Здравството на протест за повисоки плати
8 април 2024Здравствените работници излегоа на протест со барање веднаш по формирањето на новата влада да се потпише анексот на Колективниот договор за здравствената дејност кој го подготви Самостојниот синдикат за здравство, а со кој требаше да се зголемат платите на сите вработени во дејноста. Ако не се исполни барањето, тие најавуваат помасовни протести.
На протестот пред Министерството за здравство тие побараа од партиите да седнат со синдикатот на заедничка маса и она што го ветуваат во предизборието да го стават и на хартија, со што ќе се обрзат и да го исполнат.
„Нема да отстапиме од потпишувањето на анексот на Колективниот договор“, порача претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита Љубиша Каранфиловски. Тие бараат да се потпише Анексот веднаш по завршување на изборниот процес, но со дополнително соодветно зголемување на коефициентите на вработените согласно зголемените трошоци на живот.
Синдикатот се залага и за оние со договори на дело и за специјализантите со приватна специјализација уште од 2012 година.
„За оние со договори на дело треба конечно да се изнајде начин, парите се обезбедени и треба да се вработат, бидејќи има луѓе со по 20 години договор на дело на клиниките, а не им тече ниту здравствено, ниту пензиско осигурување. Кај приватните специјализанти проблемот е многу посложен. Иако постои голем егзодус во нашето здравство, приватната специјализација не постои никаде на друго место во светот“, вели претседателот на Синдикатот на Клинички центар, Предраг Серафимовски.
Синдикатот предлага тие да се вработат во клиниките, државата да им ги исплати специјализациите и да останат во јавното здравство за да помагаат на народот. „Инаку, вака, приватен специјализант ќе си заврши специјализација со пет години и еден ден нема да има во јавно здравство, па ќе си оди или во странство како што го прават тоа и завршените доктори“, вели тој.
Одлив на кадри
Здравствените работници посочуваат дека има голем одлив на кадри. „Знаеме дека има економски егзодус и од Англија оди медицински кадар во Австралија за поголеми плати и од Германија во Норвешка, во Шведска, меѓутоа немојте да се доведеме во состојба да се увезуваат здравствени работници и кадар од трети земји, бидејќи од контактите што ги имаме со синдикатите од Словенија, од Хрватска смртноста кај нив е зголемена доста. Така што, мислам дека е крајно време, ова е последен апел да имаат чувство, сенс за здравството. Прво и основно е покачување на платите зашто се што нудат друго – градење болници, опрема сѐ е тоа во ред, меѓутоа кој ќе работи во тие болници“, вели Серафимовски.
Според Даница Стојкова, медицинска сестра на Клиниката за гинекологија, некогаш имало по четири сестри на еден доктор, а сега е обратно. Според неа, мора да се стави акцент и на образованието зашто во здравствени институции влегува несоодветен и неспособен медицински кадар.
Протестот се одржа под мотото „Здравството на протест за плата“, а го поддржаа ССМ, Конфедерацијата и гранковите синдикати од двата сојуза и конфедерации.
Протест и во Тетово
И дел од вработените во Клиничка болница Тетово и Здравствен дом кои се членови на Независен Медицински Синдикат (НМС) одржаа протест со барање за подобри услови за работа во јавните медицински установи. Координаторот на НМС за Тетово, Ариф Ибраими, во изјава за медиумите посочи дека во градот еден од најголемите проблеми е недостигот на кадар.
„Бројот на вработени не кореспондира со препораките од СЗО, како установа сме регистрирани за 470 кревети, за кои треба да има тројца вработени по кревет, речиси 1.500 вработени за да оптимално се изврши и даде здравствена услуга. Нам ни фалат најмалку 400 вработени за да се изврши оптимална здравствена услуга“, изјави Ибраими.
НМС во повеќе градови одржа протести од кои се истакнаа барањата за трајно решение на над 1.100 здравствени работници и помошно-технички персонал кои се со договор за дело или со решение за времено вработување и други барања.