот на меѓународната заедница кон соседите на Србија, кој сѐ повеќе наликува на оној кон Украина во периодот пред војната.
Страшлив од болка каков што сум, не би си ставил рака во оган тврдејќи дека ни претстои процес на редефинирање или преиспитување на нашата последна институција. И не ми требаат изјави на Чедо Јовановиќи и Вук Драшковиќи (обајцата познати како наем-либерали стомакозборци на Александар Вучиќ), низ кои на Македонија и се предвидува распаѓање или делење. Графитите низ зидовите кои нѐ опкружуваат се доволно јасни и гласни за да разбереме дека дилемата за нашата реформа веќе не е предмет на „сакам-нејќам” туку прашање на кога и како да се постигне неопходната и нужна цел: темелно рушење на државата.
Благодарам на пцуењата. Дозволете да се доискажам.
Провокацијата за рушење на државата е навидум етничко, политички, безбедносен предизвик, но суштината е всушност лингвистички, културен, ментален, анахронизам базиран врз судирот на два концепта отсликан или пресликан низ симплифицираниот однос помеѓу Македонците и Албанците. Да, навидум тоа е етнички спор. Но суштински, тоа е наследен судир помеѓу два концепта. Државничкиот на Македонците и етатистичкиот на Албанците.
Драматична разлика помеѓу концептите
Самиот збор „држава", според описот кој го позајмувам од младиот либертаријанец Симон Саревски, „во словенските јазици води потекло од глаголот држи, симболизирајќи го држењето на моќта од нејзиниот држател или носител на моќта”. Од друга страна, албанскиот Shtet (држава) e латинска позајмица од Stato (Stado шпански, Etat француски, State англиски) кој подразбира состојба. Разликата, како што утврдува Саревски, е што словенската терминологија за „држава" се фокусира на самиот момент на владеење и држење на моќ, додека пак латинската терминологија го дефинира општото, јавното. Притоа, државноста ја дефинира и наметнува ексклузивноста на моќта како порив за одржување на статус-кво во полза на носителот на моќта, додека пак Stato ја признава менливоста на состојбите, а со тоа и на носителите на моќта согласно промените.
Гледано низ поширок историски контекст, генезата на државноста се базира врз руското империјално поимање и однос кон новоосвоените територии кои треба да „бидат држени, одржувани”, додека пак Stato e рефлексија на прифаќањето на историската менливост и потребата за прилагодување кон промените. Затоа, и покрај лигнвистичката различност, концептите за Држава и Shtet не се етнички, туку политички квалификации. Колку за илустрација, односот на ПДП кон Македонија во времето на Абдурахман Алити беше базиран врз Shtet, како нус-ефект на промената во земјата. Додека пак односот на ДУИ и Али Ахмети е целосно, сеопфатно, фундаментално базиран врз Држава, благодарение на спремноста за копирање на македонскиот статичен концепт на „држава тоа сум јас” преземен од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Таа суптилна, но тектонски драматична разлика помеѓу двата концепти посебно дојде до израз преку автоматското, безмалку Гугл-преведување на Државата како State од страна на меѓународната заедница без да се увиди суштинската, дијаметрално различна природа на разбирањето на смислата на државноста како перпетуално својство на привилегијата и statehood како состојба под административна одбрана и управа. Логичната предрасуда да се почитува волјата на мнозинството (Македонците) на крај странично донесе до прифаќање, финансирање и подрджување на атавистичкиот, со западниот модел некомпатибилен систем на владеење, базиран врз одбивање на менливоста на состојбите и зачувување на владејачката каста - in perpetuum. Некогаш македонска државна каста. Сега надополнета со албанската. Ах, тој срамотен разврат и скарадна љубов помеѓу марксистички команданти и сталинистички балерини во капиталистички будоари!
-Се` што велат за другите е вистина, се` што одмолчуваат за себе е болна вистина
Треба ли затоа да се чудиме за оваа состојба изградена од генерацијата приучена во раните 90-ти дека „градиме држава, не е шега!” Нашата сеопшта политичка, медиумска, академска сегашност е образована во духот на „држ’ се до „држава по секоја цена”. Некогаш добронамерно реформулирано во „Македонија е се што имаме”, а почесто популистички терцирано низ „ни ја земаат државата, луѓе!” Но она што е особено карактеристично во таквиот третман на Државата е нејзиното синхроно поклопување со казната, санкцијата, строгоста, диктатот, насилството, принудата, застрашувањето, прогонот и никогаш – со милоста! Милоста е слабост за државата, ќе заклучат државјаните. Но државата без милост е диктатура, ќе потсетат етатистите. И тоа нѐ води до заклучниот аргумент за потребата од рушење на државата.
Македонија секогаш се има градено единствено како држава. Па не случајно филмскиот синоним за нас е Караула. Но Македонија никогаш, по никоја цена ниту се има сметано себе, ниту била оценувана, ниту учена, ниту толерирана да биде Република. Во нашиот ментален, културен, образовен, општествен мајндсет, смислата на Република во однос на Македонија е нешто налик на the во однос на Roling Stones. Квачка налепена на името, но без дистинктивна определба или дескриптивна улога за состојбата на општеството или односот нејзин со администрацијата. И така, Македонија левитира во агонична состојба помеѓу државен кошмар, етатистички сон и јаве на олигархиска монархија. Сѐ додека некој не пукне со прсти.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.