1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опозицијата бара „бришење“ на техничката влада

ДТЗ
24 ноември 2023

Во пресрет на пролетните избори, повторно се актуелизира прашањето за првиот премиер Албанец, како технички премиер во последните 100 дена од мандатот на Владата.

https://p.dw.com/p/4ZOje
Христијан Мицкоски
Опозицијата бара „бришење“ на техничката владаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Во пресрет на пролетните избори, повторно се актуелизира прашањето за првиот премиер Албанец, како технички премиер во последните 100 дена од мандатот на актуелната Влада. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ е подготвена и за „бришење“ на техничката влада, само за да нема технички премиер од редовите на ДУИ. 
Оваа понуда повторно ја стави на маса лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, заокружувајќи ја жестоката реторика во јавноста и препукнувањата со владејачката партија од албанскиот блок. 

ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува ДУИ дека има бројни скандали зад себе и дека седум години е најлош репрезент на Албанците. „Тие се репрезент само и само на своите лични интереси, а стотици Албанци, исто како и Македонци на неделна основа ја напуштаат Македонија. Од изградбата на коридорите, до самитот на ОБСЕ, не постои работа за која се фатија кадри на ДУИ, а да не ја компромитирале. Кога ќе се спомне криминал и корупција и малите деца мислат на ДУИ“, велат од партијата. 

Според нив, партија која нема некомпромитиран функционер не може да биде партијата која ќе даде премиер, па дури тоа било и за 100 дена. Државата не треба да биде водена од структура која длабоко во своите корени е криминализирана. Потребен е нов пристап и борба против криминалот и корупцијата, децидни се од партијата. 

ДУИ
Државата не треба да биде водена од структура која длабоко во своите корени е криминализирана, велат од ВМРО-ДПМНЕ за ДУИФотографија: DW/P. Stojanovski

Стара идеја - нови дилеми 

Идејата за „бришење“ на техничката влада повторно ја оживеа партискиот лидер Христијан Мицкоски, кој во четвртокот, во интервју за Канал 5, рече дека нема потреба од формирање предизборна техничка влада и дека треба со партиите од власта и останатите парламентарни партии да седнат и да се договорат за бришење на техничката влада, и не само на овие избори, туку и на сите следни избори.

Околу прашањето дали има потреба или не од техничка влада - веќе подолго време се кршат копјата во земјата. Темата се отвoра во екот на партиските комбинаторики околу настап на изборите и можни коалицирања. 

Премиерот Ковачевски во март годинава го изнесе својот став дека „100 дена техничка влада еконцепт со кој лично не се согласува“. 

„Тој концепт на Пржинска влада е договорен во услови кога Македонија беше оценета како заробена држава, кога институциите беа партизирани. Сметам дека земја членка на НАТО која што преговара со ЕУ, која претседава со ОБСЕ, држава на која ѝ е укажана најголема чест за регионалната стабилност со тоа што преговорите за Косово и Србија ќе се одржат кај нас, не треба да има ваков тип на влада пред изборите“, изјави Ковачевски на 16 март. 

Неколку месеци подоцна, во јуни годинава,  Димитар Ковачевски му нуди на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да ја преземе премиерската позицијаво преодната Влада, со што  практично би испаднал од игра коалицискиот договор од 2020 година меѓу поранешниот премиер Зоран Заев и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој предвидуваше премиер во следната техничка Влада да биде Албанец

Опозицијата тогаш му порача - доста е со лицитации!

Законска обврска

Станува збор за законска обврска. За какви било законски промени и укинување на техничката влада потребен е консензус од политичките партии во Собранието. На ова деновиве потсети и премиерот Димитар Ковачевски, но и собранискиот спикер, Талат Џафери. 

Тој деновиве потсети на роковите за закажување на пролетните избори и посочи дека при партиските математики за датумот за одржување на изборите, мора да се имаат предвид стоте дена на техничката влада. 

„Пржинскиот договор, односно пржинската или техничка влада е преточена во закон, стои во актуелниот Закон за влада. Партиите треба да внимаваат на законските обврски кога шпекулираат за датум за избори. Последните 100 дена од мандатот, според актуелниот закон, треба да се формира техничка влада, значи 100 дена пред 5 Мај, како прв можен датум за парламентарни избори. Тоа треба да се почитува“, рече Џафери.

Моделот на техничка („Пржинска влада") за првпат беше воведен за изборите во 2016 година, како обврска од Договорот во Пржино од 2015 година. Иако техничката влада беше предвидена како преоден концепт, остана да функционира во Изборниот законик и во Законот за Влада. Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за укинување на „Пржинската влада" во февруари 2020 година не доби зелено светло од мнозинството.

Димитар Ковачевски
Ковачевски најави дека на средба во Собранието во текот на декември ќе се дефинираат сите детали во однос на одржувањето на изборитеФотографија: Petr Stojanovski /DW

Одлука во декември

Премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски во четвртокот (23.11) најави лидерска средба во Собранието во декември, на која ќе се прецизира датумот за изборите. Тој е дециден дека во мај идната година има доволно простор да се организираат редовни претседателски и парламентарни избори. Ковачевски најави дека на средба во Собранието во текот на декември ќе се дефинираат сите детали во однос на одржувањето на изборите. 

„Во однос на финалните одлуки што ќе треба да бидат донесени во врска со одржувањето на изборите, се работи за две одлуки. Едната е прво промена на Изборниот законик преку внесување на сите забелешки од ОБСЕ/ОДИХР, на тоа работи работна група. Мислам дека за многу краток период ќе имаме изборен законик што ги вклучува сите одредби од забелешките на ОБСЕ/ОДИХР и што ќе овозможи продолжување на одржување на демократски избори во државата какви што ги имавме во изминатите циклуси, а за разлика од оној 11-годишен период кога изборите беа окарактеризирани како недемократски“, изјави Ковачевски.  

За тоа дали ќе имаат заеднички листи со ДУИ, тој рече дека тоа е нешто што е одлука на политичките партии и е предмет на коалициски договори, така што во моментов, за такво нешто не може со сигурност да се зборува.

Две опции

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, смета дека датумот за избори е предмет на консензус и дека треба да се финализира и да се прецизира.

ВМРО-ДПМНЕ предлага две опции за изборите. „Едната опција е да биде 24 април првиот круг претседателски, односно 8 мај втор круг претседателски и парламентарни избори. Ова би значело почеток на кампања на 4 април или техничка влада некаде на 29 јануари. Вториот предлог беше доколку се изборите предвремени, 31 март да биде првиот круг претседателски, а 14 април втор круг претседателски и парламентарни избори, што би значело некаде на 11 март да имаме почеток на кампања. Ние сме подготвени по која било од овие две опции да одиме“, вели Мицкоски.

Министерот за правда Кренар Лога деновиве навести дека 8 мај е веројатен датум за парламентарни избори. Идната година во Северна Македонија треба да се одржат и претседателските и парламентарните избори. 
 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема