Папата Франциско е во болница поради респираторна инфекција
30 март 2023Кратко пред Велигденските празници, расте загриженоста за здравјето на папата Франциско, откако 86-годишниот поглавар на Римокатоличката црква во средата ненадејно е пренесен во болница поради инфекција на дишните патишта.
Ватикан не прогнозира колку долго ќе трае престојот на папата во болница, портпаролот на Светата столица, Матео Бруни спомена „неколку дена“, заедно со информацијата дека првата ноќ поминала мирно. Италијанската новинска агенција Анса цитира извори од болницата, според кои медицинскиот персонал е „многу оптимистичен“ дека папата веќе по неколку дена ќе може да се врати во Ватикан.
Пред болницата Агостино Гемели во Рим утрово се собрани десетици новинари и камермани, во очекување на нови детали за здравствената состојба на папата.
Нејасно е дали Франциско ќе може да одржува богослужба за Велигден, најважниот ден во католицизмот. Неговите термини за аудиенција во четврток и петок се веќе анулирани, како што известуваат медиумите, заедно со информацијата дека папата чувствувал проблеми со срцето уште за време на генералната аудиенција во средата. Тоа било повод неговиот личен лекар Масимилиано Страпети да го однесе во болница, но освен откриената респираторна инфекција, прегледите не довеле до загрижувачки наоди. Се истакнува исто така дека не е во прашање инфекција со коронавирус.
Папата Франциско се заблагодарил за желбите за брзо оздравување кои бројни верници му ги испраќаат и преку социјалните медиуми. Американскиот претседател Џо Бајден, кој и самиот е католик, на прием во Белата куќа ги повикал присутните да се помолат за папата.