Една мисловна единица
26 јануари 2022Повторно во јавноста е популарен проектот за трансформација на изборниот модел, овојпат под притисок од помалите партии. И повторно, како и претходно, во дебатата доминираат политичките а не научните аргументи, пазарот помеѓу партиите, како и скриениот опортунитет на политичките елити. Со целиот ризик дека за научната дебата нема веќе простор во овој проект, како и дека било кој емпириски или демократски аргумент однапред ќе биде прогласен за излитен, мислам дека е важно во моменталниот дискурс да посветиме малку време и за принципите на реформа на изборните модели. Така, покрај политичка дебата за една изборна единица, можеби ќе успееме да се најдеме на една те иста мисловна единица.
Кога се дизајнира изборен модел, постојат неколку принципи и правила кои не смеат да се занемарат. Прво, изборен модел не се менува пречесто – граѓаните треба да судат, а партиите треба да се натпреваруваат на исти правила подолго време, зашто пречесто менување на условите во изборниот меч може лесно да донесе до несигурен, па со самото тоа и проблематичен, терен за игра. Ако секои избори се одвиваат по различни правила, расположението на гласачите престанува да биде единствена варијабла за успех на партиите. Дополнително, пречести промени под политички диктат, се рецепт за илузии на македонските политички елити: тие ја подгреваат заблудата дека наместо да се борат за граѓанска поддршка, некои партии треба само да интервенираат во системот. Конечно, имаме толку многу незавршени реформи, што упорното бавење со изборниот модел (кој е во центарот на интересот на партиите постојано), се граничи со добриот вкус во општиот политички контекст.
Предностите на пропорционален модел со една изборна единица
Изборниот модел главно се темели на три принципи, кои потоа влијаат на перформансите на демократијата. Првиот принцип е репрезентативноста – колку моделот реално ја отсликува волјата на избирачите, односно колкава е математичката разлика помеѓу дадените гласови и освоените места во собранието. Вториот принцип е успешно владеење – колку изборниот модел овозможува победникот да може да владее ефикасно, без притоа да се исклучи опозицијата од политиката дебата. Третиот принцип е колку е моделот податлив за гласачите – колку едноставно можат да ги разберат принципите и начинот на гласање.
Повеќе од авторот: Скопје и Софија, „то су срца два“
По првото прашање, репрезентативноста, одговорот е можеби најлесен – за Македонија, најрепрезентативен модел е една изборна единица без изборен праг. Така, без дилема, дадените гласови најточно ќе бидат пресликани во составот на собранието. Во основа, моделите се рангираат по репрезентативност, базирано на тоа колкав дел од гласовите „одат во бунар“, односно, нема да влијаат на изборот на пратеници. Кај мнозинскиот систем, тој остаток е најголем. Имајќи предвид дека по тој модел во секоја изборна единица се избира само по еден пратеник, сите гласови дадени за било кој друг кандидат, „одат во бунар“. Така, кога би се бирале 120 пратеника по мнозински систем, доволно би било во секоја изборна единица некоја партија да освои по еден глас плус, за да има апсолутна победа. Односно, ако една партија има, на пример 300,000 гласови, а втората 300,120, возможно е втората партија да освои 120 пратеника а првата 0, што е драстична дискрепанца помеѓу избирачката волја и составот на собранието.
Пропорционалните системи се тука подобри, зашто во рамките на секоја изборна единица пропорционално го распределуваат бројот на избрани места со бројот на освоени гласови. Проблемот со пропорционалните модели е последниот пратеник, кога и пропорционалниот модел математички се претвора во мнозински – за последниот пратеник, кога некоја партија ќе освои (во секоја изборна единица) дури и за еден глас помалку од бројот гласови неопходни за избор на еден пратеник (во Македонија околу 6,700 гласа), нивните гласови пропаѓаат.
Повеќе од авторот: Вакцината како тест за интелигенција
Таа дискрепанца се повторува онолку пати колку што има изборни единици. Така, во нашиот случај, партија би можела да освои по 6,000 гласови во сите изборни единици, (36,000 вкупно) но да нема ниту еден пратеник, додека некоја друга партија, со истиот број гласови, но концентриран во една изборна единица, би освоила до 7 пратеника. Дополнителен проблем е што потребниот број гласови за избор на пратеник зависи од излезноста во секоја единица одделно, па така, некаде се потребни 9,000 гласа за еден пратеник, а некаде се доволни и 5,000, што го прави вториот глас поважен. Затоа, пропорционален модел со една изборна единица, би ја изедначил важноста на гласовите, а би го минимизирал „реслото“, значи би направил најрепрезентативна ситуација.
Изборниот модел треба да биде и лесен за користење од страна на гласачите
Тоа не носи до вториот принцип – ефикасно владеење. Пропорционалниот модел со една изборна единица е најрепрезентативен, но истовремено ќе ги стимулира помалите партии на избори да одат сами, без предизборни коалиции – зашто не губат веќе гласови поради изборниот модел. Тоа по дефиниција ќе донесе многу шарено собрание, во кое тешко ќе се состави и одржи влада, и пратениците лесно ќе менуваат страни – синдром кој видовме колку негативно влијае на политичката стабилност. Италија, на пример, во последните 12 години, имала над 50 различни влади, со преминувања во парламентот, што ја прави секоја таква влада импотентна и нестабилна. Затоа, во пропорционалните изборни модели се вметнуваат механизми за заштита од таква несигурност: бонус пратеници (како во Грција, каде добитникот добива 25 пратеника плус), или изборен праг, за да се намали фрагментираноста на собранието. За нас, мислам дека треба да се разговара за малку повисок изборен праг, особено што политиката се доживува како бизнис, сега откако државата ги финансира партиите, па не е многу упатно секој со 6,000 гласа на тој начин од политиката да си направи „маалски гранап“.
Повеќе од авторот: Што после Заев?
Конечно, покрај научните дебати, изборниот модел треба да биде и лесен за користење од страна на гласачите. Во овој контекст доаѓа дебатата за отворени листи, кои се неспорно демократска придобивка, но ако тие промени се воведат неподготвени, можат да го демолираат процесот на гласање. Отворени листи значат дека гласачите ќе можат не само да гласаат за листата на одбраната партија, туку и внатре во листата да посочат кои пратеници им се фаворити. Така, листата после гласањето се прераспределува така што пратениците со најголем број индивидуални гласови влегуваат први во собранието. На тој начин, гласачите ги бираат омилените политичари, а не партијата, па логично е дека кандидатите повеќе би се занимавале со гласачите, а не со партискиот лидер, што за нашата ситуација е и тоа како добро. Проблемот е што ако паралелно се воведат и една изборна единица и отворени листи, гласачкото ливче ќе биде ноќна мора за гласачите: сите кандидати (120) на едно изборно ливче, под секоја партија, каде гласачите треба не само да ја одберат партијата, туку и да назначат кои од понудените 120 пратеници им се фаворити, што може да направи за едно ливче на просечен гласач да му требаат по 10 минути – автоматски гласањето не може да се спроведе.
Затоа, на крајот, неспорно е да заклучиме дека на Македонија и треба репрезентативен изборен систем, со една изборна единица, и со отворени листи. Но не сите во исто време, секако не без посериозна анализа, и никако единствено под политички диктат.