Први жртви во ударот на ураганот „Хелен“ во Флорида
27 септември 2024Ураганот Хелен предизвика најмалку три смртни случаи во југоисточниот дел на САД. Во државата Џорџија, две лица загинале како резултат на торнадо предизвикано од „Хелен“, објави во петокот гувернерот Брајан Кемп. Уште еден смртен случај е забележан во Флорида.
Според локалните медиуми, загинатите во Џорџија се маж и жена чија камп куќа била погодена од торнадото. Приколката била фрлена преку автопат, удрила во две други возила и конечно слетала во поле, објави ТВ станицата ВТОК доцна во четвртокот вечерта.
Жртвата на Флорида загинала на автопат во Тампа при пад на сообраќаен знак кој удрил на автомобилот, објави гувернерот Рон ДеСантис. „Ова покажува дека надвор е многу опасно“, истакна тој, повикувајќи го населението да остане во домовите. Гувернерот на Џорџија, Кемп, исто така ги повика луѓето преку онлајн сервисот X да продолжат да се штитат од ефектите на ураганот.
Предупредувањата за тешки временски услови предизвикани од „Хелен" во САД важат за повеќе од 55 милиони луѓе. Националната метеоролошка служба предупреди на поплави што се случуваат еднаш во векот.
Доколку се потврдат прогнозите, „Хелен“ најверојатно ќе биде најсилниот и најголемиот ураган во регионот за повеќе од една година. Пред да удри на копното на Флорида доцна во четвртокот вечерта, бурата беше класифицирана како „екстремно опасен“ ураган од четврт од пет степени и оттогаш е намалена на прв степен. Според властите, „Хелен" во последните часови достигна брзина на ветер од 145 километри на час.
Аеродромите во градовите Тампа и Талахаси во Флорида го прекинаа воздушниот сообраќај. Според веб-страницата Poweroutage.us, повеќе од 1,1 милион домаќинства биле без струја во Флорида, а 90.000 домаќинства биле погодени во соседната држава Џорџија. Поплавени се бројни улици.