1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Леб, сол и Влатко за Претседател

29 февруари 2024

Во игра на леб за елитата и сол врз раните на сиромаштијата, се нудат излитени ликови од транзицијата, пензионирани тинејџерки на сталинизмот, локални фактори со тунел визии кон Водно виа Тафталиџе. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/4d127
Македонија Избори
Некој ги нарече  сегашните кандидати за претседатели на државата како „збир на понуда од втора рака"Фотографија: picture-alliance/dpa/N. Batev

Слоганот „До економијата е, глупчо!" беше измислен од советникот Џејмс Карвил за време на претседателската кампања на Бил Клинтон во 1992 со цел да се нагласи битноста на економијата за гласачите. Претходните три мандати на републиканските претседатели (два на Роналд Реган и еден на Џорџ Буш сениор) кои превземаа тешки, но неопходни реформи во стопанството, како и крајот на Студената војна определија гласачите навистина да ја воздигнат економијата на самиот врв на приоритети на изборите. Со својата едноставност, неконвенционалност и пробивност во сржта на нештата, слоганот ја фати имагинацијата на гласачите и прерасна во политичка доктрина на децениите кои следат.

Се чини, не повеќе. Дека веќе не е до економијата, мудреци. Според последните анкети од САД, и покрај успехот на претседателот Џо Бајден да ја воздигне, стабилизира и зајакне економијата на САД како и социјалната состојба на Американците, токму прашањето на економијата е темата по која тој е во минус од неверојатни 19 отсто гласачи кои му даваат предност на републиканскиот кандидат Доналд Трамп. И тоа не е изолиран случај. Според лондонскиот „Економист”, економската состојба во Франција се движи во правилна насока, но тоа не се рефлектира во јакнење на популарноста на Макрон. Слична е состојбата и во Германија, каде економијата е далеку од критичната точка на вриење, а сепак крајната десница успешно ја гради претставата дека „никогаш не било полошо”.

Вообичаените аргументи за објаснување на таа дискрепанца се секако пандемијата, војните во Украина и Палестина. Кои несомнено ги оптоваруваат националните и семејните буџети на западните економии. Незадоволството е во подем, негативниот впечаток за економските и социјални трендови е навидум во незапирливо надолна тенденција, проследена со гнев, остри сеопшти поделби кои го кинат ткивото на општествата. А сепак, среде сета таа помама за економијата, се случува парадоксот да во политиката – како никогаш досега - не се слуша гласот на економистите. Зошто? 

Нов слоган 

Се чини дека новиот слоган на овој „доблесен нов свет" не се однесува на економијата. Барем не во нејзиниот инспиративен дел. Доколку ги следиме трендовите во политиката, општеството, културата, доколку ги согледаме профилите на новите политички првенци во подем и доминантната политичка нарација, новиот слоган би бил „До сиромаштијата е, глупчо". Во право сте, таквиот слоган звучи парадоксално, бидејќи и сиромаштијата е дел од економијата. Барем така личи на прв поглед. Проблематичноста лежи во контекстот. 

Слоганот на Карвил се случуваше во период на една друга генерација, денеска нарекувана бумери, во која оската на општеството гравитираше околу семејството, американскиот сон и избалансираниот однос помеѓу генерациите. Идеолошките разлика помеѓу демократите и републиканците сеуште беше дефинирана од неприкосновеноста на капитализмот, на демократијата, довербата во институциите и самиот државен и општествен систем. Јавноста сеуште беше сосема свесна за феноменот на берзански шпекуланти, масовните медиуми беа сведени на Си-Ен-Ен, комуникациите беа сеуште во ран повој на разојот на ИТ технологијата, а компаративните претстави за светот беа во конзеративен црно-бел формат на Западот како симбол на прогресот. 

Тешко е да им се објасни на младите генерации, кои ги немаат доживеано доцните осумдесетти и раните деведесети на минатиот век, каков налудничав тренд на промени се има одвиено во последните триесетина години. Но мојата генерација памети и знае да направи споредба помеѓу времето кога вестите не беа евтини, податни и лесно достапни како денес. Кога појавата на Бој Џорџ или Ени Ленокс беше шокантно, а денес дел од мејнстримот. Тајните на банкарските шпекулации тогаш беа познати, на грст избрани, за да денес некое тинејџерско мочле со мобилен телефон се збогатува низ сајбер-светот на банкарството. Девојчето до него, пак, на истиот мобилен во-живо ги следи случувањата од Мариопул, Газа, Дарфур и кризите во Венецуела. 

Песимизмот на новите генерации 

Но, клучната разлика е сепак во разбирањето на економијата како полуга за воздигнување на националниот престиж и социјалниот статус на семејството, единката. И сегашната убеденост на добар дел од општествата, убедени во пророштвото на Тони Сопрано дека „најдобрите денови се зад нас”. Економијата на Карвил беше само дел од бранот на оптимизмот, додека пак сиромаштијата на духот, на буџетите, на површните знаења е крилатица на песимизмот на новите генерации оставени на страна од плодовите на економскиот развој. Како последица, класичната политика се уште се обидува понудата да ја гради врз оптимизмот на економијата во процут.  Додека пак постекономската гарнитура на опортунизмот ја форсира емоцијата на сиромаштвото за собирање на плодовите на гневот во изборни маси жедни за промена. Новиот слоган „До  сиромаштијата е, глупаци" е само популистички адаптирано ехо на Лениновата „што полошо, тоа  подобро" од почетокот на дваесетиот век. 

Македонските кандидати 

Расчекорот помеѓу тие две школи на мислења – елитниот оптимизам на економијата и песимизмот на сиромаштијата – највидливо и најдраматично се согледува низ рабовите каде меѓусебно се тријат завојуваните блокови. Како кај нас, на пример. Особено во овој предизборен момент во кој власта (не СДСМ и ДУИ) од петни сили се обидува да докаже дека „никогаш не било подобро”, додека пак опозицијата (не ВМРО) е убедена дека со една нога сме веќе над амбисот на пропаста. А сепак, поведенијата – а не зборовите – укажуваат дека и двете спротиставени екипи ја играат истата тики-така стратегија на вртење на топката низ центарот на стадионот. 

Погледнете ги  кандидатите за претседатели на државата. Меѓу кои нема ниту еден асален економист, ниту еден со свои сили докажан стопанственик, ниту една асално одржлива идеја за економијата која не им е напишана како talking point за читање. Единствената врзивна нитка која ги поврзува е „економијата на сиромаштија", некогаш социјалната, некогаш идеолошката, но во колективен случај доминантната сиромаштија на духот, на визијата, на иницијативата, на  претприемништвото и сиромаштија на духот. Некој ги нарече  сегашните кандидати како „збир на понуда од втора рака", но вистинскиот заеднички именител е опортунизмот на идеи маскиран зад сиромаштијата на гневот, пизмата, личните егоизми и колективниот елитизам на кандидати кои немаат никаква блага врска со реалноста на гласачите. Но да не ве лаже плиткоста на понудените кандидати. Тие се само параван за подлабоки стратегии на експлоатација на сиромаштијата. 

ВМРО-ДПМНЕ е нагласено и нескриено анти-СДСМ, анти-ДУИ и анти-Албанско во обид за капитализација на проектираниот и скроениот гнев на сиромаштијата. Но, зад таа парада на загноен гнев и омраза, клучниот анимозитет на ВМРО не се ниту СДСМ, ни ДУИ, ни Албанците, туку е атаката кон центарот. Поточно, желбата за уништување на центризмот, на конструктивната неопределеност и слободниот избор. Смислената екстремизација на наративот цели кон тотална елиминација или барем сведување на небитност на политичкиот, општествениот центар кој секогаш се покажувал убиствен за ВМРО-ДПМНЕ. Центризмот е бедем на вистинската академија, самопочит, умереност, кохерентност. Воглавно, на сѐ што е трн во окото на ВМРО-ДПМНЕ, како и на СДУИ. 

СДСМ и ДУИ со судни маки се обидуваат да ја одржат приказната за себе како бастиони на европејството, современоста, прогресивноста и толеранцијата. Иако во реалноста, токму тие се скакулците кои бесрамно ги имаат изедено, и во сопствените стомаци спакувано, сите плодови на општествената и граѓанска добра волја. Во нивниот вокабулар, ВМРО и албанската опозиција се злото кое ветува зло и ќе испорача зло. Но дури и доколку има поголема согласност на гласачите по тоа прашање, тоа не значи дека истите граѓани веруваат во сдуи-истичката доблест. Ниту приближно! Во основа, про форма ривали на СДУИ се ВМРО, ВЛЕН, но вистинските непријатели кои ќе им дојдат до глава се имиџот на баналност, на тупаџиство, на умисленост која во  политиката е посмртоносно од секој скандал, секој криминал, секоја корупција. Лагата е политика, но баналноста е финален, терминален крај на оној кој – како Али Ахмети – мисли дека итроманството е вечно. 

Играње со евтиниот популизам  

Во Македонија, оваа независна, скроена по модел на американскиот политички систем и финансирана со евтини социјални пари на Европејците, економијата е циркуларно затворена, а сиромаштијата ендемски расцутена. Практичноста на оваа теорија е најлесно разбирлива доколку се следат тредовите на големите раселувања на олигархијата низ изборните циклуси. Некаде на почеток на владеењето на Заев напишав дека започнува периодот во кој длабоката држава на олигарсите, на остатоците на службите и криминалот по неколкудеценискиот престој на Бихаќка и Жолта куќа/Бела Палата полека ќе се сели кон, сместува и влијае под пазувите на ДУИ.  Разнебитувањето на СДСМ условува дека нема враќање кон Бихаќка, туку тој дух на политичко-економски опортунизам ќе гравитира кон враќање во ВМРО-ДПМНЕ. 

Тој циркуларно затворен круг денес е оптоварен од овој злокобен дух на перпетуална деструктивност кој ги менува телата, ги гризе одвнатре, ги разбива и декомпонира. Некогаш тоа го прави преку Зоран Заев во СДСМ, некогаш преку Артан Груби во ДУИ, на ред е ВМРО-ДПМНЕ во која ергелата на популарни самоуништувачи на партијата е далеку побројна отколку што Христијан Мицкоски го согледува или има храброст сам на себе да си признае. Евидентно е, очигледно е, дека оваа ера на пирови победи на големите партии е смислено скроена за нивно систематско рушење – со сопствени раце и одвнатре. Тоа е ефектот на играње со евтиниот популизам на ширење омраза и глумење бранител. Порано или подоцна и воглавно навреме, цехот и пехот на хранење на општеството со евтин опортунизам доаѓа на наплата во форма на – нудење на главата која ја има смислено и пропагирано таа „евтинија". 

Во таа игра на леб за елитата и сол врз раните на сиромаштијата, вистинскиот потег не ќе беше да се нудат излитени ликови од транзицијата, пензионирани тинејџерки на сталинизмот, локални фактори со тунел визии кон Водно виа Тафталиџе или набилдани зборлести-кукли насадени врз раката на Бранко Ц. Штета, навистина, што никому не му текна во таа наша диета на леб и сол да го предложат Влатко Стефановски за претседател. Ако ништо друго, како потсетник за времето кога и јазикот и историјата, и песната и литературата, и бунтот и елегијата, и музиката и публиката не зависеа од „служебни јазици”, „соседски договори”, „признавање истории”, туку беа широкоградо прифаќани по дома и особено насекаде. Во таа дружба на селективно слаткоречиви и селективно злобнозборни кандидати, Влатко ќе отскокнуваше за пола гитара над сите, потсетувајќи нѐ дека, навистина, кој пее - зло не мисли. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи