Кандидатите за наследници на Меркел го осудија национализмот
24 јуни 2021Во критички интониран говор, главниот кандидат на партијата на Меркел на изборите потсетуваше како советската блокада на Западен Берлин ја покажала важноста на меѓународната соработка.
„Тоа беше напад врз слободниот свет“, рече Армин Лашет пред пратениците во Бундестагот потсетувајќи на 73 годишнина од почетокот на блокадата. Тогашниот СССР ги затвори сите приоди до Западен Берлин, а блокадата која траеше речиси една година беше надмината благодарение на огромниот напор на западните сојузници кои со авиони пренесуваа основни намирници и стоки до опколениот град во операцијата наречена Берлински воздушен мост.
„Воздушниот мост беше отелотворување на испружената рака на САД, Велика Британија, Франција и други земји“, рече Лашет, кој е актуелен премиер на најбројната германска покраина Северна Рајна Вестфалија и наследник на Меркел на кормилото на конзервативната ЦДУ.
„Тоа ни покажа дека кога либералните демократии работат заедно, тогаш нема шанси за поделби и судири“, рече тој.
Лашет остро ја нападна и радикалната Алтернатива за Германија, која неодамна усвои програма која вклучува заминување од ЕУ.
„Потребна ни е повеќе Европа од било кога“, рече тој, обвинувајќи ја АфД дека им наштетува на германските интереси.
„Нема да дозволиме еден смртоносен вирус, ниту пак ширењето анти-европско расположение и скепса, и секако не популисти и националисти, да ја уништат оваа Европа“, рече Лашет.
Кон поддршката за ЕУ се приклучија и кандидатите за канцелар на Социјалдемократите, Олаф Шолц, и на Зелените Аналена Бербок. Шолц ја поздрави одлуката на ЕУ за заедничко позајмување пари- идеја која Германија долго ја отфрлаше- за потребите на фондот за опоравување од пандемијата, но ја повика ЕУ да најде решенија за политичките проблеми, вклучително и за миграцијата.
Говорејќи за време на парламентарната дебата за ЕУ, Бербок рече дека Унијата мора да пронајде „јасен јазик“ во однос на нарушувањата на човековите права меѓу своите членки. Таа ги критикуваше новиот закон во Унгарија со кој се ограничува издавањето материјали кои наводно промовираат хомосексуалност, како и односот на хрватските власти кон мигрантите на границата.