Крим: Украина го напаѓа упориштето на Путин
16 септември 2023Втора ноќ по ред украинските трупи во четвртокот рано утрото нападнаа руски позиции на анектираниот полуостров Крим. Цела на нападот, според извештаи во украинските медиуми, бил противвоздушен систем С-300 или уште помодерен систем С-400 во близина на градот Евпаториј.
Тоа е втор таков систем на Крим врз кој во рок од само неколку недели е извршен напад. Руската восјка овој пат извести само за наводно одбиен напад со дронови, без детали.
Ноќ претходно Украина извести за спектакуларен напад во Севастопол, главната база на руската Црноморска флота. Според извештај од Киев, со крстосувачки ракети се погодени два руски воени бродови и подморница.
Двата брода, како што се наведува, се тешко оштетени. Руското Министерство за одбрана пак тврдеше дека штетите на бродовите се санирани.
Украина го разори Кримскиот мост
Украина веќе со недели ги засилува нападите на Кримскиот полуостров, анектиран во 2014 година, а кој Русија во следните години го претвори во воена тврдина со неколку бази за морнарицата и воздухопловството.
Непосредно пред руската инвазија во февруари ланската година, украинското Министерство за одбрана процени дека брјојот на руски војници на Крим изнесува 32.000. Се наведува дека таму е стационирано и нуклеарно оружје.
Украина прв пат изврши масивен напад на Крим во август минатата година, кога беше погоден воениот аеродром кај Саки и беа уништени неколку борбени авиони.
Во октомври 2022 година прв пат беше миниран Кримскиот мост.Од тогаш овој мост, кој е најважен за снабдување на руските трупи, е напаѓан во повеќе наврати, а последниот пат нападот беше извршен со дронови.
База на Црноморската флота
Зошто е Крим толку важен за двете страни? Освен симболичкото значење, кое рускиот претседател Владимир Путин постојано го истакнува, полуостровот пред сѐ има воено значење.
Црноморската флота, стационирана таму, ги напаѓа украинските градови со крстосувачки ракети Калибр, од внатрешноста на земјата па сѐ до границата со членките на ЕУ. Истото важи и за авионите стационирани на Крим, кои се опремени со ракети.
Крим исто така игра централна улога во снабдувањето на руските трупи во јужна Украина. Конечно, поморската блокада на украинските пристаништа Русија тешко би можела да ја спроведе без Крим.
Непосредно по инвазијата, Русија од Крим зазеде поголеми подрачја и така обезбеди копнена врска на полуостровот со Русија. Украинската војска со контраофанзивата од почетокот на летото се обидува да ја прекине оваа врска.
Војската, меѓу другото, ги напаѓа сите мостови кои го поврзуваат Крим со копното. За таа цел главно се користи прецизно западно оружје, вклучувајќи британски и француски крстосувачки ракети.
Пробив до Крим и потоа преговори?
Главниот заповедник на украинската војска, генерал Валериј Залужни во еден стратешки документ есеноска го означи Крим за „клучен фактор“ во војната на Русија против Украина.
Ако Украина го освои полуостровот, тоа значајно би ја ослабило Русија, но не би гарантирало крај на војната. Русија би можела да продолжи со напади од своето копно дури и по евентуално губење на Крим, предупреди Залужни.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и натаму се надева на пробив. Тој изјави дека војната почна на Крим и таму ќе заврши.
Најдобра опција за Киев би била да напредува до Крим, а потоа да преговара за повлекување на руските сили. Меѓутоа, моментално е тешко замисливо дека Русија би се согласила на тоа.