Би требало да се верува дека многумина од вас го гледале феноменалниот филм на Акира Куросава од 1950 „Рашомон“, кој потоа стана синоним за нешто заплеткано, необјасниво, нерешливо и еднострано. И кој е прогласен за еден од најдобрите филмови воопшто снимен.
Веројатно ја знаете и приказната: Еден самурај оди низ шумата со својата невеста кога ги пресретнува озлогласен бандит (го глуми неверојатниот Тоширо Мифуне). Бандитот го убива самурајот и потоа на сослушувањето секој од учесниците во инцидентот ја раскажува приказната како се случил настанот. Елементите се речиси идентични, но секој ги прикажува настаните од свој агол – и бандитот, и сопругата на самурајот, и убиениот самурај, кој зборува преку шинто свештеник како медиум. Филмот е познат по заплетот кој вклучува различни ликови кои даваат субјективни, алтернативни и контрадикторни верзии на истиот инцидент.
Така и со лидерската средба меѓу Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски од минатата недела. Не само што за истата средба се кажуваа исти, но различни работи на прес-конференциите на двајцата политичари, туку во наредните денови се кажуваа исти, но различни работи и за она што беше кажано на самите прес-конференции. Ако претпоставиме дека жртвата е Македонија, не можеме со сигурност да кажеме што би изјавила таа преку некој, да речеме, богумилски медиум.
Сега во оваа рововска битка се кажуваат и работи кои навидум немаат смисла. Така, во четвртокотна собирот во Гевгелија Мицкоски прво рече дека „ниту мене ми е до позиции, ниту на ВМРО-ДПМНЕ му е до функции, особено не кога е загрозена Македонија и кога народот е под блокада и нема иднина“ (веројатно мислејќи на понудата на Ковачевски за пет министерски места). За неколку минути подоцна во говорот да каже: „Првата понуда е формирање на преодна влада која што ќе ги организира следните парламентарни и претседателски избори... да имаме наш министер со полни ингеренции внатре во владата. Наши началници луѓе коишто ќе се грижат за безбедноста на изборниот процес, да може секој еден граѓанин слободно демократски да ја изрази својата волја и таа волја да биде преточена во историска победа на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и претседателскиот кандидат на предлог од ВМРО-ДПМНЕ. И третата работа, важна работа за оваа преодна влада. Затоа што нема подобар начин да се справите со криминалците од внатре, од институциите, и со лисици да ги вадиме, народот да ги гледа за сторениот криминал, срам и продажба што го правеа овие години“.
Измачувачка приказна
Ако не им е до функции, тогаш кои ќе бидат министрите во преодната влада, и кои ќе бидат началници? Но тоа е битката од рововите – Ковачевски тврди дека Мицкоски конечно прифатил Бугарите да влезат во Уставот, а опозицискиот лидер одговара дека уставни измени под бугарски диктат нема да има. Целата приказна станува измачувачка, но ќе дојде и денот кога ќе мора да се случи изјаснувањето. Какво ќе биде тоа, никој не може да каже. Ќе почекаме и ќе бидеме измачувани.
Еден друг аспект може да изгледа поинтересен. Кога неодамна американскиот сенатор Крис Марфи во интервју за Сител изјави дека на опозицијата ѝ кажал оти „нема да има подобар договор. Фикција е мислењето на опозицијата дека после избори ЕУ или Бугарија ќе понудат нешто различно. Разбирам дека е тешко да се промени Уставот, но ова е единствената рута кон ЕУ. Ќе има одредени загрижености во САД ако се добие слика дека Северна Македонија отстапува од патот кон ЕУ“.
Какви можат да бидат тие загрижености во Вашингтон? Приказната секогаш е поедноставна за која било опозиција. Таа не ги носи одлуките за раководењето на државата, но може да учествува во креирањето на иднината во клучни моменти. Некогаш трпението и разбирањето за домашните политики поминува многу граници. Погледнете што му се случува на Албин Курти, премиерот на Косово, на државата која беше создадена под патронатство токму на САД. Тој сега не сака да го почитува Бриселскиот договор од 2013 година што го потпишаа тогашните двајца премиери, Ивица Дачиќ и Хашим Тачи, со посредство на тогашната шефица на европската дипломатија, Кетрин Ештон. Тој договор во значајна мерка не го почитува ни Србија, но Албин Курти се однесува како и воопшто да не се потпишал (се разбира, бидејќи тој не ставил потпис на него). ЕУ му се заканува со санкции на Косово, САД му даваат ултиматум, а Курти ја јакне позицијата на Вучиќ среде големите протести на граѓаните против насилството во Србија и улогата на владата во таа насилничка атмосфера.
Мицкоски, од таа гледна точка, може да биде релативно спокоен. Него ниту ЕУ, ниту САД не може да го сменат од лидерската позиција во партијата (како што ни на Сали Бериша не му попречи да се врати на чело на Демократската партија во Албанија, иако Вашингтон го стави на црната листа). Но администрацијата во Вашингтон не заборава како се однесуваат некои политичари кога се во прашање заедничките интереси, особено на декларирани стратешки партнери. Таму институционалното паметење е многу подолго отколку што некој овде може да претпостави.
Последниве недели повеќе пати се споменуваше епизодата од февруари 2011 година и разговорите на тогашниот премиер Никола Груевски во Вашингтон со тогашниот потпретседател Џо Бајден и државната секретарка Хилари Клинтон. Некои поуки навистина може да се извлечат од тие разговори, кои станаа важен меѓник за надворешната политика на Македонија и особено за политичката иднина на Груевски.
Уште од сценографијата на разговорите се гледаше дека тие не беа добри за Никола Груевски. По средбата со Хилари Клинтон во Стејт департментот, немаше вообичаени изјави на двајцата соговорници, Груевски беше оставен сам да си замине. Оценка за разговорите даде портпаролот на Стејт департментот, Филип Кроули, на редовниот брифинг со новинарите: „На дневен ред беа билатерални и регионални прашања. Секретарката на средбата изрази загриженост за трендовите во врска со владеењето на правото, независните медиуми и граѓанското општество. Таа ја повтори нашата надеж дека Македонија и Грција заедно ќе го решат долготрајното прашање за името, за Македонија да може да појде напред во барањето за членство во НАТО и за исполнување на своите евроатлантски аспирации“.
Соопштението од кабинетот на Бајден беше во сличен тон – потпретседателот ја подвлекол важноста што САД им ја даваат на владеењето на правото, слободата на независните медиуми и добрите меѓуетнички односи во Македонија. И дека изразил надеж оти Македонија и Грција ќе најдат решение за проблемот со името. Плус, благодарност за учеството на Македонија во мисијата во Авганистан.
Инсистирањето на слободата на медиумите беше разбирливо, затоа што средбите во Вашингтон беа неколку месеци по драматичниот упад на полицијата во тогаш најгледаната телевизија А1, на крајот од ноември 2010 година. Кога Груевски ги дозна овие американски оценки за средбите, побрза да даде изјава за новинарите буквално на една од вашингтонските улици. Груевски објаснуваше дека најмногу време на средбите им било посветено на евроатлантската интеграција на Македонија и на проблемот со името. „Ставот на Америка е дека Македонија и Грција треба да го решат овој проблем и дека само ние можеме да најдеме решение и дека не треба да очекуваме некој друг да ни го реши тоа прашање и дека треба да останеме фокусирани на тоа. Се разбира, тоа е и наш став. Ќе останеме силно фокусирани на ова прашање“, изјави тогаш Груевски. Тој наведе дека на Бајден и Клинтон им зборувал и за прогресот што е направен во Македонија во образованието, економијата, судството и јавната администрација.
Што зборуваше Милошоски
Тогашниот американски амбасадор во Скопје, Филип Рикер, кој беше дел од американската делегација на разговорите, на авторот на овие редови подоцна му кажуваше дека никогаш не сретнал некој политичар кој така залудно ќе го потроши своето време кај еден потпретседател на САД. Рикер велеше дека од половина час кај Бајден, Груевски 20 минути објаснувал за македонскиот успех на листата Дуинг бизнис и за економските реформи, а речиси и да не бил особено заинтересиран за разговори околу името.
Еден од членовите на македонската делегација, министерот за надворешни работи Антонијо Милошоски, за публикацијата „Од Букурешт до Преспа“ на овој новинар му даде повеќе детали за овие средби, по кои почна полека да биде нагризувано понатамошното владеење на Никола Груевски, без оглед што Груевски тогаш свика нови избори за јуни таа година.
Што рече Милошоски:
„Можноста за решение на името пропадна во февруари 2011 година во Вашингтон. Тогаш имаше покана од Џо Бајден и Хилари Клинтон за посета на македонска делегација и за средба со нив. Груевски ја предводеше делегацијата, јас го придружував, таму беше амбасадорот во САД, Зоран Јолевски, во делегацијата дојде и Мартин Протуѓер. Имавме средба и во амбасадата со помошникот секретар за овој регион, Фил Гордон. Разговаравме со него и тогаш на маса се стави предлогот Republic of Upper Macedonia (Република Горна Македонија) како двојна формула (но не онаа двојна формула на Киро Глигоров или Бранко Црвенковски ‒ нашето уставно име за сите, а двојното за Грција). Ова беше поинаква двојна формула ‒ вашето уставно име за вас и вашиот устав да не се менува, а ‘Република Горна Македонија’ за меѓународна употреба. Со тоа што беше оставено на земјите-членки во ОН да одлучат по свој избор дали со нас ќе потпишуваат договори на ваков или таков начин. Националноста беше македонска, јазикот како во ОН, кај националноста допишано ‘државјанство на Република Горна Македонија’.
Хилари Клинтон очекуваше дека Груевски ќе го потврди тоа со неа. Но Груевски тогаш не го прифати тој предлог. И на таа средба, а и на средбата со Бајден.
Мое мислење е дека во тие моменти во 2011 година е донесена, ако може така да се рече, одлуката, или е даден сигнал од страна на таа администрација, дека можеби треба да се најде нова алтернатива за премиер во Македонија. Мое мислење е дека тогаш се случи тоа. Затоа што Хилари изгледаше многу нервозна. Тие имаа ‘тет-а-тет’ средба во нејзиниот кабинет, којашто траеше приближно 20 минути и потоа дојдоа на пленарниот дел. Но, се гледаше дека средбата не била успешна.
Бајден на средбата постави едно од клучните прашања: ‘Дали може да очекуваме од вас да го надминете прашањето со Грција и како можеме да помогнеме?’ Тоа беше прва приоритетна тема и кај Бајден и кај Хилари.
Имаше неколку мотиви кај Груевски да ги одбие Бајден и Клинтон. Прво, мислам дека беше различна перцепцијата на американските дипломати од таа на Груевски. Американските дипломати сметаа дека Груевски како премиер и политичката партија и собраниското мнозинство се доволно силни за да можат да истуркаат решение, прифатливо, достоинствено решение за Македонија, додека Груевски имаше друга логика. Тој сметаше дека неговата сила како премиер, собраниското мнозинство и популарноста кај гласачите му даваа право да одбие решение. Имам впечаток дека во разговорите со Папандреу можеше да се стигне до решение. Разговараа за различни варијанти и во неколку моменти се гледаше дека е можно решение.
Американците не само што тогаш кренаа раце, туку и дадоа сигнал дека операцијата за промена на Груевски може да почне. Знаеме како се развиваа работите понатаму“.
Сега не знаеме како ќе се развиваат работите понатаму. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, во четвртокот при гостувањето на „Вин-вин“ кај Оливера Трајковска изјави дека резолуцијата на германскиот Бундестаг за македонскиот јазик, индетнитет и култура било добра работа, но дека тоа не е доволно. И дека ВМРО-ДПМНЕ бара гаранции од европските институции дека идентитетот, јазикот, историја ќе бидат заштитени до полноправно членство во ЕУ. Муцунски уште ја доработи тезата на Мицкоски дека ЕУ треба да одобри голем финансиски фонд за Македонија во следниот седумгодишен буџет, кој ќе бил наскоро и тоа ќе било многу важно за државава да ја крене економијата.
-Молдавија или Македонија: Кој ќе влезе во ЕУ во 2030?
Што е ова – го правиш црвеното лижавче или шеќерната волна и потоа сам ги јадеш. Сегашниот буџет на ЕУ наречен „Следна генерација ЕУ“ е со важност од 2021 до 2027. До следниот седумгодишен буџет има близу четири години. Во декември има голема веројатност Молдавија и Украина да ги почнат преговорите со ЕУ. А ние тогаш можеби ќе го почнеме долгото чекање на гаранциите на европските институции за самите себеси. Или како што ја коментираше Мицкоски германската резолуција – „Тоа не е ни 5 проценти од тоа што овој народ го заслужува“.
Да воздивнеме од олеснување. До следната гаранција. Богами, не е лесно да живее во оваа Македонија.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.