1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќебиња наместо оружје: НАТО со „зимска помош“ за Украина

Бернд Ригерт
30 ноември 2022

Министрите за надворешни работи на НАТО организираат зимска помош за Украина. Русија продолжува да бомбардира. Повеќе оружје не е на дневен ред. Треба да се зајакне сопствената одбрана.

https://p.dw.com/p/4KGuK
Букурешт накитен со знамиња на НАТО, 28.11.2022
Букурешт накитен со знамиња на НАТО, 28.11.2022Фотографија: Bernd Riegert/DW

На средбата на министрите за надворешни работи на најголемиот воен сојуз во светот не се зборува за испорака на оружје за Украина, туку за таканаречената „зимска помош“, односно ќебиња, шатори, топла облека, генератори, трансформатори и попречувачи на сигнал за одбрана од дронови. „НАТО испорачува само несмртоносна опрема“, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, пред состанокот во Букурешт. Оружје може и треба да испорачуваат само одделни земји-членки на НАТО, а не Алијансата како организација, зашто тогаш таа може да се смета за воена страна. Алијансата сака да избегне отворена конфронтација со Русија и нејзиниот владетел Владимир Путин. Генералниот секретар Столтенберг е убеден дека Русија не планира напад на територијата на НАТО.

Литванскиот министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис, кој во понеделникот (28.11) го посети Киев со шестмина балтички и нордиски колеги, смета дека се потребни повеќе тенкови, системи за противвоздушни одбрана и друго тешко оружје за Украина да стигне до победа против агресорот Русија. „Бидете смирени и дајте тенкови!“, напиша Ландсбергис на Твитер по неговата посета на Украина.

Во интервју за ДВ, шефот на литванската дипломатија во Букурешт изјави дека приоритет е снабдувањето со електрична енергија, но дека е потребно и повеќе оружје. „Потребни ни се испораки на тенкови во Украина“, рече Ландсбергис. Тие, според него, се важни за текот на војната да се сврти во корист на Украина. Сепак, на состанокот Зеленски како заталкана ракета не ја разбра суштината на НАТОна министрите за надворешни работи на НАТО не може да се очекуваат конкретни ветувања за натамошна испорака на тешко вооружување. А, украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ќе го бара токму тоа.

Столтенберг: НАТО испорачува само несмртоносна опрема
Столтенберг: НАТО испорачува само несмртоносна опремаФотографија: Andrei Pungovschi/AFP/Getty Images

Зимска помош на Г7

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок сака да се фокусира на практичната зимска помош, која треба да му овозможи на народот на Украина да ја преживее оваа зима. Кога новинарите во Букурешт поставуваат прашање за повеќе оружје од Германија, таа опширно се осврнува на она што Берлин веќе го испорача, вклучително и модерен одбранбен систем Ирис-Т. Следната година треба да бидат испорачани уште три.

„Сведоци сме, на брутален начин, дека рускиот претседател сега го користи студот како воено оружје. Тоа е брутален прекин не само со меѓународното право, туку и со нашата цивилизација“, изјави шефицата на германската дипломатија и додава: „Ако се прашувате колку долго би можеле да издржите со вашето семејство, со вашите мали деца, без струја, без вода, без греење на 2 степени или -2 степени или -12 степени, тогаш, барем од далеку, можете да замислите што им претстои на луѓето во Украина“. На само 250 километри од Букурешт почнува рускиот терор, нагласи Бербок.

Германија вети 150 милиони евра за зимска помош. На спонтано закажан состанок на најголемите западни индустриски земји и околу 15 партнери од НАТО, Аналена Бербок, која моментално е претседателка на Г7, сака да собере што е можно повеќе донации за Украина. Напорите мора да бидат координирани. САД најавија поголем пакет зимска помош.

Генератори за Украина - помош за да се преживее зимата
Генератори за Украина - помош за да се преживее зиматаФотографија: Metin Aktas/AA/picture alliance

„Мора да направиме повеќе“

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ги повика одделните земји-членки да ги засилат напорите за поправка на штетите предизвикани од руските напади врз инфраструктурата. „Мора да направиме повеќе за да го вратиме снабдувањето со гас и електрична енергија, но мора да обезбедиме и повеќе системи за противвоздушна одбрана. Системите што се веќе испорачани мора да се одржуваат. Резервните делови и, пред сè, муницијата мора да се обезбедат од сојузниците“, побара Столтенберг.

Според дипломатите на НАТО, проблемот за многу земји на НАТО е што магацините полека се празнат, а нова муниција за хаубици, Ирис-Т и Патриот не можат да се продуцираат со брзина која што им е потребна на украинските вооружени сили. Мора да се размислува и за сопствените одбранбени способности и не може да се даде сè, нагласува дипломат на НАТО.

Според пишувањата на медиумите, германскиот Бундесвер има залиха со муниција која би траела само неколку дена во случај на војна, не повеќе. Надополнувањето на германските залихи според стандардите на НАТО треба да чини околу 20 милијарди евра. Според дипломатите на НАТО, сепак, проблемот не се толку парите, колку недостигот на капацитети во индустријата за оружје. Претседателот на здружението на Бундесверот, полковник Андре Вистнер, за Дојчландфунк изјави дека Германија мора да продолжи да испорачува, но производството мора да биде многу побрзо. Според Вистнер, ниту политичарите ниту индустријата за оружје не сфатиле како треба да се спроведе „пресвртот“, односно фундаментална реформа на германската армија и одбранбената политика.

Rumänien Bukarest | NATO-Außenministertreffen - Annalena Baerbock
Бербок: На само 250 километри од Букурешт почнува рускиот терорФотографија: Bernd Riegert/DW

Јоханис: Спроведување на заклучоците

Министрите за надворешни работи на НАТО во Романија се среќаваат и за да покажат дека по руската инвазија на Украина во февруари, источното крило на алијансата е засиленосо четири нови „борбени групи“ во Словачка, Унгарија, Бугарија и Романија. Четири „борбени трупи“ претходно постоеја во балтичките земји и Полска. Овие единици моментално имаат околу 1.000 војници и, според одлуката донесена на самитот на НАТО во Мадрид во јули, може да се зголемат до 5.000 војници.

За таа цел, како превентивна мерка, во земјите од источното крило треба да се складира опрема и вооружување. Според домаќинот на конференцијата на НАТО, романскиот претседател Клаус Јоханис, тоа се случува премногу бавно. „Одлуките кои се донесени сега, мора да се применат во пракса. Тоа мора да се случи сега. Во случај на напад, мора да имаме планови за тоа кој каде ќе испрати војници. Не можеме за тоа да одлучуваме во последен момент. Не смееме да си дозволиме да бидеме фатени неподготвени“, предупреди Клаус Јоханис по средбата со генералниот секретар на НАТО. На наредниот НАТО-самит, следната година во Вилнус, мора да се донесат „посмели одлуки“ во оваа област, оцени Јоханис, додавајќи дека за сопствена одбрана е потребен соодветен материјал и луѓе.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и романскиот претседател Клаус Јоханис
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и романскиот претседател Клаус ЈоханисФотографија: ANDREI PUNGOVSCHI/AFP

Тешко приклучување

Во Букурешт не се очекува напредок во натегањето со Турција околу влезот на Шведска и Финска во НАТО. Турција пред сѐ бара подобра соработка од Шведска во прогон на наводни терористи. Сите 30 земји од НАТО мора да се согласат со приемот на Шведска и Финска, кои аплицираа за членство во мај годинава. „Океј“ се чека само од Турција и Унгарија. Како кандидати за пристапување, Шведска и Финска веќе учествуваат на речиси сите состаноци на Советот на НАТО, вклучително и во Букурешт.

Членството на Украина не е на дневен ред. Прво е потребно концентрирање на војната против Русија. Сѐ додека тоа трае, членството е невозможно, велат дипломати на НАТО. Министерот за надворешни работи на Литванија, Габриелиус Ландсбергис, за ДВ во Букурешт пак изјави дека е потребно Украина брзо да стане полноправна членка на НАТО. Во 2008 година, во сосема поинаква геополитичка ситуација, НАТО на самит во Букурешт им вети членство на Украина и Грузија - без да наведе датум. „Вратата на НАТО останува отворена“, рече генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој на историскиот самит во 2008 година учествуваше како премиер на Норвешка.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија