1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТероризамГерманија

Критики за муслиманските здруженија во Германија

Лиза Хенел
10 октомври 2023

Нападот на Хамас врз Израел предизвика дебата за позиционирањето на муслиманските здруженија во Германија. Расте притисокот и врз нив – притисок јасно да ги осудат акциите на милитантниот Хамас.

https://p.dw.com/p/4XKUn
Исламскиот центар во Хамбург, кој ја вклучува и џамијата Имам Али, наводно е близок до иранскиот режим
Исламскиот центар во Хамбург, кој ја вклучува и џамијата Имам Али, наводно е близок до иранскиот режимФотографија: Dwi Anoraganingrum/Geisler-Fotopress/picture alliance

Сѐ започна со објавата на сојузниот министер за земјоделство, Џем Оздемир, на платформата Х, поранешен Твитер. Министерот минатата сабота напиша: „Громогласен молк на муслиманските здруженија во Германија за теророт врз Израел. Или дури релативизација“. „Во контекст на терор, убиства и киднапирања, конечно мора да се запре со наивноста во однос на исламските здруженија!“, додаде тој. 

Во раните утрински часови на 7 октомври, веројатно стотици терористи од радикалниот исламистички Хамас од Појасот Газа преминаа на територијата на Израел, каде што убија или киднапираа стотици цивили и војници. Според официјалните податоци, бројот на жртви на израелска страна е повеќе од 700. Во исто време, Хамас изврши ракетен напад врз Израел од Појасот Газа, по што Израел прогласи воена состојба и одговори на нападот на Хамас со контраофанзива на Газа. На палестинска страна, според официјалните податоци, досега се регистрирани најмалку 560 мртви.

Во Германија сите партии застапени во Бундестагот, освен Алтернатива за Германија (АфД) и Левица, изразија солидарност со Израел. Во заедничката изјава пишуваше: „Наше сочувство во овие тешки часови до целиот израелски народ и до државата Израел. Овој терор не може да се оправда со ништо и мора веднаш да се запре“.

И пред тоа, а особено на платформата Х, се бараше со слична објава да се огласат муслиманските здруженија во Германија.

Како се организирани германските муслимани?

Во Германија живеат околу пет и пол милиони муслимани. Муслиманската заедница во земјата е организирана на различни начини. Некои џамии или простори за молитва делуваат одделно, воопшто не се вклучени во некаков вид сојуз. Според Медиумската служба за интеграција, во 2021 година, околу 70 отсто од муслиманските исламски молитвени простори и џамии биле организирани во некакво здружение или сојуз на сојузно или покраинско ниво.

Ајман Мазиек е на чело на една од најголемите муслимански покривни организации, Централниот совет на муслиманите, од 2010 година.
Ајман Мазиек е на чело на една од најголемите муслимански покривни организации, Централниот совет на муслиманите, од 2010 годинаФотографија: Friso Gentsch/dpa/picture alliance

Некои исламски заедници или центри се под надзор на Службата за заштита на уставниот поредок. Некои, особено се критикувани поради силното влијание или финансирање од Иран или од Турција. 

Непосредно по постот на министерот Оздемир на Х, се огласи и генералниот секретар на Исламската заедница, Мили Горуш. Меѓу другото, тој напиша: „Неподносливи се сликите и видеата од напади, киднапирања и сквернавења, кои, за жал, ги гледаме долги години, а ги гледаме и денес. Се молиме повеќедецениските страдања во Израел и во Палестина, како и во бројни други конфликтни региони, наскоро да завршат. Но, сосема е погрешно и неодговорно што муслиманите овде, во Германија, речиси се обвинуваат дека се виновни за злосторствата во Израел и во Палестина“.

Критика на сметка на Централниот совет на муслиманите

На соопштението на Централниот совет на муслиманите во Германија мораше да се почека подолго. Тоа е едно од четирите здруженија кои го основаа Советот за координација на муслиманите во Германија во 2007 година. Во рамките на Централниот совет работат околу 300 џемати.

Во соопштението објавено од Централниот совет на муслиманите, се вели: „Ги осудуваме најновите напади на Хамас врз цивилите и повикуваме на итен прекин на насилството. За да не мора да се оплакуваат уште жртви меѓу цивилното население, сите страни сега мора итно да престанат со борбени дејствија.“ И токму оваа последна формулација предизвика бројни критики: Централниот совет се обвинува за релативизирање на насилството. 

Еден од критичарите е Ерен Гуверчин. Тој е основач на друштвото „Алхамбра“, кое се смета за еден вид муслимански дебатен форум. Гуверчин на X, како одговор на соопштението на Централниот совет на муслиманите, напиша: „Како германски муслиман, се срамам од она што го демонстрира Централниот совет. Вие не зборувате во име на муслиманите во Германија. Променете го вашето име.“ 

Со сличен, остар тон, јавно се огласи и министерот за финансии на Баден Виртемберг, Данијал Бајаз од партијата на Зелените: „Оваа објава не е само релативизација, таа е срамна најава за банкрот. Солидарноста со Израел не може да се релативизира, особено не по вчерашните брутални напади. Освен тоа, ниту збор за сликите на луѓето кои слават во Нојкелн. Се загубивте!“

Во берлинскиот кварт Нојкелн, во саботата навечер (7.10), според полицијата, педесетина луѓе се собрале на пропалестински митинг. На едно видео, објавено на Инстаграм од антиизраелската мрежа „Самидун“, се гледа како група луѓе извикуваат разни слогани. „Самидун“, како што наведуваат, се залага за правата, односно ослободување на палестинските затвореници во Израел. Според Канцеларијата за заштита на уставниот поредок на градот-покраина Берлин, организацијата е основана во 2011 година од членови на „Народниот фронт за ослободување на Палестина“ (ПФЛП), организација која Европската унија и САД ја имаат ставено на листата на терористички организации. Во саботата попладне во Нојкелн, членовите на „Самидаун“ на минувачите им делеа слатки, за „прославување на победата на отпорот“, како што самите напишаа на Инстаграм.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи