Пелоси во Тајван: Важен сигнал или историска грешка?
Од аспект на многу жители на Тајван, посетата на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, беше целосен успех. Во изминатите години Кина постојано го зголемуваше притисокот врз Тајван. На пример, испраќајќи сѐ поголем број воени авиони во непосредна близина на островот – само во 2021 година ги имаше речиси илјада, повеќе од двојно од една година претходно.
Кина превентивно презеде сѐ за да ја спречи посетата на Пелоси на Тајван. Но, Пелоси сепак дојде, за многу Тајванци тоа е важен знак дека САД ќе застанат на страната на Тајван доколку дојде до ескалција со Кина.
Сатисфакција за многу Тајванци
Со својата посета, Пелоси го издигна Тајван на светската бина: наеднаш островот се најде во ударните вести во светот. Благодарение на Пелоси, многу гледачи сега знаат каде се наоѓа Тајван и во каква компликувана ситуација се наоѓа. За многумина ова е сатисфакција, зашто бројни Тајванци при одење во странство порано мораа да објаснуваат дека доаѓаат од „Тајван“, а не од „Тајланд". И дека станува збор за различни места.
Посетата на Пелоси беше и израз на респект. Почит за многу работи на кои Тајванците со право се исклучително горди: жива демократија, слобода на печат за каква што речиси нема друг пример во Азија, многу отворено, толерантно и гостопримливо општество и вреден успех во една од најважните економски гранки во денешно време – индустријата за чипови.
Ваквото гледиште е повеќе од разбирливо. Но, точно е и тоа дека посетата на Пелоси доведе до воена реакција на Кина, која беше предвидлива. Тајванското прашање е замрзнат конфликт, за кој моментално нема решение. На формално прогласување независност на Тајван, Пекинг веднаш би одговорил со војна. Од друга страна, за повеќето Тајванци повторно обединување со Кина под водство на Ши Џинпинг е засега целосно исклучено, посебно по актуелниот развој во Хонгконг.
Да не се чепка во замрзнатите конфликти
Каква е правилната забелешка на политикологот Еберхард Зандшнајдер? Ако за решение за некој замрзнат конфликт нема решение, тогаш треба да се направи сѐ што е можно за конфликтот да остане замрзнат. А Ненси Пелоси со својата посета го постигна токму спротивното.
Каква ќе биде оценката на историјата на посетата на Пелоси ретроспективно, ќе зависи пред сѐ од развојот на настаните во наредните денови и недели. Мнозинството набљудувачи не очекуваат воена ескалација, иако опсегот на кинеските воени маневри го надминува сѐ што е досега видено. Многумина сметаат дека ситуацијата повторно ќе се олабави, во момент кога Пекинг ќе стекне впечаток дека преку предимензионалното воено присуство повеќе од јасно го истакнал своето гледиште.
Но, постои и опасност при големите воени маневри да дојде до инцидент. Или до фатална погрешна проценка, која потоа ќе предизвика верижна реакција. Тогаш посетата, во најлош случај, ќе значи почеток на директна воена конфронтација меѓу двете светски и атомски сили: Кина и САД.