1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали ВМРО-ДПМНЕ се достојни за власт?

Гордан Георгиев
5 ноември 2019

ВМРО-ДПМНЕ пред било кои идни избори треба да даде одговори и да даде цврсто ветување на едно и единствено клучно прашање: кога ќе дојдете на власт, што точно од времето на Груевски НЕМА да правите?

https://p.dw.com/p/3SV0b
Gordan Georgiev
Фотографија: privat

Ако минатиот пат се согласивме дека СДСМ на претстојните избори ќе пука со сета расположива артилерија, носени на крилјата на успесите и патем потпалувајќи го стравот од минатото, би требало да се согласиме и дека ВМРО-ДПМНЕ нема да седи со скрстени раце. До тука е логично. За да ВМРО-ДПМНЕ не седи со скрстени раце (иако и тоа им е опција во одредена констелација на претпоставен низок одзив), треба најпрво да раскрсти со некои работи. Тоа раскрстување се покажува како необично тешко и нелагодно за актуелното раководство на опозицијата, на само неколку месеци пред изборите.

Популизмот на ВМРО-ДПМНЕ  е веќе видена, вкусена и слушната работа. Плодовите се несомнено горчливи, иако дрвјата уште обилно раѓаат и на политичкиот пазар има муштерии и за такви плодови. Територијалната поделба од 2004 и „предавството на СДСМ“ е веќе бајата тема, признавањето на Косово од страна на владата на Груевски е факт, амнестијата на Хашките случаи беше предизборно ветување на Груевски кон Али Ахмети и претставува орден кој ВМРО си го носи на реверот. А среќниот 8-годишен брак и несреќниот развод со ДУИ ѕунат во ушите на вмровците и создаваат помешани чувства, повеќе благопријатни отколку непријатни. Плус, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се „браќа по бомби“. Името е сменето, а референдумот вака-така помина. ВМРО-ДПМНЕ има гласни жици за овие теми, ќе ги гледаме повторно народните трибуни како врескаат со  националистички патос.  Па сето тоа го видовме и сме го гледале неколку пати. Не велам дека нема клиенти и за таквиот популизам, конечно ВМРО е десничарска партија и има публика за тоа. Но тој популизам, едноставно, не е доволен за победа. Тој е доволен да ги собере на купче националистите, анти-албанските гласови, клиентелистите и оние малкумина кои сакаат да го казнат СДСМ наградувајќи го ВМРО-ДПМНЕ. Колку се тие? Максимум 350 илјади гласови. Дали е тоа доволно? Не знам. Може да не е. Ако не е, од каде ќе најде опозицијата дополнителни гласови?

Ова ВМРО-ДПМНЕ носи неизвесност

Македонецот е питома, кротка душа. Не сака неизвесност. Многу неизвесности претпре изминативе 30 години и би рекол дека веќе во кодот му е навлезена потребата за некаква извесност и стабилитет. Овој нов момент е неочекуван за ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи тие се научени на седум-осминските немирни тактови кои постојано ја прогонуваат и ја проблематизираат македонската нација и македонскиот проект, колку и тоа да звучи небулозно во оваа мултиетничка Северна Македонија на прагот на НАТО и на прагот да биде шутната од ЕУ. Тука ВМРО-ДПМНЕ нема одговор, и прашање е дали ќе го има до април. Бидејќи во очите на непартискиот гласач, ова ВМРО-ДПМНЕ носи неизвесност, наспроти извесноста која е несмасна, сурова и понекогаш болна. Политичкото кокетирање со Преспа е тема која не ја сакаат Македонците и претпочитааат да ја турнат под тепих, но активното опструирање на Преспа и размавтување со други анти-Преспа наративи нуди крајна неизвесност за гласачот. Ние што сме принудени да ги следиме општествените настани добро знаеме дека анти- Преспа наративот е една голема шарена лага, но тоа не нужно го знае гласачот кој не го интересира длабински политиката а сепак оди на гласање. СДСМ, и особено Заев, колку и парадоксално можеби да звучи, нуди некаква извесност. Извесност дека сме тргнати по некаков пат и на крајот на патот не’ чекаат нашите неволни и изнудени пријатели од Запад.

Реална геополитика

СДСМ нуди слобода, и нема потреба да иронизирате. Слобода да зборуваме, да делуваме, да не стрепиме. Слободата се разбира дека повеќе ја цениш кога ја немаш а не ја забележуваш кога ја имаш, но сепак само три години поминаа од шокот на 27-ми април и претходните единаесет години неспокој. А тие шокови ја позиционират ВМРО-ДПМНЕ како партија која нуди страв, како блиска реминисценција на Груевски, Јанкуловска, семоќната тајна служба итн. Конечно, Груевски. Ова ВМРО-ДПМНЕ се’ уште ни го нуди Груевски, каков таков, затскриен во шупата на крајот од дворот, можеби врзан во некакви лабави пранги, но сепак тука некаде, присутен околу нас и длабоко навлезен кај нив. Колку овој агенс на страв и претпоставена неизвесност се моќни да мобилизираат гласачи против ВМРО-ДПМНЕ (а за СДСМ), веројатно ќе се покаже како клучното јазиче на вагата на изборите во април.

Nord-Mazedonien Parteizentrale der VMRO DPMNE in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

ВМРО –ДПМНЕ на овие избори ќе се најде во чудна позиција: нема да има што да брани и малку што да напаѓа. Ќе напаѓа на класичните политички теми (корупција, криминал, непотизам) но ќе остане анемична на големите теми (Преспа, НАТО, ЕУ) и сосема дефанзивна или неубедлива на проактивните теми (економска програма, социјала, борба против корупција и криминал), токму заради блиската реминисценција на минатото.

Други колумни од авторот:

Плашете се вмровци, доаѓа Заев

Извини Европо, на пауза сме

Бљак

Диливери бојс

Ако ВМРО-ДПМНЕ мисли да ја води кампањата на  темата на името  и на дебаклот што сите го доживеавме со Макрон, може лошо да помине. Ќе мобилизира свои, радикални краеви, некои од нив ќе му побегнат во новите радикално десни партии (Солза, Филип, Миленковци), а оние што не го сакаат ова ВМРО ќе побегнат кај партијата на Митко Јанчев, доколку се формира. 

Едно е по полу-испразнетите села и градови да се колнеш дека ќе го вратиш вечното име, а друго е тоа да ти биде изборна кампања и официјлна партиска позиција. Бидејќи и најокорелиот вмровец ќе те праша „А како ќе го вратиш името?“ Па со две третини! Аха, ок. А Албанците? Па ќе видиме тоа, само да дојдеме на власт?!?

ВМРО-ДПМНЕ пред било кои идни избори треба да даде одговори и да даде цврсто ветување на едно и единствено клучно прашање: кога ќе дојдете на власт, што точно од времето на Груевски НЕМА да правите? А листата е долга и не е лесна за исполнување. И таа листа треба да биде пишана и вградена во некаков прогамски документ, јасно читлива и разбирлива за нас граѓаните. А не е лесна за исполнување бидејќи: се’ уште постојат одредени лојалности кои не ги знаеме, има членство кое пред секои избори им треба да биде сплотено, има конкретни личности на видни функции кои се директно засегнати од времето на Груевски, и конечно, прашање е колку може да им се верува на нивните зборови дека сосема се промениле и го оставиле минатото зад себе. Јас сум исклучително скептичен дека ВМРО-ДПМНЕ може да го направи ова за толку краток период и на веродостоен начин.

Конечно, ВМРО-ДПМНЕ во овој предизборен период треба добро да ги начули ушите кон Атина и да следи што се случува таму. Бидејќи во Атина веќе на големо се дискутира за идната улога на Грција на Западен Балкан и како Грција да го искористи приматот што го има по потпишувањето на Договорот од Преспа. Тоа е реална геополитика која може многу да и’ значи на Грција. Неочекувано, но за прв пат можната поддршка на официјална или неофицијална Атина на некоја партија во Северна Македонија (СДСМ) ќе биде адут а не контра- адут на претстојните избори. А десницата нека му ја мисли каде се наоѓа во овие координати. Плус, замислете Грција, историскиот, економскиот, културниот, политичкиот и воениот партнер на Франција, одеднаш да стане наш главен спонзор при лобирањето кај Макрон за почеток на преговори на Македонија? Па можен ли е подобар и поефикасен спонзор? Каков вин вин би било тоа, и каков офсајд за ВМРО-ДПМНЕ...