И Словенија ја призна Палестина како држава
5 јуни 2024Неколку дена по Шпанија, Ирска и Норвешка, Словенија е уште една европска земја која ја призна Палестина како држава.
„Почитуван палестински народе, денешната конечна одлука е порака за надеж и мир. Ние веруваме дека само решението со две држави трајно може да доведе до мир на Блискиот Исток“, ја цитираше Министерството за надворешни работи шефицата на дипломатијата, Тања Фајон на информативната платформа X. „Словенија ќе продолжи да работи неуморно за да обезбеди безбедност за двете нации, Палестинците и Израелците“, гласи пораката од Словенија.
Палестина веќе е призната како држава од повеќе земји. Но сепак, тоа не важи за највлијателните западни нации како на пример САД и Велика Британија, како и поголемиот дел од земјите на ЕУ. Според сопствените информации, Словенија е 147. земја во светот која ја признава Палестина како суверена држава. Меѓутоа, израелската влада неодамна го осуди признавање на државата Палестина од сѐ повеќе земји како „награда за тероризмот“.
На признавањето од Словенија, претходеше парламентарна игра на интриги во Љубљана. Опозициската партија СДС на поранешниот премиер Јанез Јанша го повлече првично поднесеното барање за одржување референдум за признавање на Палестина и поднесе нов. Десничарската опозиција на тој начин сакаше гласањето на Парламентот за признавањето, предложено од владата, да го одложи за најмалку 30 дена. Преку друг начин на толкување на процедуралните правила, владината коалиција сепак успеа да го закаже гласањето во вторникот, како што објави новинската агенција СТА. Предлогот конечно е едногласно одобрен. Десничарската опозиција го бојкотираше гласањето.