1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Барселона: Полицијата засилено трага по напаѓачите

ЖА
19 август 2017

Се трага по возачот на комбето-убиец во Барселона, се чини дека сепак тоа не е убиениот Мароканец во Камбрилс. Двојниот напад во Шпанија е веројатно дело на терористичка ќелија која планирала напади од поголеми размери.

https://p.dw.com/p/2iUga
Las Ramblas in Barcelona Polizei
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Fernandez

Во нападот со комбе врз толпата луѓе на познатиот булевар Ла Рамбла во Барселона во четвртокот попладнето загинаа 13 луѓе. Во стотина километри оддалечениот Камбрилс, околу полноќ напаѓачи со автомобил влетаа во група минувачи, при што една жена загина. Во двата напади има вкупно преку 120 повредени. Одговорноста за делото во меѓувреме ја презеде терористичката милиција Исламска држава.

Во четвртокот и петокот се уапсени четворица осомничени, меѓу кои и 27-годишниот Дрис Окабир. Во тек е потрага по терорист во бегство, 22-годишниот Мароканец Јунес Абујакуб, кој се смета за главен осомничен и возач на комбето кое во Барселона усмрти 13 лица. Според досегашните сознанија на истрагата, Абујакуб е дел од повеќечлена терористичка ќелија чии траги водат во Алканар.

По нападот во Камбрилс, полицијата уби петмина осомничени терористи, во нивниот автомобил биле најдени нож и секира, а на себе носеле појаси со експлозив, за кои се испостави дека не е вистински. Од петмината убиени, тројца се млади Мароканци, кои од своето детство живееле во Шпанија: 17-годишниот брат на Дрис Окабир, Муса Окабир, 18-годишниот Саид Алаа и 24-годишниот Мохамад Хуками. Тројцата потекнуваат од малото северношпанско гратче Рипол.

Барселона: „Беше многу брутално“

Уште три лица се водат како осомничени, двајца веројатно загинале при непланирана експлозија на материјал за производство на бомби во Алканар, на 200 километри оддалеченост од Барселона, во куќа користена од терористичката ќелија. Првично, се претпоставуваше дека експлозијата е несреќен случај. Во куќата биле пронајдени две тела.

Засилено се трага по возачот на смртоносното комбе во Барселона , за кого досега се сметаше дека тоа е убиениот Муса Окабир.  

Spanien Trauer und Gedenken nach Anschlag in Barcelona
Фотографија: DW/A. Gumbau

Нападите се изведени на многу порудиментиран начин од планираниот, истакнува шефот на каталонската полиција, Луис Траперо. По случајната експлозија во Алканар, атентаторите веќе немале доволно материјал за извршување на напади од поголеми размери.

Засега не е јасна првичната цел на напаѓачите.

Настраданите во двата напади потекнуваат од најмалку 35 земји, меѓу повредените има најмалку 13 Германци. Убиените по потекло се од Италија, Белгија, Португалија, Канада, САД и Аргентина.

Шпанскиот крал Фелипе и премиерот Мариано Рахој вчера во Барселона, заедно со илјадници граѓани,  присуствува на оддавањето почит на жртвите со минута молк. Рахој ја истакна потребата од зачувување на единственоста на нацијата во такви тешки моменти, со оглед на затегнатите односи меѓу Каталонија и Мадрид.

За време на комеморацијата во Барселона дојде до инцидент откако дваестина десничарски екстремисти, со високо подигнати транспаренти на кои беше испишано „Да нема веќе џамии“ и „Бегалците не се добредојдени“, се степаа со учесници на манифестацијата на оддавање почит на жртвите.