1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Истражување: Булингот зема замав во училиштата

ДТЗ
20 ноември 2023

Над 190 претставки се поднесени за насилство во училиштата, но и во кругот на семејството. Истражување во училиштата покажува дека 46% од децата се изјасниле дека биле жртви на некаков вид насилство.

https://p.dw.com/p/4ZEAF
Symbolbild - Kindesmissbrauch
Фотографија: Imago Images/blickwinkel

Насилството зема сериозен замав во училиштата. Децата го препознаваат, меѓутоа, не се доволно охрабрени да го пријавуваат ваквото насилство. Како жртви на насилство се јавуваат и машките и женските деца. Бројни претставки за насилство во училиштата, но и во кругот на семејството и годинава пристигнале на адресата на Народниот правобранител. Од почетокот на годината пристигнале 191 претставки за повреда на правата на децата во рамки на семејството, во образованието и голем број на претставки се поднесени за заштита на децата од насилство или друг тип на злоупотреба, вклучително и булинг.

Истражувањето спроведено од Народниот правобранител во партнерство со Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“, покажува дека 33 проценти од испитаниците во истражувањето се изјасниле дека им било прекршено некое право, а уште една третина опд нив изјавиле дека знаат некого, близок другар, соученик или роднина кому исто така му било прекршено тоа право. 

„Загрижувачки се причините зошто настануваат булингот и насилството меѓу децата, кои место да практикуваат дијалог во надминување на проблемите, го практикуваат насилството. Загрижувачки е податокот дека промовирање на сила или љубомора кај децата е причина за решавање на проблемите или на несогласувањата со употреба на сила“, вели Васка Бајрамовска-Мустафа, раководителка на Одделот за заштита на правата на децата при Канцеларијата на Народниот правобранител. 

Различни видови на насилство

Наташа Ангелеска проектна менаџерка задолжена за компонентата за безбедноста и насилството во училиштата, вели дека голем дел од учениците и нивните родители сметаат дека насилството е присутно во училиштето, односно 46 проценти од нив се изјасниле дека биле жртви на некаков вид на насилство.

Најчесто учениците сметаат дека тоа е вербалното насилство, додека нивните родители сметаат дека поголем замав има социјалното насилство, односно отфрлање на учениците од група. Најчесто жртви на насилство во училиштата се деца од семејства со понизок економско-социјален статус, додека насилството го вршат деца од семејства со повисок социо-економски статус. Кај жртвите, има и деца кои се со посебни образовни потреби кои се и најчесто отфрлани и социјално занемарени од нивните врсници. Во делот на онлајн просторот, загрижувачки е фактот што децата не го препознаваат насилството или злоупотребата на интернет.

Националното истражување е спроведено со ученици, наставници и родители за информираноста за Конвенцијата за правата на детето, ученичко учество и безбедноста во основните училишта, во знак на сеќавање на Конвенцијата донесена од страна на Генералното собрание на ОН на 20 ноември 1959 година.