1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И црквата сака да вмеша прсти во пописот

ДТЗ /ДВ
5 јануари 2021

Владика Петар се закани дека ако нема графа за верска припадност во пописните листи ќе повикаат на бојкот. Маричиќ го смирува : ќе има графа и за верска припадност

https://p.dw.com/p/3nY59
Mazedonien - Orthodoxe Weihnachten
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Во полемиките коишто се отворија деновиве околу пролетниот попис, кој по 18 години треба да се одржи во Северна Македонија се вклучи и Црквата. МПЦ сака на пописот да ги изброи и верниците. Владиката Петар најави дека епархиите на МПЦ-ОА ќе го повикаат народот да го бојкотира пописот, ако на пописните листи не постои графа за национална и верска припадност. Експресно му одговори министерот за правда Бојан Маричиќ: „Ќе има графа и за верска припадност. За доброто на државата, повикајте ги верниците масовно да го поддржат пописот“. 

Да се избројат верниците 

Владиката Петар смета дека е важно да се знае бројот на верниците во земјата, која од 2020 година, кога е споведен последниот попис нема понови статистички податоци ниту за бројот на населението и домаќинствата. 

-повеќе на темата: Попис по нов метод, но со стари дилеми

„Ние сме сериозно заинтересирани во најавениот попис да постои графа за етничка и верска припадност, за да знаеме колку се православни во Македонија, колку се муслимани, како и на другите вероисповеди и религиозни деноминации. Да се постапи така, во спротивно ќе биде народот, па и ние засегнати. не само да не се јавиме на пописот, туку и да го повикаме народот во нашите епархии да го бојкотира пописот“, изјави владиката Петар за телевизија Алфа.
По изјавата на владиката Петар дека епархиите на МПЦ-ОА ќе го повикаат народот да го бојкотира пописот,  се огласи министерот за правда, Бојан Маричиќ. „На пописот во април ќе има графа за национална и верска припадност.  Очекувам сега, владиката Петар, за доброто на државата да ги повика верниците масовно да го поддржат пописот“, напиша Маричиќ на Твитер.

Дијаспората ќе има право на избор

Пописот треба да се спроведе од 1 до 21 април годинава. Премиерот Зоран Заев денеска повтори дека и за пописот, дијаспората може да се изјасни од земјава или од странство каде што живее. „И досега нашата дијаспора имаше опционо право на гласање – да гласа преку ДКП-ата, каде што е, или дома. Ако го искористи правото и се регистрира навреме, согласно Изборниот законик, да гласа во дијаспората, ќе си гласа таму, а ако не се регистрира, и останува само првато да гласа дома“, рече Заев. Тоа, според него, нема никако да влијае врз спроведувањето на пописот во државата.

-повеќе на темата: Попис од 1 до 21 април - иселените над една година не се резиденти

Македонски граѓани кои живеат надвор од државата повеќе од една година ќе бидат попишани како нерезиденти. Ова важи и за граѓани со бугарско државјанство и за дијаспората од други етникуми од Македонија кои живеат во Европа, Америка и на другите континенти. Во оваа сложена статистичка операција ќе се попишуваат резиденти, нерезиденти и вкупно население. „Пописот е обврска и треба да се спроведе затоа што сме единствена држава без попис во Европа, па срамота е да правиме експерименти. Тој што е иселен повеќе од една година се смета дека не е резидент и на пописот ќе пишува дека е иселен повеќе од една година, тој дел е јасно решен и за сите етнички заедници“, порача вчера премиерот Зоран Заев на отворањето на новите просториии на Министерството за политички систем.
Заев тогаш информираше дека се прават напори да се обезбедат најмалку 5.000 апарати за отпечаток од прст, за да може да биде вградено и тоа барање на опозицијата.

Се чека на законот

Државниот Завод за статистика е целосно подготвен за спроведување на пописот, во контекст на методолошкиот и техничкиот дел на статистичката операција, вели директорот на Заводот за статистика, Апостол Симовски, кој денеска ги информираше претседателот Стево Пендаровски и министерот за правда Бојан Маричиќ за подготовките кои течат со месеци. 

Mazedonien Skopje Passanten
Законот за попис е во собраниска процедура, а на седница се очекува да се најде кон средината на јануариФотографија: DW/Petr Stojanovski

Симовски, како што информираа од кабинетот на Пендаровски, изразил очекување дека наскоро ќе биде донесен законот за попис, со цел навремено и адекватно постапување. Пендаровски очекува дека во новото законско решение ќе бидат вградени највисоките статистички стандарди на Евростат, со цел да се реализира валиден и кредибилен попис, како што соодветствува за една демократска држава.

-повеќе на темата: Во „5 до 12“ и отпечатокот ќе влезе во пописот

Законот за попис е во собраниска процедура, а на седница се очекува да се најде кон средината на јануари. Во последниот извештај на ЕК беше нотирано дека земјава мора да спроведе попис на населението во текот на оваа година. Според надлежните, оваа статистичка операција ќе биде спроведена од Државниот завод за статистика како овластен носител на статистички истражувања. За разлика од претходните, овој попис ќе има неколку новини. Главната новина е што ќе се спроведува со т.н комбиниран метод, нешто што до сега не било практика, а било практика во други земји. Овој метод подразбира истовремено попишување на терен со оној класичен метод, интервју лице во лице, но и користење податоци од регистри, односно бази на податоци.

-повеќе на темата: Главоболки околу пописот 

Пописот ќе се спроведува со електронски прашалници, со користење на ИТ- технологија, и според стандардите на Еуростат.Целокупната територија на државата ќе биде поделена на 45 пописни реони во којшто ќе се формираат т.н регионални пописни комисии кои имаат функција да овозможат логистика на целокупната операција. Во статистичката операција ќе учествуваат околу 6.000 лица, околу 5.000 попишувачи, околу 500 реонски инструктори и околу 200 државни инструктори и членови на комисиите. Пописот ќе чини 8,5 милиони евра, а предвидено е резултатите од него да бидат достапни 6 месеци по завршувањето на процесот. Пописот од 2002 година е последниот што е спроведен во земјата. Неславно заврши планираната и започната но незавршена статистичка операција во 2011 година.