1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опонентите со критики: Кој питачи и праќа емисари?

7 јуни 2024

Претставници на Вреди и ДУИ си разменуваат критики во период кога се пред крај разговорите за формирање влада.

https://p.dw.com/p/4glWr
Арбен Таравари Вреди Северна Македонија
Арбен Таравари од Вреди на Фејсбук објави дека ДУИ питачат за функцииФотографија: Petr Stojanovski/DW

Кој праќа емисира и кој питачи за да влезе во Владата - на оваа тема тече јавно препукување меѓу претставници на Вреди и ДУИ. Кастриот Реџепи од Вреди, посочувајќи дека Европскиот фронт инсистирал и инсистира да биде дел од владата, во овој контекст изјави дека  лидерот на ДУИ, Али Ахмети,  се сретнал со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„За што му испратија емисари на  Мицкоски и самиот господин Ахмети  се сретнал со Мицкоски. За што? Јас не бев на средбата, но знам дека се сретнал“, рече Реџепи во дебата на ТВ 21.

Портпаролот на ДУИ, Арбр Адеми, таквите тврдења ги квалификува како лажни вести.

„Станува збор за лажни вести кои се подготвуваат во други кујни кои не го сакаат  доброто на Албанците,  а кои користат некои Албанци кои без срам и без легитимитет на граѓаните се обидуваат да ги претставуваат Албанците“, изјави Адеми за ТВ 21.

Реакција предизвика и објавата на Арбен Таравари на Фејсбук, дека ДУИ питачат за функции.

„ДУИ продолжува да оди по погрешен пат. Таа моли да ја примат во Владата, а колку и да ја одбиваат, таа сепак праќа преговарачи кои се претворија во питачи за функции“, напиша Таравари.

Претседателот на огранокот на ДУИ во Гостивар, Валдет Џафери, му одговори на Таравари.

„Желбата за власт на албанската опозиција е слепа амбиција, газење на виталните интереси на Албанците во РСМ. ДУИ никогаш нема да го направи тоа. Заштитата на достоинството на Албанците е алфа и омега на нашето политичко дејствување, во или надвор од извршната власт. Таа црвена линија никогаш нема да се помине“, напиша Џафери.

Задоволни од преговорите

Ваквата размена на критики и навреди се случува во период кога претставници на Вреди тврдат дека се при крај преговорите и меѓу нив и ВМРО-ДПМНЕ за формирање на влада - принципите на новата влада се утврдени, програмите се хармонизирани, а при крај се  разговорите за третиот ешалон.

Влада, Северна Македонија
Преговорите за состав на новата влада се во тек, во Вреди се задоволни од нивФотографија: Petr Stojanovski/DW

Од Коалицијата „Вреди“ се задоволни од преговорите.

„Одлично поминавме и завршивме еден циклус што е многу битен за нас“, изјави Висар Ганиу oд Коалицијата Вреди, кој беше во работната група за разговори со ВМРО-ДПМНЕ.

Имало денови кога разговорите трале подолго, но сѐ со цел да се направи најдобриот избор. Тој вчера не ги соопшти имињата на кадрите од Вреди кои ќе раководат ресори во Владата,  како и имињата на заменици- министри, државни секретари и директори, и најави дека ќе ги објават заеднички како Коалиција во соодветно време. Единствено потврди дека Секратаријатот за европски прашања прераснува во Министерство за европски прашања.

Внатрепартиски консултации

Но, тоа и не е изненадување, бидејќи се содржи во предлогот за измени на Законот за организација на работата на органите на државната управа што   Мицкоски веќе го достави со Собранието.   Со него се предвидува да има одреден број  нови и реорганизирани министерства, со што во Владата би имало вкупно 20 ресори. Од досегашното Министерство за информатичко општество и администрација треба да произлезат две министерства - едно за јавна администрација, и едно ново - Министерство за дигитална трансформација. Ново ќе биде министерството за спорт, но и министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Секратаријатот за европски прашања ќе прерасне во Министерство, а досегашното МНР треба да биде Mинистерство за надворешни работи и надворешна трговија. Ресорот култура се реоганизира во Министерство за култура и туризам, ресорот економија во Министерство за економија и труд, а за социјална политика – во Министерство за социјална политика, демографија и млади. Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците ќе продолжи да работи само како Министерство за односи меѓу заедниците, а ресорот транспорт и врски само како Министерство за транспорт.

Кои лица ќе седнат на раководните позиции се уште не е офцијално потврдено. Засега само неофицијално се вртат ресорите со кои ќе раководат кадри на Вреди: здравство; економија и труд; социјална политика, демографија и млади; животна средина; евроинтеграции; и министер задолжен за добро владеење.

За ВМРО-ДПМНЕ остануваат останатите ресори, со исклучок на оние кои би биле договорени со Движењето ЗНАМ. Мандатарот Христијан Мицкоски вчера не откри ништо повеќе, освен дека почнуваат нивните внатрепартиски и внатрекоалициски консултации околу предлозите за членови на владата.