Со 2,4 милиони вакцини до колективен имунитет
8 јануари 2021Северна Македонија очекува преку три механизми да добие по 800 илјади дози вакцини против коронавирусот. Првата пратка може да се очекува кон крајот на месецов или на почетокот на февруари. Планот е да се вакцинираат едeн милион и двеста илјади граѓани, или 60 проценти од населението. Надлежните сметаат дека тоа е доволно за да се создаде колективен имунитет. Дотогаш нема олабавувањето на мерките коишто се на сила во земјата, а беа воведени пред новогодишните празници.
Прво „Фајзер“ па „Астразенека“
Министерот за здравство Венко Филипче денеска информираше дека земјата аплицирала за да ги добие првите дози на вакцината против Ковид-19 преку механизмот Ковакс. Најавите се дека вакцините можат да стигнат на крајот на јануари или на почетокот на февруари. „Аплициравме за да бидеме во првата група земји во однос на чување на температура на минус 70 степени, дистрибуцијата и практичната апликација преку здравствените домови.
-повеќе на темата: „Зелено светло“ за Модерна - втората Ковид-вакцина во ЕУ
Крајниот рок за апликацијата е 18 јануари и потоа останува да видиме кога точно би пристигнала пратката. Според нивното писмо, станува збор за вакцината ‘Фајзер’, а следна што доаѓа предвид е вакцината ‘Астра Зенека’“, изјави Филипче при денешната посета на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје.
Колективен имунитет
Државата очекува преку три механизми да добие по 800 илјади дози на вакцините, што би било доволно за да се создаде колективен имунитет. Доколку се добијат од трите механизми по 800 илјади дози кои се доволни за 400 илјади граѓани, ќе можат вклупно да се вакцинираат милион и двеста илјади граѓани, близу 60 проценти од населението, се пресметките на министерот за здравство.
Планот на здравствените власти е Северна Македонија, преку трите опции – Ковакс-механизмот, директни договори со производителите и помош од земјите-членки на Унијата, да обезбеди околу 2,4 милиони дози.
-повеќе на темата: Ризици и нуспојави од вакцините против коронавирус
Со „Фајзер“ е договорено да бидат испорачани 800.000 дози, првите 5.850 дози од овие вакцини треба да стигнат во февруари, во март треба да стигнат уште 17.550 и најмалку уште толку во април, и останатите до крајот на годинава. „Аплициравме и добивме поддршка од Канцеларијата на ЕУ дека ќе добиеме грант од ЕУ од одреден процент од земјите членки“, рече Филипче.
Нема олабавување на мерките
И покрај релативно стабилната состојба со Ковид-19 во земјата, каде во изминатиот период има намалување на бројот на заразени и починати, но и на хоспитализираните лица, надлежните најавуваат дека нема олабавување на рестриктивните мерки додека не поминат јануарските празници. Според Филипче, логично е барањето на угостителите да им се врати работното време до 23 часот, но за ваквата одлука ќе пресече Комисијата за заразни болести.
-повеќе на темата: Има ли докази за успешност на ивермектин против КОВИД-19?
„Ова скратување на времето, кое беше донесено минатиот месец, рековме дека ќе биде до 21 јануари кога практично завршуваат прославите и верските празници и тогаш по автоматизам се враќаат на работното време до 21 часот. Но, ќе го разгледаме барањето и за дополнителни два часа. Што и да важи како ослободување на мерките, секако ќе биде после 21 јануари“, рече Филипче.
По најавите дека угостителските објекти место до 18, наскоро би можеле да работата до 21 часот, угостителите побараа враќање на ноќниот живот и затворање на вратите во 23 часот. Владините рестриктивни мерки, меѓу кои беше и скратувањето на работното време на угостителските објекти до 18 часот, стапија во сила на 18 декември 2020 година. Целта беше да се спречи групирање и прослави со цел да се спречи ширењето на Ковид-19 и зголемувањето на бројот заболени за време на празниците. Мерките важат до 21 јануари.