Коронавирус: Само 25 вакцини за сиромашните земји
18 јануари 2021Првиот човек на СЗО остро ги нападна трката по профит на фармацевтските компании и нееднаквоста при распределбата на вакцините против Ковид-19 во светот, оценувајќи дека „не е во ред“ младите и поздрави возрасни луѓе во богатите држави да бидат вакцинирани пред старите лица и здравствените работници во сиромашните земји. Тедрос Гебрејесус ги обвини и фармацевтските компании дека намерно ги продаваат вакцините само во оние локации каде „профитите се највисоки“.
Гебрејесус изнесе податок дека наспроти 39 милиони дози вакцини колку што досега добиле 50 најбогати земји во светот, најсиромашните досега добиле само 25 (дваесет и пет) вакцини.
-повеќе на темата: „Доктор Тедрос“: Кој е човекот на чело на Светската здравствена организација?
„Само 25 дози досега и се дадени на една од најсиромашните земји- не 25 милиони, не 25 илјади, туку 25. Морам да бидам директен: Светот е на прагот на катастрофален морален неуспех“, рече Тедрос на почетокот на состанокот на Извршниот комитет на СЗО во Женева. Според информации од СЗО, се работи за државата Гвинеја која единствена од сиромашните држави во светот досега добила 25 дози од руската вакцина Спутњик.
„Во ред е што сите влади сакаат да го приоритизираат вакцинирањето на сопствените здравствени работници и постарите граѓани најпрво“, рече Тедрос. „Но не е во ред што помлади, здрави возрасни луѓе во богати држави се вакцинираат пред здравствените работници и постарите луѓе во посиромашните земји. Ќе има доволно вакцини за сите“.
-повеќе на темата: Ковид-19 и (не)фер распределбата на вакцината ширум светот
Тедрос порача дека распределбата на ковид-вакцините во рамките на КОВАКС програмата на СЗО ќе започне во фебруари годинава, откако претходно беа обезбедени две милијарди дози.
Кога ќе профункционира КОВАКС
Но, информациите од теренот велат дека тоа ќе биде тешко изводливо. Клучниот производител на вакцините за земјите во развој- Серум институтот во Индија- се уште не може да го потврди датумот и предвидува дека нема да биде подготвен за распределбата пред март или април годинава.
Тедрос остро ги критикуваше и големите фармацевтски компании, оценувајќи дека билатералните договори меѓу нив и држави го нарушуваат КОВАКС принципот и се темелат само на профит.
„Состојбата е отежната од фактот што повеќето производители дадооа приоритет на регулаторното одобрување во богатите држави каде што профитите се најголеми, наместо да ги поднесат досиејата до СЗО“.
Од друга страна, австрискиот член на Бордот на СЗО, Клемент Ауер го критикуваше КОВАКС како премногу бавен и неуспешен во обидот да склучи договори. Најголемата грешка на КОВАКС- механизмот, според Ауер, е што одбил да ги вклучи ткн. мРНК вакцини како оние кои ги развиваат Фајзер и Модерна во своето портфолио.
„Тоа беше голема грешка, имајќи предвид дека мРНК вакцините се појавија најрано на пазарот и станаа златен стандард за Ковид вакцини“, рече Ауер.
Израел плаќа повеќе
Најдобар пример за тоа како функционира пазарот на вакцини е веста дека Израел постигна договор со Фајзер за набавка на вакцини во замена за масовни медицински податоци за вакцинирањето.
Поддржувачите на договорот велат дека со тоа Израел ќе стане првата земја која ќе вакцинира голем дел од своето население, а во истовреме ќе овозможи вредно истражување кое може да му помогне на остатокот од светот. Но, критичарите велат дека договорот отвора многу етички дилеми, меѓу нив и околу заштитата на личните податоци, како и продлабочување на поделбите во светот околу достапноста на вакцината.
Израелските медиуми јавуваат дека Израел му платил најмалку 50% повеќе од другите земји на Фајзер за да ја добие вакцината побрзо.