Воинот на коњ – МАНУ под коњ
14 април 2021Култот на Александар Велики и идентификацијата со него, во принцип е типичен пример за посредствена самоидентификација на инфериорна, комплексирана личност, која има потреба од позајмена величина. Во оригиналната, грчка верзија на оваа самоидентификација Никос Диму препознава автопортрет на ново-Гркот како личност-сенка, Караѓоз кој вообразува дека е Александар и така си ја олеснува душата што не е голем како него и што заостанал зад современиот Европеец.
Нашиот плагијат на грчката верзија, кристализиран во Воинот на коњ, внушува понепосредна и нагледна метафора во коњот како метафора, што е дел од самата скулптура и има своевидна фолклорна традиција. Тоа прекрасно животно заслужило ласкава метафора во изреката „И ние коњ за трка имаме“, што ја истакнува неговата атлетска доблест, но со оглед на неговата скромна умност што му ја доделила мајката природа, тој се употребува и како негативна метафора, еуфемистички кажано, за личност која потфрла како homo sapiens.
Така, значи, Воинот на коњ е чедо на коњ, што, јавнат од него, блада дека е Воинот. Тоа Воинот на коњ го прави воин-коњ, божем е некое митолошко создание и истовремено создател на митологија.
Под нозете на коњот, на постаментот, е аплициран релјеф со приказ на македонската фаланга – опиум за самопрепознавање во неа на партиското членство како припадници на имагинарното царство на Воинот, односно на коњот што се мисли за Воинот.
Постаментот завршува како огромен послужавник во бела боја, дел што доминира на скулптурата и драстично ја дели на горен и на долен свет. Вооружените фалангисти се упатени кон земјата, Воинот со се` коњот е устремен кон небото, со високо крената рака, со сабја во неа. (Отспротива, преку Вардар, фигурата на таткото на Воинот, исто, се топори со сабја. Само мајката не е вооружена. Нејзината мисија е сугерирана преку доењето на идниот Воин.)
Оваа вертикала, со милитаристичка симболика, Воинот-коњ ја сублимира во менталитет па ја преточува во партиска и во државна организација. Ако историскиот Воин елинизмот го развил во светски процес, коњот-Воин, обратно, ја оттргна државата од општата цивилизациска река, ја затвори како кожурец и се фрли на (п)освојување на нејзината свила.
Се разбира, објективно тоа претставува државен удар – негација на уставното уредување. Европа го нарече „заробена држава“. Таа пасатистичка егзотика си порача и доби домашен и европски одговор во вид на санкционирање на партиската и државна елитна ергела како „злосторничко здружение“. Новата власт, посредувана со поривот на правдата и мирот, секавично го отвори кожурецот и ја врати државата во европското и евроатлантското течение, со јазикот и духот на ЕУ и на НАТО. Дијалошката култура, применета во двата меѓусоседски договора, и` донесе на државата авторитет без преседан. Но ако Брисел, дури и Гутереш и` се радуваа на толку добрата вест од малата држава, имагинарното царство се зави во црно. Ослободувањето на државата, од „перспективата“ на кожурецот тоа го доживува како велепредавство. На реалноста на членка на НАТО и на утрешен конститутивен дел на обединета Европа, каде ќе го споделуваме заедно со другите делови доброто и лошото, нашите Хунзи им ја претпоставуваат блажената состојба на митолошкото создание. Самозатворањето, изолацијата на тоа создание, ним не им пречи да го восприемаат како самодоволна величина што се протега вон просторот и времето на актуелната држава. А реалното отворање и интеграцијата во големата заедница да ги доживуваат како крај на светот.
- претходни колумни: ВМРО-ДПМНЕ: Партија или здружение на ментални затвореници?
На преден план на овој коњски оксиморон се најде актуелниот челник на МАНУ, верувам, заслужно име во електротехниката, но апсолутно некомпетентен во доменот на хуманистиката. Неговите коментари се надоврзуваат на низата резили што на МАНУ и` ги нанесоа неговите колеги со „дешифрирањето“ на Каменот од Розета, со Македонската енциклопедија, со идејата за делба на државата. Тоа го проблематизира не предметот на коментарите, туку самите коментари и институцијата од која се настапува. Не името на МАНУ, туку академизмот. Вокацијата и организацијата на МАНУ. И зошто МАНУ јаде од буџетот на државата.
Инсталациите на ергелата во државните институции и ваквата нивна академска поддршка, генерираат атмосфера на опортунизам околу Воинот на коњ. Прават да го трпиме тој симбол на одродба и да ни` се подбива од небото Каравангелис, неговиот иницијатор. И, уште, да ни се лути ново-Гркот. И да ни се чуди светот.
Димитар Димитров поранешен професор на Филолошкиот факултет во Скопје, амбасадор во Руската федерација, министер за образование и наука во првата експертска влада и поранешен потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ