1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скопје и Софија, „то су срца два“

12 јануари 2022

Ние со Бугарија во моментов глодаме иста коска, и не сум сигурен дека на неа има доволно месо за двете страни. Пишува Петар Арсовски

https://p.dw.com/p/45PVi
Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Последната тура пораки помеѓу Скопје и Софија е полна со „надобудни“ пораки од новите кабинети на премиерите. Се зборува за нов импулс, нов почеток, нов пристап, во принцип сѐ е ново, ама ставовите како да остануваат старите. Затоа, се прашувам, има ли вистинска надеж дека овојпат ќе биде различно?

Прашањето со Бугарија, на прагот на ЕУ, за нас стана можеби симболично, но и суштински, поголем проблем од оној кој го имавме со Грција. Освен фактот што проблемот дојде како изненадување, после потпишан договор за добрососедство, и што се појавува кога веќе го гледаме прагот на влезот во ЕУ, што дополнително нѐ фрустрира и нервозата ја прави поголема, на чекор пред преговори, тој има и суштински различни карактеристики, кои за нас можат да се покажат и поболни од оние кога преговаравме со Грција. Со Грција, на пример, ние преговаравме за одвојување на историската етногенеза – тие се бореа за антиката, ние за словенското историографско потекло на нацијата. Тоа ни овозможи полесно да ги разграничиме и одвоиме двете теми. Со Бугарија, ние канибализираме ист период, исти личности и иста генеза – словенската. Тоа ја прави дебатата потешка, зашто изискува компромис на иста тема, болна за двете општества. Со еден збор, ние со Бугарија во моментов глодаме иста коска, и не сум сигурен дека на неа има доволно месо за двете страни.

Иако надежите овојпат се автентични, зашто пораките од кабинетот на Петков се реално поумерени и поразумни од оние на неговите претходници, сепак мислам дека има неколку аспекти кои можеби, во новонајдениов оптимизам, ги превидуваме во Бугарија. Прво, динамиката на односите таму е таква, што сепак за ова прашање Радев го има последниот збор, и брзиот состанок на советот за безбедност, покажува дека тој од монополот за ова прашање нема никаква намера да се откаже. Потврдувањето на релативно тврдите позиции, вклучувањето на декларацијата од 2019-тата, де факто значат оцртување на црвените линии, во чии рамки Петков сега единствено може да маневрира, а нивната реафирмација токму пред посетата, е порака до новиот премиер да внимава што ќе зборува и до каде може да се движи во „новиот“ пристап. Целиот тој маневар не е потег кој има за цел да остави поширок простор за компромис на новиот премиер, напротив, целта е просторот да се стегне, да се зацврсти дополнително.

Тактиката на Бугарија

Ова е така, меѓу другото, зашто дел од администрацијата кај Радев, но и кај Петков, за ова прашање постапува по една доктрина која е инспирирана од текот на преговорите со Грција. Таа вели: ако бидеме доволно долго тврди и непопустливи, притисокот за преговори и безнадежноста во Скопје, ќе ги натераат на сите компромиси кои ние ги сакаме. Доволно е да не попуштаме доволно долго, да го зголемуваме притисокот, и тие на крајот ќе мораат да попуштат. Во овој контекст и треба да се толкува новиот наратив од Софија – за Македонија не, за Албанија да. Заканата од одвојување на двете земји, каде Албанија би почнала преговори, а Македонија би останала во вечното лимбо, е уште една форма на притисок кон Скопје за компромис. Тоа не е став на членките на ЕУ – безмалку постои консензус дека двете земји треба да одат на тој пат заедно – тоа е унилатерална порака од Бугарија, која има за цел да ја зголеми итноста, па со тоа и попустливоста, по ова прашање кај нас. Пораката е: Еве гледајте, возот тргнува без вас, колку и да ви е скап билетот, прифатете ја цената, зашто инаку ќе останете на перонот.

Конечно, самиот факт што темата за ова прашање е доминантна во политичкиот дискурс во Софија, покажува дека компромисот ќе биде тежок. Таму како да постои натпревар кој „повеќе ќе добие“, што и да значи тоа, од Македонија во преговорите. Кога ваква тема станува прашање на домашен рејтинг, тоа може лесно да им ги врзе рацете на преговарачите, зашто секој компромис дома може да се прогласи за национално предавство. Затоа, не треба да очекуваме, и покрај оптимистичките најави за нов пристап, дека ферманот ќе стане полесен, напротив.

Ова дополнително ја комплицира работата, не само во Бугарија, туку и дома. Подигнувањето на ова прашање на ниво на стожерен политички наратив, исто темата ќе ја „озрачи“ и овде. Веќе сега имаме најави дека кој било договор постигнат со Софија, би бил предмет на ревизија на некоја нова влада. Во недостаток на национален консензус, а со висока гласност, и дома оваа тема ќе биде пеколно тешка. Дополнително, во текот на последните две години, ние можеби направивме две стратешки грешки, кои го направија прашањето потешко. Прво, направивме инверзија на наративот, каде прво е решението со Бугарија, па потоа реформите дома, што е обратно од вистината – реформите требаше да се веќе во одмината фаза, независно од напредокот со Софија.

-повеќе од авторот: Вакцината како тест за интелигенција

Притисок и успорување

Втората грешка, која е можеби и посуштинска, е што на секое намигнување од Софија дека еве, овојпат имаат вистинска намера да го решат проблемот, за што неколкупати ја излажаа и ЕУ, ние скокаме со нови наивни компромиси, понудени во „добра волја“ за решение. Овој пристап носи ризик да ја потврди стратегијата на Софија, дека притисокот функционира и да ги успори преговорите – зашто ако ние постојано нудиме нови решенија, значи има уште што да се бара, и нема потреба да се брза.

-повеќе од авторот: До идилата и по неа

На крајот, за тоа како да се однесуваме кон оваа нова „љубов“ од Софија имаме многу што да научиме од академската заедница – поточно од скопските студентки. Тие добро знаат дека кога колега неколкупати ќе те покани „сам сум дома, дојди да учиме за колоквиум“, а од тие сеанси ти двапати излегуваш трудна, тогаш пред да ја прифатиш следната покана, многу е упатно добро да провериш на што точно те викаат: на учење или на она другото. Зашто за секоја опција, нели, треба на некаков начин да се подготвиш.