1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Синдикатот на УПОЗ го кани Мицкоски на средба

ДТЗ
17 јануари 2025

Синдикатот бара зголемување на платите. Доколку не им се излезе во пресрет, како опција се разгледува и можноста за штрајк и поднесување тужба.

https://p.dw.com/p/4pH8P
протест администрација
Синдикатот на УПОЗ го повикува премиерот Христијан Мицкоски на разговори за изнаоѓање решение како да се зголемат платите на администрацијата Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Синдикатот на УПОЗ го повикува премиерот на Северна Македонија Христијан Мицкоски на разговори за изнаоѓање решение како да се зголемат платите на администрацијата во шест министерства и во Државниот завод за статистика, коишто цела недела протестираат. Доколку не им се излезе во пресрет, како опција се разгледува и можноста за штрајк и поднесување тужба. 

На 14 јануари вработените во шест министерства и два државни органи започнаа со полчасовни протести пред институциите, на коишто го изразија своето незадоволство од непотпишувањето на колективните договори, со што ќе можат да добијат 30 отсто додаток на плата.

Решение преку дијалог

„Тие покажаа дека и на минусни температури можат да излезат на протести за да ги остварат своите права“, вели претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски. Иако преку различни соопштенија и изјави деновиве Владата порача дека решение треба да се изнајде преку дијалог, синдикатот тврди дека тие формална покана за средба не добиле. 

„Бидејќи дијалог не се води преку соопштенија и преку вас, медиумите, Синдикатот на УПОЗ поднесе формално барање за средба со премиерот, со која бараме повторно продолжување на дијалогот кој еднострано беше прекинат од страна на Министерството за финансии со одбивање на предложените Колективни договори за додатокот на плата за овие вработени кои се тука со нас”, истакна на  прес-конференција Деаноски.

Вработените очекуваат Владата да покаже разбирање и да ја прифати оваа подадена рака од Синдикатот на УПОЗ за изнаоѓање на решение за нивните барања. „Во спротивно ќе бидеме приморани повторно да ги активираме протестите, како и да ги искористиме сите со закон дадени можности за изразување на незадоволството на работниците до остварување на барањата“, вели првиот човек на Синдикатот на УПОЗ.

Се размислува за штрајк и тужби

На прашањето дали под искористување на сите законски права се подразбира и поднесување на тужба против државата, Деаноски не ја исклучува таа можност. „Ќе чекаме, ќе дадеме шанса за продолжување на дијалогот, ако не - ќе ги продолжиме протестите, се размислува за одење на штрајк и за тужби до државата“, вели тој. 

Синдикатите бараат зголемување на платите за 30 отсто, што, како што се вели, е минимално што може да се направи за да се овозможи работниците да го задржат своето достоинство и да обезбедат основни услови за живот.

Во протестот учествуваат вработени во Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за дигитална трансформација, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за правда, Министерство за култура и туризам, Министерството за економија и труд, Министерство за транспорт, Државниот завод за статистика и Државниот архив.