Пинг-понг меѓу Атина и Скопје
31 мај 2018Нов пресврт во разговорите за името. Вака грчките медиуми го оценуваат соопштението од Кабинетот на македонскиот претседател, дека „не прифаќа решение за прашањето за името за севкупна употреба или ерга омнес“. Иванов денеска треба да има средба со министерот за надворешни работи Никола Димитров, на која тој ќе го информира за текот на разговорите за името. Но, уште пред да се одржи средбата и да ги слушне деталите, Кабинетот на Иванов вчера се огласи со соопштение.
„Ставот на претседателот Иванов е принципиелен, а воедно и конзистентен со ставовите на сите досегашни претседатели на Република Македонија. Тој став е дека претседателот Иванов не прифаќа решение за прашањето за името за севкупна употреба или ерга омнес“, се вели во соопштението.
Од друга страна, опозициската партија „Нова Демократија“ изрази сомнеж дека не е обезбеден опсег за севкупна употреба на името за кое се разговара. Цитирајќи ги вчерашните изјави на македонскиот премиер Зоран Заев („Македонскиот јазик е потврден. Идентитетот наш македонски е потврден. Граѓаните го имаат конечниот глас на референдум“) „Нова Демократија“ ѝ постави четири прашања на грчката влада.
„Дали Ципрас веќе го прифатил признавањето на 'македонскиот јазик и македонскиот идентитет' на нашите соседи? Дали Ципрас се откажа од ерга омнес, што треба да обезбеди името да важи за севкупна употреба? Дали Ципрас веќе се заложил да му дозволи на Скопје да влезе во НАТО пред да бидат отстранети сите неприфатливи членови од Уставот на ПЈРМ? Ако сето ова е договорено од страна на Ципрас, тој ја обврзал Грција без поддршка дури и од неговата влада. И дали она што го вели г-дин Заев, исто така го потпишал и Каменос? Ципрас и Каменос мора веднаш да ги информираат грчките граѓани и да престанат да се кријат“, реагира опозициската Нова Демократија.
Охрабрување од ЕПП
Медиумите коментираат дека ваквите изјави и прашања предизвикаа брза реакција на грчката влада, која повторила дека „нејзината позиција е јасна: Предуслов за решение и за интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ е договор за сложено име со географска или временска одредница, за севкупна употреба , што исто така бара уставна ревизија“.
Овие реплики и контра реплики во некои медиуми го добија епитетот „пинг-понг партија“, од која на двете страни треба да им биде јасно дека не се отстранети сите пречки за решавање на проблемот. Покрај фактот дека Скопје не може да обезбеди консензус за уставна ревизија, се нотира и податокот дека македонската опозиција досега не прифатила ниту едно од имињата кои биле понудени во пакетот на Нимиц. Поради ова, сметаат дека на Заев ќе му треба време да креира погодна клима во домашната јавност, што е неопходно и за гласањето во парламентот, и за позитивен исход на референдумот. Пред сличен предизвик сметаат дека е и Ципрас, особено по најавените протести за зачувување на името Македонија како ексклузивно „грчко“.
Во политичките кулоари надежта е свртена и кон јакнење на климата за договор и преку значајни пораки кои се очекува да стигнат, односно кои веќе стигнувале од Европската народна партија до нивните сестрински партии во двете земји, со став дека ова не е прашање на кое партиите треба да инвестираат во антагонизми, бидејќи отвора добрососедски, регионални и европски перспективи. Но, засега нема многу видливи ефекти дека таквите пораки стигнале и фатиле корен.
„Процесот почнува да создава несакани ефекти и во двете земји. Како нус- продукти излегуваат мешани пораки во однос на договорот, кој уште пред да стане договор, произведува иритација кај јавноста. Опозициите тоа го користат исклучиво за кревање на својот рејтинг во 'одбрана' на националните интереси. Додека властите се посветени на најчувстителните прашања од договорот во т.н. 'конструктивна тишина' со цел да не се наруши процесот, останува 'празен простор' во кој манипулции шират и структури кои не сакаат овој договор да се случи. Обврска на властите и на сите проевропски фактори е да ги демаскираат таквите манипулации“, коментираат за ДВ релевантни познавачи на процесот.
Повеќе:
Дали Заев ќе го пресече молкот?
Ќе стигнат ли Заев и Ципрас до Преспа или ќе ја пропуштат историската шанса?
Патоказ за чекорите
Не стивнуваат ни шпекулациите за евентуалното име кое е предмет на разговори. Весникот „Та неа“ пишува дека според неофицијални информации се чини дека е постигнат компромис за името „Република Северна Македонија“ или алтернативното „Република Горна Македонија“, за меѓународна и внатрешна употреба.
„Сепак, официјално Атина избегнува било каков коментар за договорот“, пишува весникот. Но, навестува дека по долгоочекуваниот телефонски разговор Ципрас-Заев ќе биде одреден патоказот за следните чекори: ако премиерите на двете страни се договорат дефинитивно, се очекува симболичен состанок за формализирање на решението. Текстот на договорот ќе биде ратификуван од Собранието на Република Македонија, депониран во Обединетите нации како анекс кон извештајот на Метју Нимиц до Советот за безбедност. Атина, исто така ќе испрати писмо до генералниот секретар на НАТО, во кое ќе информира за постигнатото решение, што е основен услов да се даде покана на Македонија за влез во НАТО. Слично писмо ќе биде испратено од грчката влада до ЕУ. Клучниот момент ќе биде одредувањето на рокот во кој соседната земја мора да направи уставни измени за да се гарантира примената на новото име. Весникот пишува дека во овој момент не се знае колкав би бил тој рок, но според одредени информации, можно е Атина да понуди 12-месечен рок за завршување на уставната ревизија.
Заев поддржан да носи одлуки
Дебата за разговорите за името се отворила синоќа и во партиските органи на владејачкиот СДСМ. Заев побарал, и добил поддршка од партискиот Централен одбор, кој му го „пренел целосно правото на претседателот на СДСМ да носи одлуки во врска со проблемот што Грција го има со нашето уставно име, со цел да се обезбеди подобра иднина на Република Македонија“.
„Никогаш досега не сме биле толку блиску до решение, но и никогаш претходно немало толку големо пријателство меѓу Македонија и Грција од ова денес. Очекувам тоа да придонесе да дојдеме до решение кое не само што нема да го загрози, туку дополнително ќе го зајакне нашиот идентитет. Постои можност за решение кое граѓаните треба да го потврдат на референдум. Граѓаните очекуваат лидерство и затоа сме подготвени да водиме, да ги охрабриме граѓаните да дадат поддршка. Затоа вечерва ја очекувам и поддршката од Централниот одбор“, рекол Заев.
Притоа потенцирал дека вистински патриотизам е да се обезбеди иднината на земјата, на граѓаните.
„Со решението добиваме покана за членство во НАТО и се отвора можност за почеток на преговори за полноправно членство во ЕУ. Со тоа ќе се осигура нашата, но и иднината на идните генерации. Тоа значи сигурност но и повеќе инвестиции, стабилност но и забрзан развој, економски силна Македонија“, нагласил премиерот и лидер на СДСМ.