Москва објави заземање на Мариупол
21 април 2022Претседателот на Русија, Владимир Путин, на денешната средба со рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, наредил да се откаже планираниот напад врз железарницата Азовстал во Мариупол и му честитал за воспоставување на контролата над овој град, соопшти Кремљ.
„Предложениот напад на индустриската зона го сметам за несоодветен. Ви наредувам да го откажете“, рекол Путин. Тој додал дека треба да се мисли на спасување на животи и на здравјето на руските војници и офицери.
„Нема потреба да влегувате во тие катакомби и да лазите под земја низ тие индустриски објекти. Блокирајте ја оваа индустриска зона, ни мува да не прелета низ неа“, рекол Путин.
Шојгу навел дека руската војска ја преземала контролата врз Мариупол, а оти „остатоците“ од украинските сили се кријат во железарницата.
Путин му честитал на Шојгу на „успешното ослободување над Мариупол“ и му наредел да се повикаат сите кои сѐ уште не го положиле оружјето да го сторат тоа.
Повеќе: Зошто Мариупол му е толку важен на Путин?
„Руската страна ги гарантира нивните животи и достоинствен третман во согласност со релевантните меѓународни правни акти. На сите повредени ќе им биде пружена квалификувана медицинска помош“, додал Путин.
Претходно, украинската страна предложи преговори за судбината на борците и спасување на цивилите кои се засолниле во челичарницата Азовстал.
Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук пак денеска побара од Русија итно да дозволи евакуација на цивилите и ранетите војници од опколената фабрика за челик Азовстал во Мариупол преку хуманитарен коридор.
„Има околу 1.000 цивили и 500 ранети војници таму. Сите тие треба да бидат извлечени од Азовстал денеска“, истакна Верешчук.