Короналицемерие
13 март 2020Случајот сакаше во рок од 24 часа на крајот на февруари двајца политичари да се мајтапат со коронавирусот и од него да прават политички спектакл. Два случаи кои навидум немаат ништо заедничко, но говорат за две различни насоки во кои политичарите ги водат државите и своите граѓани. Обете неодговорни, паушални и опасни.
„Ќе исчезне“, им порача Доналд Трамп на своите поддржувачи на 28 февруари. „Еден ден, ќе биде како чудо, тоа ќе исчезне“, убедуваше американскиот претседател. Од неговиот штаб обвинуваа дека предупредувањата од Ковид-19 се „нова измама“.
Десетици илјади километри подалеку и еден ден претходно, и Христијан Мицкоски ги убедуваше своите поддржувачи и јавноста дека коронавирусот е некој вид измама, која има за цел да ја спречи мобилизацијата на неговата ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на изборите.
„Најсреќни би биле исплашените од СДСМ да го користат коронавирусот како изговор за ВМРО-ДПМНЕ да не го мобилизира народот и претпоставувам дека тие молеа Бога да се случи сето ова за да може ВМРО-ДПМНЕ да не излегува заедно со народот и да протестира против она лицемерие кое денеска е секојдневие во Македонија“, рече Мицкоски на 27 февруари.
Едвај нешто повеќе од две недели подоцна, американската берза ита кон дното, а со неа и рејтингот на Трамп чии советници сега брзаат да го обвинат потенцијалниот противкандидат на изборите Џо Бајден дека ја политизира темата и се чудат како да им ја објаснат потребата од драстични мерки на граѓаните на кои до вчера им порачуваа дека нема од што да се плашат.
И кај нас ете, конечно се исполни „пеколниот план“ на Владата за да го спречи народот да протестира заедно со ВМРО-ДПМНЕ.
Откако беше евидентиран првиот случај на коронавирус во земјава, нема ден, а некој од портпаролите или повисоките функционери на ВМРО-ДПМНЕ да не излезе со изјава или обвинување. Најчесто на сметка на министерот за здравство Венко Филипче. Еден ден се бара оставка, друг ден паѓаат закани со затвор.
„Ќе одговараат оти задоцнија со мерките против коронавирусот“, порачува генералниот секретар Игор Јанушев додека партиските портпароли шетаат на релација аеродром- Бела палата и пребројуваат патници, маски и кривични пријави.
Политичкото салто-мортале го достигна врвот кога партискиот лидер Мицкоски предложи и прогласување кризна состојба и сет-мерки за економијата и другите сектори.
„За здравјето на граѓаните се работи“, гласи новата мантра.
За споредба, во земјата на Трамп досега се евидентирани над 1.600 случаи и 40 жртви. Во Франција, Шпанија и Германија бројот на заболени надминува 2,000. Да не зборуваме за Италија каде само бројот на жртвите достигна 1,000. Канадскиот премиер Џастин Трудо замина во самоизолација, откако неговата сопруга имаше позитивен тест. Врвни спортисти насекаде низ светот се во карантин. Над 5,000 мртви и 140 илјади заразени ширум светот. Германската канцеларка Ангела Меркел на своите граѓани дури отворено им порача дека постои опасност 60 до 70 проценти од нив да се заразат.
Па сепак, од никаде не слушнавме закани со кривични пријави и барања оставки кон министри или доктори среде една од најголемите и најопасни глобални пандемии.
Далеку од тоа дека состојбата во земјава е идеална, но Македонија не е изолиран остров во Пацификот, ниту може херметички да се затвори за да се спречи влез на опасниот вирус. Но само кај нас некој одлучи од кризата да прави политички капитал.
Можеби навистина во опозициската партија преовладала загриженоста за здравјето на нацијата, но начинот на кој таа се манифестира во настапите и интонацијата не емитува никаква смиреност, ниту пак верувам дека влева сигурност во истенчените нерви на граѓаните во овие тешки моменти. Напротив, се сее паника и се нарушува и онака кревката доверба во институциите. Доколку целта е да се намалат стравот и вознемиреноста кај граѓаните, резултатот е обратен. Доколку пак целта е во вакви мигови да се заработуваат политички поени, тоа е едноставно одвратно. Круна (корона) на политичкото лицемерие. А тоа, порано или подоцна, секому ќе му се удри од глава.