1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој е денот Д за телефонскиот разговор на Заев и Ципрас?

1 јуни 2018

Според грчки „Катимерини“ тој може да се реализира и во наредните неколку часа, но на домашен терен сѐ уште нема потврда дали се исполнети условите за финален разговор меѓу двајцата премиери

https://p.dw.com/p/2ylTP
Der mazedonische Ministerpräsident Zoran Zaev mit seinem griechischen Kollegen, Alexis Tsipras in Sofia
Фотографија: DW/B. Georgievski

Премиерот Зоран Заев до синоќа не го реализирал клучниот телефонски разговор со грчкиот колега Алексис Ципрас,  по кој би било јасно дали предлог-рамката за решавање на спорот води кон финален договор. 

„Не, се уште не сме разговарале. Тимовите работат на договорот, на принципите, на тоа што е разговарано. Веднаш штом ќе се оствари разговорот јас ќе ја информирам македонската јавност“, рече синоќа премиерот, одговарајќи на новинарско прашање.

Тој не го коментираше предлогот во контекст на опсегот ерга омнес, како што рече, „за да му даде шанса на преговарачкиот процес“.

„Се надевам дека денови се во прашање, затоа што следува Самитот на ЕУ. Јас верувам дека ќе се изнајде решение. Тоа е многу важно, да има решение кое ќе биде масовно поддржано од граѓаните и од сите политички партии. Но, да му дадеме шанса на процесот“, порача премиерот.

Телефонскиот разговор Заев-Ципрас беше најавуван дека ќе се одржи „во средината на неделата, најдоцна до четрток, петок“.

Извори упатени во разговорите тврдат дека  двајцата премиери се во „фреквентна комуникција“,  односно дека е извесно оти консултативни телефонски разговори меѓу нив се одвиваат секој ден. Но, фокусот е насочен кон разговорот во кој тие би утврдиле дека се затворени сите прашања, по што, според најавите, треба да закажат средба (планирана во Преспа),  на која и официјално ќе соопштат дека е постигнат договор.

Mazedonien - Gjorge Ivanov - Albanisch zweite Amtssprache
Претседателот Ѓорге Иванов изјави дека „не прифаќа решение за прашањето за името за севкупна употреба“Фотографија: picture alliance/AP Photo/D. Vojinovic

Ветото на Иванов 

Засега нема коментар на македонските власти како врз процесот на финални консултации се одразува изјавата на македонскиот претседател Ѓорге Иванов дека „не прифаќа решение за прашањето за името за севкупна употреба“. Тоа значи дека тој не би ставил потпис на законот за ратификување на договорот меѓу двете земји, ако во него се предвидува опсег на употреба на името „ерга омнес“. Ваквиот став Иванов го соопшти завчера, а го повторил и на вчерашната средба со министерот за надворешни работи Никола Димитров. Од Кабинетот на претседателот во соопштението објавено по средбата нотираат дека Димитров „усно“ го информирал претседателот за последните случувања поврзани со разговорите за името, „без притоа да приложи каков било писмен документ“. Иванов нагласил дека „целиот процес наликува на личен договор меѓу премиерот Заев и премиерот Ципрас, за што нема обезбедено национален консензус во Република Македонија".

„Мојот став е дека не прифаќам решение за прашањето за името за севкупна употреба, или ерга омнес“, повторил Иванов на средбата, и потенцирал дека „склучувањето на меѓународен договор треба да биде во согласност со Уставот на Република Македонија, а не да предвидува негова измена“.

Димитров по средбата изјави дека за името е потребна највисока одговорност од сите политички фактори во земјава.

„За ова исклучително значајно прашање, што нè влече надолу и ни ја попречува иднината повеќе години, потребно е лидерство. Доколку најдеме начин да го затвориме проблемот со зачувување на идентитетот и достоинството, сите заедно ќе бидеме на вистинската страна на историјата“, рече Димитров.

Flaggen von Griechenland und Mazedonien
Фотографија: Colourbox

Внатрешни преговори

Грчките медиуми втор ден по ред информираат за „ветото на претседателот на ПЈРМ“, а дел и коментираат дека во завршната фаза на разговорите ваквиот чекор на Иванов ги носи разговорите пред нови пречки и неизвесност.

„Македонскиот премиер е во паралелни внатрешни преговори. Ако, и само ако победи во внатрешната битка, може да дојде 'бел чад'“ пишува „Прототема“. 

Според „Катимерини“ името „Република Северна Македонија“ било доминантно од трите решенија кои останале на преговарачката маса, и „за тоа биле потрошени последните 24 часа во разговорите помеѓу Грција и ПЈРМ“.

„Следниот очекуван чекор е телефонската комуникација помеѓу двајцата премиери Алексис Ципрас и Зоран Заев, која може да се реализира и во наредните неколку часа. Во секој случај, основниот предуслов е да се обезбеди ерга омнес и уставна ревизија во ПЈРМ, предизвици со кои очигледно мора да се соочи премиерот Заев ако сака да го финализира договорот со Грција“, пишува весникот.

Поддршка од САД за разговорите

Во меѓувреме, од стратегистите пријатели на Македонија стигнуваат нови пораки на охрабрување.

„САД и натаму ги поддржуваат актуелните преговори под водство на Обединетите нации за проблемот околу името на Македонија“, соопштија од Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски јазик, нагласувајќи ја поддршката за решение на овој долгогодишен спор.

„Се надеваме дека лидерите на Македонија и Грција ќе најдат заеднички прифатливо решение за проблемот со името, што ќе биде во интерес на евроатлантската интеграција, економскиот просперитет, мирот и стабилноста во регионот“, соопшти Стејт департментот.