Мицкоски: Европските вредности се неспорни за ВМРО-ДПМНЕ
2 декември 2022Наративите за создавање поширок блок од проевропски партии со цел да се обезбеди поддршка за интеграцискиот процес, односно за уставните измени, по што сите кои се надвор од тој круг би останале со епитетот „антиевропски“, во опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги оценуваат како лажна мерка за европејство.
„Што се однесува за тоа кој е европски, а кој антиевропски блок, сметам дека најголем непријател на европските интереси и промотор на антиевропските вредности е оваа власт, која ги доведе интегративните процеси во ќорсокак и сега ни велат - треба уште откажувања за да ни тргне на патот кон ЕУ, кои продуцираат криминал додека зборуваат за ЕУ и кои го осиромашуваат народот додека прават милиони евра за полнење на приватните џебови. Во тој контекст, тука нема ништо европско“, вели за ДВ лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Во групирањето на власта и нејзино себеприкажување како „Европејци“ од страна на истите кои ги заглавиле процесите и потонале во криминал, Мицкоски препознава само „димна завеса за да продолжат тендерите и осиромашувањето на народот“.
„Главното прашање и главната мака на народот е дали тој живее подобро, а не мерката дали е некој Европеец или не? Одговорот го добиваме секојдневно - и во економските мерења на европските институции каде државава е на врвот по мизерија и корупција, и по реакциите кои неодминливо покажуваат дека народот е незадоволен. Нема да навлеземе во играта на докажување на европските вредности, затоа што тоа за ВМРО- ДПМНЕ е неспорно како определба. Така што, идната влада ќе ги обединува граѓаните кои се незадоволни од сегашната реалност и бараат промени“, посочува Мицкоски.
И во однос на пораките што ги испрати германскиот сојузен претседател за време на дводневната посета на РСМ, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е дециден.
„Пораките на Штанмаjер се негово согледување на процесите и како ВМРО-ДПМНЕ секогаш сме подготвени да дискутираме за тоа што е исправно и кои се нашите приоритети. За ВМРО- ДПМНЕ во фокусот и она што е исклучително важно, се интересите на народот. Така што, изворот на довербата и вистинската сила се граѓаните и она што за нив е приоритет“, вели тој.
Разместувања во опозицискиот кампус
Но, и вербалната поделба на „про“ и „анти ЕУ“, веќе донесе промени во однос на идни коалициски соработки. Токму поддршката на интеграциските процеси беше презентирана како формален мотив за премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ДУИ Али Ахмети да почнат разговори со претставници на Алијанса за Албанците (АА), за приклучување на оваа опозициска партија кон владејачкото мнозинство. Иако АА во јули годинава ја прекина 11-месечната соработка со ВМРО-ДПМНЕ (официјализирана во август 2021 година пред локалните избори, како противтежа на коалицијата меѓу СДСМ и ДУИ), Алијанса и потоа беше доживувана како потенцијален природен партнер на ВМРО-ДПМНЕ.
И покрај тоа што разговорите на власта со АА сѐ уште не се завршени, а според Ковачевски исходот ќе зависи од тоа дали ќе се усогласат по клучните принципи заради евроинтеграциите и интересот на државата, односот на Алијанса кон довчерашниот партнер веќе се измени во изминатите два месеца.
„Сметам дека ВМРО-ДПМНЕ треба сериозно да ги преиспита своите политики, особено кога се зборува за евроинтеграциите. Со овој вординг што го користи ВМРО-ДПМНЕ, едноставно оттуѓува многу граѓани. Со ваквиот начин на изразување, и со пречката што ја прават за почеток на преговорите, го намалуваат капацитетот за коалицирање со албанските партии, и мислам дека треба сериозно да ја преиспитаат својата политика, барем со она што излегува во јавноста“, изјавуваше во повеќе наврати в.д. претседателот на АА, Арбен Таравари.
Тој денеска и официјално ќе ја поднесе кандидатурата за функцијата претседател на партијата, во пресрет на партискиот Конгрес кој треба да се одржи на 17-ти декември. Според неофицијални партиски информации, тој датум се сметал и за своевиден меѓник во однос на одлуката дали Алијанса ќе се приклучи кон мнозинството.
ВМРО-ДПМНЕ сама ќе одлучи со кого ќе коалицира
Во однос на таа одлука на АА, а по прашањето за коалицискиот потенцијал и идно коалицирање, во ВМРО-ДПМНЕ се децидни дека сами ќе одлучат со кого ќе коалицираат.
„ВМРО-ДПМНЕ е голема партија и сама ќе одлучи со кого ќе коалицира, а приоритет ќе биде дали се обединуваме околу програмските определби за развој или не. Алијанса сама треба да одлучи и на неа останува дали ќе ги прифати игрите на власта во кои таа идентитетски ќе се загуби и ќе стане уште еден привезок на власта, или ќе биде силна опозиција која ќе ги артикулира интересите на незадоволните граѓани. Без оглед на едното или другото, единствен вистинит факт е дека има огромно незадоволство на сите граѓани од оваа власт и тоа е многу посилно од секоја друга вештачка коалиција на власт“, вели Мицкоски.
Нему Ковачевски од партиска трибина во Куманово завчера му упати критика, во форма на прашање.
„Дали на странските политичари кои доаѓаат во државата, вклучително и на домашните политичари, на состаноците што ги има со нив им вели: ‘Дајте ми власт и ќе го сменам Уставот’. Нека одговори, па нека чујат и странците и нашите граѓани“, побара Ковачевски од Мицкоски.
„Вакви лаги како оваа не поминуваат“, одговори на Фејсбук пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.
„Димитар Ковачевски (...) не знае дека народот е тој кој бира и дава, и народот е тој кој зема на избори, а не странските политичари“, напиша Ковачки.
Според политички аналитичари, форсирањето на поделби за проевропски и антиевропски сили, не води кон прокламираната цел на власта за обединување и широка поддршка на европските интеграции, туку кон нови поделби на внатрешен план. Односно, за да има успех европскиот процес, и речникот на властите треба да биде променат, а постапките да станат инклузивни.