1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСирија

Турција е победник во Сирија

Бурак Унверен
12 декември 2024

Турција од самиот почеток беше одлучна во поддршката на сириската опозиција. Сега ги постигна своите цели за соборување на Асад и дополнително потиснување на Курдите во североисточна Сирија. Каква улога одигра Турција?

https://p.dw.com/p/4o2Zy
Турција | Сиријци го слават во Истанбул падот на Башар ал-Асад
Експертите сметаат дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган може да има голема корист од соборувањето на поранешниот сириски диктатор Башар ал-АсадФотографија: Onur Dogman/SOPA Images/Sipa USA/picture alliance

„Ние немаме територијални претензии во Сирија. Сакаме само да се погрижиме вистинските сопственици да си ја вратат земјата. Ние таму влеговме само за да го прекинеме владеењето на тиранинот Асад“, беше образложението на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во 2016 година за воената интервенција во Сирија. Но, зад благородните зборови на Ердоган уште тогаш се криеја големи интереси. Анкара од самиот почеток ја поддржуваше опозицијата и одлучно се залагаше за соборување на диктаторот Башар ал-Асад. Пет години подоцна, Турција имаше константно воено присуство во упориштето на сириските бунтовници Идлиб.

Турција сега стратешки се смета за најголем победник во Сирија, додека Русија и Иран се сметаат за најголеми губитници. Имено, Москва беше најважниот сојузник на режимот на Асад, а Техеран го поддржуваше со паравоени сили. „Во споредба со ситуацијата од пред две недели, Турција дефинитивно победи во Сирија“, вели Заур Гасимов, експерт за турско-руски односи на Германско-турскиот универзитет во Истанбул.

Анкара тесно ќе соработува со идната влада на Сирија. „Турција ќе биде интензивно ангажирана во обновата и ќе биде главен инвеститор во од војна опустошената Сирија“, смета Гасимов.

„Анкара ќе има и економска корист од обновата на Сирија, бидејќи турски градежни компании ќе добиваат налози во Сирија“, смета политикологот Берк Есен од Универзитетот Сабанџи во Истанбул. „Иако политиката на Турција во однос на Сирија долго време се сметаше за малку успешна, Ердоган постојано повторуваше дека Асад еден ден ќе падне. Сега со тоа ќе поентира“, заклучува Есен.

Индиректна поддршка?

„Турција одигра важна улога во неодамнешната офанзива. Во новата Сирија, Анкара ќе го искористи тоа за да ја прошири својата сфера на влијание“, уверен е Есен. Турција ја поддржува Сириската национална армија (СНА) и така контролира големи делови од северна Сирија. Благодарение на своето присуство таму, Турција разви и одредени релации со исламистичката група Хајат Тахрир ал-Шам (ХТШ). Сепак, Анкара отфрла вмешаност во офанзивата. Иако Турција не ја поддржува ХТШ официјално - па дури и ја класифицира како терористичка организација - Анкара поддржуваше неколку милиции од северот на Сирија, кои учествуваа во офанзивата.

Легитимно е да се појде од тоа дека Турција индиректно воено ја поддржува ХТШ, вели експертот за Блискиот Исток, Андре Банк, од Институтот ГИГА во Хамбург. „ХТШ неодамна набави ново оружје. Моментално користи беспилотни летала и ракетни системи. Може да се претпостави дека тие потекнуваат од Турција“, вели Банк.

Неговиот колега Сајмон Мабон од Универзитетот Ланкастер е повнимателен со оценките и вели дека „тоа е нетранспарентна тема. Не знаеме точно до кој степен Турција ја поддржувала офанзивата“, вели Мабон. Иако е членка на НАТО, Турција всушност одржува добри односи со Русија и Иран – и со тоа редовно ги иритира нејзините западни сојузници. Политичкиот експерт Гасимов не стравува од заладување на релациите меѓу Москва и Анкара поради неодамнешните настани. Тој предвидува дека билатералните односи само ќе се продлабочат во иднина. „Падот на Асад ја прави Турција уште поважна за Русија“, вели Гасимов.

Иднината на Курдите?

Официјалната цел на Турција во северна Сирија е спречување на курдските сили да воспостават територијална единица. Анкара стравува дека може да се создаде курдска држава во регионот.

Во моментов, силите што ги поддржува Турција преземаат акции против курдските милиции и зазедоа области во североисточна Сирија, вклучително и градот Манбиџ. Сириските демократски сили (СДФ), кои контролираат делови од северна Сирија, се сметаат за сириски огранок на ПКК. Од 1984 година Турција е во конфликт со „Курдската работничка партија“ (ПКК), која во ЕУ е класифицирана како терористичка организација.

„Во иднина де факто би можеле да видиме автономен курдски регион во Сирија, како што има во Ирак. Разликата е што во планинскиот северен појас на Ирак, за Курдите е полесно да ги бранат своите области. Во рамнината во Сирија, ова би можело да биде потешко“, анализира Есен. Покрај тоа, нејасно е како ХТШ ќе се постави спрема Курдите и другите малцинства како што се христијаните.

Сирија бегалци на границата со Турција
Границата помеѓу Турција и Сирија е долга околу 900 километри (фото: граничен премин Чилвеѓозу)Фотографија: Dilara Senkaya/REUTERS

Враќање на бегалците дома?

Турција има граница со Сирија долга околу 900 километри и има примено околу три милиони сириски бегалци, односно најмногу во цел свет. Иако владата на Ердоган по избувнувањето на граѓанската војна прими многу Сиријци, таа сега е под огромен притисок, а огорченоста спрема Сиријците расте со години поради економската криза.

„Од голема важност ни е територијалниот интегритет на Сирија“, рече турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан на 8 декември, додавајќи дека „милиони Сиријци кои беа принудени да ги напуштат своите домови, сега можат да се вратат дома“. Во моментов во Турција се зголемуваат очекувањата дека тоа треба да се случи што поскоро. На 9 декември Ердоган го најави отворањето на граничниот премин Јајладаги во близина на Антакија што на бегалците треба да им овозможи да се вратат „безбедно и доброволно“ дома.

Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик