Ковачевски му порача на Мицкоски да се држи до договорот
12 јуни 2023Премиерот Димитар Ковачевски ја повика опозициската ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Христијан Мицкоски да го почитува договорот од лидерската средба на 7 јуни, бидејќи „демантирањето или излегувањето од рамката од тоа што е договорено ќе претставува големо разочарување и за граѓаните и за меѓународната заедница“.
„Главен заклучок од лидерската средба е дека ВМРО-ДПМНЕ не е против уставни измени тоа е прво и најважно, бидејќи тие претходно обвинуваа дека со уставните измени и со внесувањето на други делови од народи во Преамбулата државата ќе била бугаризирана и асимилирана. И ВМРО-ДПМНЕ потврди дека нема ништо против уставните измени, дека сака да биде дел од Владата и ние тоа го прифативме и ќе отстапиме 50 отсто од министерските места со кои раководи СДСМ“, изјави денеска Ковачевски при посетата на Богданци, заедно со министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова.
Опозицијата побара и ДУИ да не учествува во Владата, што беше експресно прифатено од партијата. „Јас тогаш реков дека излегувањето на ДУИ од Владата може да предизвика одредена политичка динамика, што подоцна се потврди кога и Алијанса за Албанците и Беса кажаа дека нема да учествуваат во таква Влада. Сега останува ВМРО-ДПМНЕ да остане во процесот, оти демантирањето или излегувањето од рамката од тоа што е договорено на лидерската средба и кажано на прес- конференцијата ќе претставува големо разочарување и за граѓаните и за меѓународната заедница“, рече Ковачевски.
Работни групи
Од СДСМ се децидни дека дијалогот меѓу власта и опозицијата треба да продолжи, откако им пружиле рака со цел да се постигне договор. Владејачката партија веќе предложи работна група од највисоки партиски претставници. Сега, порачуваат дека е на ред ВМРО-ДПМНЕ да номинира свои претставници и работните групи да започнат со работни средби што е можно поскоро.
Мицкоски, пак, во разговор за ДВ порача дека „СДСМ треба да се охрабри и да ја прифати подадената рака за преодна влада“.„Непродуктивно и бесцелно е да се продолжи со какви било разговори или работни групи, ако тие не се сложуваат за предлозите кои ги дадовме. Ние ќе почекаме уште некој ден. Место да трошат енергија на посипување пердуви, нека имаат суштински состаноци и нека излезат со став“, вели Мицкоски.
Префрлање на топката
Иако лидерската средба минатата недела заврши без договор, пет дена по неа сѐ уште не престануваат тврдењата на СДСМ дека Мицкоски прифатил уставни измени. Тој во изјава за ДВ порача дека „СДСМ е потполно свесна за тоа што го понудил на лидерската средба, но упорната манипулација која се прави со изнесување на неточни информации и импутирање на зборови практично ја отсликува состојбата во партијата и значи отсуство на волја да се направи реален исчекор со решение кое ќе значи зачувување на идентитетот и реална и брза интеграција на државата“.
„Дотолку повеќе што задните и вистински намери се гола пиар реторика и битка, отколку грижа за државата. Расфрлањето со пердуви е контрапродуктивно затоа што јасно е од лидерската средба дека нема договор, а сѐ уште чекаме одговор од СДСМ – кој од двата предлози кои ги понудив тие го прифаќаат.“, изјави Мицкоски за ДВ. Тој додава дека чекаат одговор од СДСМ за нивниот предлог ВМРО-ДПМНЕ да влезе во Владата во која нема да биде ДУИ и уставните измени да важат откако 27 земји членки на ЕУ ќе го ратификуваат пристапниот протокол за влез на Македонија во ЕУ.
Според него, предлозите кои ги дал на лидерската средба е да се заштитат македонските национални интереси. Освен предлозите за влада и влез на земјата во ЕУ, Мицкоски предложи да се оди на избори и да се побара од земјите членки на ЕУ гаранции за националниот идентитет и јазик, економски пакет, и заштита на Македонците во Бугарија преку спроведување на пресудите на судот за човекови права во Стразбур.