1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За Преспанскиот договор- една година подоцна

17 јуни 2019

Сите меѓународни договори се само визија. Во живот ја преобразуваат само граѓаните на државите кои ги потпишале. Со тоа што го прифаќаат компромисот и стапуваат во дијалог со соседите. Колумна на Кица Колбе.

https://p.dw.com/p/3KZjB
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

На 14 јуни, пред една година, првпат на мојот Фејсбук-профил напишав текст со речиси истиот наслов „За Договорот, за името Македонија”. Го напишав откако го прочитав англискиот текст на  уште непотпишаниот Договор, како израз на мојата поддршка. Три дена подоцна, на денешен ден, на 17 јуни  2018-та,   министрите за надворешни работи на двете земји, во Преспа, го потпишаа меѓународниот договор. Со тоа завршија три децении спор за името Македонија. Македонците, но и многу нивни пријатели во светот, веруваа дека немало досега погротескен спор од тој, во кој две држави спорат за  име. Меѓутоа, тој спор, за мене, беше симптом и за ненадминатата траума од Граѓанската војна во Грција. Само народи кои живееле долго во страв од соседите, се караат и за нешта, кои во „нормалниот” свет се решаат со политички компромис. Југославија имаше протоколарно добри односи со Грција. Но, и тие се должеа на  договор за пријателство и соработка помеѓу Грција и Титова Југославија, потпишан уште во текот на Граѓанската војна, 1948-та година. Сепак, социјалистичка Македонија немаше директни односи со својот јужен сосед. Меѓу нив долго стоеше ненадминатото историско паметење. Затоа не беше чудно што Грција и Македонија, три децении по распадот на Југославија, не можеа да разговараат за името Македонија без посредник од ОН – Метју Нимиц. Кога политичарите во двете земји имаа храброст да стапат во директни преговори, сигурно и со помош од меѓународната зедница, тие најдоа компромис. Тоа е географската додавка во името на државата. По една година, во Република Северна Македонија, не се изгуби ниту името Македонија, ниту македонскиот идентитет, како што уште стравуваат многумина. Притоа е разбирливо што за многумина компромисот е се‘ уште премногу болен. Тоа, е така, впрочем со сите компромиси. Најважно, притоа, е што Македонците првпат во историјата се присутни секаде, каде што се расправа и одлучува за  нивната држава. Дури и ако Договорите со соседите Бугарија и Грција уште  се одвиваат тешко, затоа што „духовите на старата историја” на Балканот се уште силни, сепак,  патот на новата европска историја на Македонија е отворен токму со Договорот во Преспа.

Уверена сум дека местото не било случајно избрано. Преспа има голема, трагична симболика и за Грција и за голем број луѓе во Македонија. За тие што, по таа војна, во Југославија ги викаат „Егејци”. Ние, нивните потомци, ја  паметиме само траумата на нашите фамилии. Многумина не ја залечија раната во себе до ден-денес. Нашите предци-бегалци ја пренесоа  ненадмината траума и на следната генерација. На родените по војната, зад границата. Токму затоа многумина од нив денес  толку жестоко го напаѓаат Договорот од Преспа. Затоа што мислат дека ако го прифатат, тогаш ќе го изневерат споменот на нивните предци-бегалци. Тој став, иако е разбирлив во психолошка смисла, го попречува токму процесот, во кој може да се надмине траумата од таа војна од двете страни на  границата.

Имено ние, Македонците, дури и кога сме со егејско потекло, најчесто забораваме дека во војните страдаат двете страни. Грците за нас, во егејската приказна, отсекогаш беа само „монархо-фашистите”. Или тие што ги изгонија нашите предци од татковината. Притоа зборававме дека нашите роднини, иако беа грчки граѓани, ги изгони, одземајќи им го грчкото државјанство, грчката власт што настапи по војната. Таа, прогонувајќи и стигматизирајќи ги засекогаш како непожелни,  им ја нанесе истата неправда на нашите роднини и родители, како онаа на сите прогонети  по исцртувањето на новите граници по Втората светска војна во цела Европа. „Егејската траума” беше малку позната во светот само затоа што по крајот на Граѓанската војна, токму по битката во Преспа, настапи долгата „Студена војна”. Всушност, со Договорот од Преспа, токму на местото на крајот на Граѓанската војна, заврши молкот на „Студената војна” и за  егејските бегалци. Сега во Грција многумина пишуваат за неправадата кон егејските бегалци. Тоа беше незамисливо пред Договорот.

Други колумни од Кица Колбе:

-Грција и егејската приказна

-Симболиката на Преспа како визија за мир

-Непознатите соседи – Македонците и Грците

Крајот на сите војни завршува со протерувања и со затворени  граници. Истите драми, како тие во нашите егејски фамилии,  се одигруваа и во грчките фамилии. Граѓанската војна остави длабока траума и во  грчкото општество. Зборот „Преспа” и таму е поврзан со болно паметење. Таа траума и во Грција не е залечена. Како што не е залечена ниту кај потомците на егејските бегалци. Затоа што предолго сите, од обете страни на границата, живееја сами со својата траума, затворени во неа како заробеници. Затоа верувам дека ние, потомците егејски, вистинските соговорници за нашата фамилијарна  бегалска приказна ќе ги најдеме во потомците на Грците кои ја искусиле. Тоа ќе се случи само кога ќе настапи пријателство меѓу двете држави. Кога Македонците и Грците ќе почнат да градат однос на доверба едни кон други – нешто, што денес уште се чини утопија – тогаш тие ќе можат да ги „допрат” и скриените рани во себе од таа војна. Секако, тоа ќе биде и болно и тешко.За да се залечи раната, таа треба повторно да се отвори. Затоа што траумите не се  надминуваат со заборав и потиснување.  Траумите се надминуваат само со вистинско соочување со нив.  Со средби и размена на паметењето на таа траума на тие што биле погодени од неа, на двете страни на фронтот. Со востановување ритуали на заедничко културално и историско паметење. Со обележување и заштита на „местата на паметење” како културно наследство, толку значајно за образованието на младите генерации во  мир и толеранција. Такви се местата со силно симблично значење. Како Преспа. Како планините Вич и Грамос.  Но, за да се случи тоа во иднина, македонските и грчките граѓани треба да почнат да се навикнуваат  на поимот  „споделена историја”. Тоа ќе биде тешко и долго, но е возможно. Впрочем, и соработката на научниците во образованието  од Германија и Франција, односно, Германија и  Полска траеше неколку децении. Важно е што тој процес на идното пријателство помеѓу Грција и Македонија започна во Преспа, со Договорот. 

Уште го паметам, за мене, таинствениот блесок на тоа неделно претпладне, кога на Фејсбук  во директната снимка ги здогледав моторните бродови, во кои  си приоѓаа во пресрет делегациите на двете држави. Трепет ме обземаше додека ги гледав спокојните води преспански, невидени дотогаш од таква перспектива, која ми ги покажуваше планините со длабока зелена шума. Како да се будеше се‘  околу тоа езеро од длабок  и  мачен сон.  Секако, само јас го читав тоа невидливо писмо во глетката. Затоа што зборот Преспа е дел од мојата егејска  биографија. Таму, по бегалската рута преку  планините преспански, на крајот од октомври 1948-та пребега целото семеството на мајка ми. Сите што беа останати во нејзиното село Бапчор пред почетокот на една од најголемите офанзиви во август 1948-та, пребегаа. Со себе ги понесоа и стадата овци, по што бил прочуен Бапчор.   Најнапред, на слободната територија во Преспа, во селото Роби. Таму чекаа да помине офанзивата, за да се вратат дома. По три месеци таму, на  врвот на една од тие преспански планини, моите роднини, нивните соселани бапчорски, се разделуваа од стадата овци и од  својот роден крај. Пребегаа преку планината, удолу кон Преспанското езеро, во селото Дупени, само со облеката на себе. Се‘ друго драгоцено и свое – се‘ оставија зад границата. 

Се родив три години по тоа бегство, во второто бегалско прифатилиште на моите родители. Во  напуштена, разурната куќа, во едно велешко село во Македонија, во Југославија. Бегалството и Граѓанската војна, Грција и грчко-македонската граница се дел од бегалската траума на мојата фамилија. Токму затоа јас сите нешта што се случија на денот на потпишувањето на Договорот во Преспа ги доживував со силна симболика. Силно го чувствував присуството на сите мои предци. Тие, кои, пред седум децении, како  и преплашените овци  од другата страна на планината, бегаа  удолу, низ шумите, кон езерото. Иако веруваа дека преку границата, во Југославија, ќе останат само додека трае војната, за нив грчко-југословенската граница остана затворена  се‘ до смртта. Барем за татко ми, кој на шестнаесет години, 1947-та, пребега  со  татка си од Овчарани во Битола. Токму затоа што го паметам заветот на моите баби, кога ги раскажуваа бегалските страдања, постојано велејќи дека на овој век нема полошо нешто од војни и омраза, од прогонство  и разделба од домот, јас  треперев  од длабока возбуда на овој ден пред една година. Од возбуда која беше и радост и тага. Радост што јас, првото дете родено во  фамилијата по бегството, го доживеав тоа. Токму во Преспа  да биде потпишан договор за мир и пријателство помеѓу Грција и Македонија. Моите родители не чекаа со копнеж ништо друго, освен тоа што јас го гледав  во директната снимка тоа утро. Грчките и македонските политичари да си излезат во пресрет. Да се договорат да градат пријателство. За да имаат отворени, европски  граници. Знаев тогаш, во утрото на 17 јуни, додека гледав како сонцето  си играше спокојно, како неуко дете, со водите на Преспанското езеро, кое во себе ја крие тајната на најкрвавата битка  со која заврши Граѓанската војна,  дека Договорот ќе стане шанса за нова, поинаква, мирољубива и пријателска историја на двете држави. Впрочем, сите меѓународни договори се само визија. Во живот ја преобразуваат само граѓаните на државите кои го потпишале. Со тоа што го прифаќаат компромисот и стапуваат во дијалог со соседите. Подготвеноста за компромис значи, пред се’, разум и мудрост, далекувидост и самосвест за највисоките цели на една заедница. Првата и највисоката цел на сите држави денес во Европа е   надминувањето на војните. Европскиот проект е, пред се‘, проект за мир и соработка на слободни граѓани. Во тоа го гледам остварен и заветот на моите предци, егејските бегалци. Никогаш и никој од нас, нивните потомци, да нема повеќе војна во својата фамилијарна историја.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.